ОКО
Окото движечко – знак е,
задниот блесок на сонцето – негова сопственост!
Зелено, сино, црно или кафено – боја, самобоја…
Радосно, копнежливо – ехо на љубовта!
Тажно, плачливо – ја мие душата.
Битисува окото – разговорот не е потребен…
Поради него Фауст повторно би танцувал со ѓаволот.
Клуч на телото окото е – вели љубовникот.
Не, не, на душата е! – вели уметникот.
„Трагедијата“ е само збор.
Па, сепак, човештвото продолжува да талка
и да го бара куферот
во кој се носело
духовното око на мудрецот.
БАГДАД-КАФЕ
Поделен град…
Дојден од спротива низ овие улички со калдрми
простум се осамувам.
Чаша чај во оазата за дружба.
Багдад-кафе!
Кадар од филм,
лик од романите на Достоевски,
ориентален вкус на градбата
и запис за минливоста н анамерникот.
Парцијализираните сликички од животот
како расцепкана куфер-меморија
го бомбардираат мојот ум.
Го нема ликот на русокосата.
Болката надоаѓа и тивко ме облева.
Не ме заштитува ниту окото
од знакот на влезот
во Безистен каде што е Багдад-кафе,
ниту сината амајлија на градите
со разнебитено јаство.
Копнеам по лагата наречена среќа.
ВЕТАР ВО КУФЕРОТ
Потонат во својата мака
заборавив на хоризонтите на слободата
заробена во остареното митело.
Душата ми кревка
не патуваше веќе качена на облак.
Си помислив –
можеби ми треба помош?
Ја допрев тастатурата
и како гулаб пуштив
еден мејл доТебе…
Белки ќе го победиш
своето его и ќе донесеш
малку свеж воздух
во стариот ти црвен, женски куфер…
Те видов на Фејсбук
како радосно ловиш
ветар на планината над Вардар…
И сè во името на една врска
што некогаш бујно
цутеше…
ТАЛКАЧОТ СО КУФЕР
Не доталка
колку што беше наумил…
Или куферот беше претежок
или, пак, неговата душа беше премногу кревка.
Го надвјасаа вистините на животот,
тежеа како нескршливи камења
и му го затворија третото око на талкачот.
Не ја довиде смислата на талкањето.
Сега точно знае кој е и што е за другите,
но кој е за себе, сè уште НЕ!
Прашањата што си ги постави
останаа да лебдат
меѓу синото небо и црвената земја,
онаму каде што се допираат во хоризонтот.
Одговорите ќе ги закопа со своето тело,
на меѓникот
меѓу полето на вистината
и атарот на лагата…
Но тие прашања
еден ден повторно ќе се родат
и ќе се разгорат во главата
на новиот талкач…
Беше сигурен дека ќе дојде
надобудниот момок кој ќе сака да знае…
Самозалажување или капка надеж? Којзнае…
Та нели надежта последнаумира, си рече.
ЗАГАТКА
Еден воз се труска од Запад кон Исток
и носи посебно вреден патник,
повеќе од еден куфер, полн со мисли,
го стеснува купето на малата дама.
Еден голем, империјален град
нагостува еден писател светски.
Еден солиден хотел и
ноќобдеења во резиденцијалниот апартман.
Цел топ бели листови,
неколку шишенца мастило,
сино како окото на ноќното небо,
и посребрени пера Mont Blanc…
Се пишува за едно убиство.
Осомничени се повеќе од еден патник,
во измислен воз што оди под Алпите
кон „Земјата на петелот“.
Се раѓа планетарен роман
додека се слуша првото кукуригање
и возот не запирливо јури кон изгревот.
Неодговорени прашања лебдат во воздухот…
Навистина, каква ли магија стави Агата Кристи
во раскошните купеа на Ориент експресот,
па сè уште не е откриен убиецот?!
СИНИОТ КУФЕР
Допатува еден ден од синилото на Босфорот,
како сина мисла и лисина птица.
Дали преку пената на морскиот бран
или низ здивот на источниот ветар со мирис на сол,
не знам, ниту пак дознав која мантра го донесе
тој син куфер во кој почиваа врамени
мечтата, сонот и желбата.
Ниту мал ниту голем, ни праќач ни адреса.
Ми стоеше пред вратата долго пред да го отворам.
Чуден подарок – си велам и ми текнува
на зборовите на еден јасновидец
што сите го мислеа за обичен белобрад старец:
„Човекот го добива токму тоа
што неговиот ум го замислил и посакал.
Непознатите подароци во животот се како комета
која го слушнала тајниот звук на твојата мисла,
само треба да ја фатиш, оти брзо се гасне…“
Го отворив куферот точно на полноќ.
Внатре видов голема книга, со тврди корици
извезени во сите постојни и непостојни бои,
а во неа – прекрасни бели страници
оставени неиспишани…
Книгата „Куфер“ на Ерол Туфан е во издание на издавачката куќа ПНВ Публикации, 2022 годиниа.
ЕРОЛ ТУФАН (1959, Гостивар), поет, есеист, преведувач. Во 1992 година се иселил во Турција. Студирал право во Скопје и Конија. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Досега во Скопје на македонски ги објавил: книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и повторно во 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ (2020) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021). Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија/Melankoli“ (2020) објавена во Скопје. Изборите „Еролтрагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) му се објавени во Србија. Ја приреди и во 2019 ја објави книгата „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Во Истанбул објавена му е стихозбирката на турски јазик „Hülyabitince“ (2021).
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење Књижевника Србије и на Турскиот вакуф на писателите.