РАЈСКА КАКАО ПЕСНА, Габриела Стојаноска-Станоеска

РАЈСКА КАКАО ПЕСНА

Зборувај,
кажи што било, кажи каде било, зборувај,
не повторувај, зборувај.
Зборувај, чинодејствувај
не зборувај ама дејствувај.
Моите свежи, сочни песни се исушија
се претворија во зачин за проза.
Залудно ги воскреснувам,
пепелта ја нема формата на живото месо
сеј ја или не на вистинското место.
Просјачката те благословува
на четири различни начини
поминуваш велејќи си „Немам пари“,
а убаво знаеш, во џебот имаш педесет денари.
Па пари ли се педесет денари?
Си се оправдуваш и во право си целосно,
ништо не можеш да купиш со педесет денари
освен чоколадо, и тоа од погрдите.
Таа нема ни десет
те кара супер егото,
не слушаш суперхерои.
Таа нема ни пет,
ти бесрамно продолжуваш напред
и се крстиш пред влезната врата на храмот
а само што ја искрши на чоколадни коцки.
Така не се влегува во рајот,
така се излегува.

     ГАБРИЕЛА СТОЈАНОСКА-СТАНОЕСКА е редовна учесничка на слем натпреварите во Прилеп. Мајка на Гордан и Бјанка, прилепчанка, магистерка по Општа и компаративна книжевност, уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, наставничка по македонски јазик, авторка на збирките раскази „Гола“ (2007) и „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019), збирката „Драми (Трудници/Тајни) (2020) и студијата „Кусиот расказ и сонот“ (2018). Ѝ прави место на женската перспектива во книжевноста, и на уметноста воопшто во светот.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија