ВЕРУВАЈ МУ НА СВОЈОТ УБИЕЦ
Првиот пат кога замижав и бакнав маж
ја видов мајка ми како се обидува да ме спречи,
го видов татко ми како се обидува да ме тепа,
а јас бев само дух во неговите соништа и не можеше да ме допре.
Почувствував како утробата ми ја менува формата и се трасформира во бебе
та новиот јас може да ми се изроди од стомакот.
Го почувствував сонцето на кожата и внатрешната темнина во главата
како ги експлодира корените на моето постоење.
Типот не беше брадосан и затоа беше полесно.
Острите влака ќе ми ја раскрвареа среќата.
Првиот пат кога водев љубов со маж бев пијан
и наредниот ден си купив розова маичка,
или само тоа така мене ми се гледаше сè розово,
се чувствував како да сум ја победил сината пристрасност и како да сум подготвен
да ги изотпеам сите гласини под тушот.
Чудно е кога посетувам некоја земја, а при тоа знам
дека таму сум нелегален.
Многу е чудно кога ги преминувам границите од она што сум
во она што сакаат да бидам.
Според статистиката јас досега би требало да сум мртов.
Луѓето веруваат дека не заслужувам да сакам ниту да бидам сакан.
Срамота е на улица да си го држам љубовникот за рака
чиниш рацете не ни се кадарни да чувствуваат топлина
надвор од ѕидините на мачо-бајките.
Навредливо е да го бакнам пред деца
затоа што родителите не знаат како да им објаснат
дека нема што да се објаснува кога сакаш некого.
Само да им ги видите очите како ме зјапаат,
молејќи се да им падне незгодно на усните и да престанаме.
И престанувам, престанувам секој проклет пат и ја наведнувам главата
затоа што не знаат како да им објаснат
дека освен љубов постои и привлечност.
Зошто морам да се извинувам за својата сексуалност само кога љубам,
а не и кога само сакам да ебам?
Смачено ми е да бидам прифаќан, сакам да бидам почитуван.
Почитта не е убод од комарец што додева
па по некое време престанува.
Почит е кога чувствуваш дека кожата ти е чиста и заштитена.
Се сеќавам кога со брат ми појдов да му ја измијам раката,
а еден геј тип го допре.
Брат ми мој!
Повеќе сакав да умрам отколку да се појавам пред типот.
И умрев и умирав со години, но си го држев умот заледен
додека не го најдов лекот.
Да се сакам. Да си ги сакам солзите.
Да увидам дека оние кои ме сакаат се повеќебројни од оние кои ме мразат.
Мајка ми, мајка ми моја плачеше како да сум убил
дел од неа.
Никогаш не се почувствува така кога татко ми ја изневеруваш
уште од денот кога се земаа.
Страдаше неколку месеци додека не прифати дека ја сакам,
додека не мислеше дека никој нема да дознае затоа што,
за среќа, живеам во странство.
Не мислеше дека срамот може да патува,
мислеше дека ќе бидам сиромав засекогаш.
Не е таа виновна. Не сум ни јас.
Мајка ми, мајка ми моја ме замислува како да сум болест
во облик на затвор.
Го нарекуваат „ормар“ затоа што нашите хендикепи
наликуваат на ѕвезди скриени на дневно светло,
употребени куршуми што ви ја пробушиле интимноста
кога сте мислеле дека светот е лижавче, а вие огромен пиштол
и секој проклет ден ве потсетувале дека не сте нишот повеќе
од вампир кој постојано живее со помислата за крв.
Живеејќи во простор каде не сте безбедни да чекорите сами.
Не сте безбедни да шетате рака за рака со љубовниците ниту пријателите.
Не сте безбедни да бакнете кого сакате.
Не сте безбедни да го посетите светот,
мора да си намонтирате граници во очите.
Не сте безбедни во ниту една религија, ама очекуваат од вас да бидете верник,
да верувате во својот убиец.
Запомнете, сите пати кога сте се жртвувале
можат да создадат нова религија,
затоа што сте умреле и сте воскреснале повеќе пати од патите
кога сте цицале млеко од мајчините цицки.
Затоа што е проклето чудо што сте се чувствувале како нула
скоро сиот свој живот обидувајќи се да докажете дека заслужувате да бидете
број еден и сè уште никогаш не заборавате да броите
до вечноста на душата.
Не сте безбедни во супермаркет, во музеј, на концерт,
во темна уличка, на училиште.
Безбедни сте само кога се криете,
безбедни сте само кога молчите,
безбедни сте само кога не постоите,
кога не гледате во никого,
кога не се гледате себеси.
Затоа што не постоите ако не чувствувате.
Не постоите кога чувствата ви се забранети.
Не постоите без себеси.
Едноставно, не постоите.
Осудени сме да имаме партнер, затоа што ако немаме,
нè гледаат како да сме проститутки
и божем се разебуваме насекаде и шириме зарази.
Животите ни се темна зандана направена од болка
каде радоста се чини блиску, но векови далечна.
Сега сме XXI век, кога иднината станува минато.
Кога насилната порака може да доведе некого до самоубиство.
Кога дрогите се изговор да си ја напикаш главата во ВЦ-школката.
Кога платите на жените сè уште им се пониски и тоа е прифатливо.
Кога ропството е сè уште обоено во црно во кожата, но не и во срцето.
Кога владите се плашат од анархистите, а не од фашистите.
Кога нацизмот е дозволен, а нарцизмот
секоја ноќ те намамува в кревет.
Кога сè е филтрирано, ама егото сè уште ти расте.
Кога е кул да си ја тепаш сопругата затоа што пријателите
ќе ти дадат причина за тоа, а ти ќе се чувствуваш убаво.
Кул е да си свештеник и да силуваш деца
затоа што црквата ќе ти го спаси размазениот газ.
Кул е да заработуваш газејќи го човештвото
без покајание.
Кул е да ја ебеш планетата со пластични кондоми.
Ама не е кул да си уживаш во родот
без да мора да се објаснуваш.
Сега сме XXI век, кога да сакаш значи да си загрижен,
а да мразиш значи да си херој.
И ова сум јас, се обидувам да постојам, наместо само да животарам.
Препев од англиски јазик: Елена Пренџова
МАКИС МОУЛОС е трингвален слем-поет кој живее во Барселона, Шпанија, а е роден во Грција. Пишува и настапува на шпански, англиски и грчки јазик. Организира слем-настани во Грција и Барселона (на англиски јазик) и е директор на поетско-музичкиот фестивал „Дуенде сешнс“ (“Duende Sessions”) во Барселона.