СЕГА БИ ПИШУВАЛА ЗА…
Би пишувала за… Не може, мајка сум. Сега не разбираат. Не ги ни интересира. Ама кога ќе разбираат, дали ќе разберат? Би требало, белким, пред книга се растени… Сепак. А да напишам нешто за… Не. До кога ќе ги отворам тие теми? Не ми личи да претерувам, друго е да си во дваесеттите… Ех, колку ми се пишува нешто за… А учениците? Не може наставничките да пишуваат сѐ што ќе им дојде. Се сетив, ќе пишувам за… Не, ќе ги повредам… кого сѐ не сум повредила досега, и нив да ги носам на душа? Знам, ќе направам вака, ќе изгледа како… Пак тука може да се пронајдат… иако тоа нема да биде за нив, и ете ти после муабети отфазла… или прекин на комуникацијата… или непријатели од незнаење.
Вака не настанале недоброј песни, раскази, романи, драми… ниту пак пораснале писателите и писателките…
За што ми се пишува? Што чувствувам? Ми се пишува… ми се пишува за тоа што се сетив некни… И за тоа што пред две недели, лежејќи в кревет готова да заспијам, со крајчето од умот го фатив како ненапишано. И за цел список ситни, мали, обични, здодевни, неугледни или пак извалкани, прогласени за срамни, за црни животни нешта кои сѐ уште не добиле азил во литературата и не си го виделе одразот исплакнат во естетските води. Ми се пишува за мал милион мини мисли кои ги минирам на литературното и полето за културен напредок на народите. И затоа моите раскази ќе останат просечно ѓубре, овде-онде накитено, како искубана, ненегувана, накривена елка со проретчени лампиони, како одвај одржлива скулптура од различни отпадоци… Што сакам повеќе, кога без ќеф ги рециклирам и намирисувам со кружни движења во облаци парфем темите што не ме возбудуваат доволно?
Да си напишам фантастичен расказ, чиста работа. Најбезболно е… Што и да фатиш во рака, и најбанално да е, посипи малку фантастика во прав и остави го на тивко, да крчка. Ама не ми се јаде баш тоа сега… Или пак нешто поврзано со животни, басна, бајка, алегорија некоја… А-а, не ме влече, има други што ги откорнува запрегата…
Напиши нешто убаво, „нешто магично, нешто логично, само нека прозвучи нешто конкретно“… Не мора магично Ребека, не мора логично; нешто убаво може, нешто човечко, топло, што некого ќе го дрмне, ама на светлолилав, мовлестоопоен, трендафилофил-филов начин… Е што е тоа? Како да си го нарачам и наберам од себеси тој пакет-букет?
За што ми се пишува? Оф леле… Поарно да не пишувам ништо. Ќе напишам другпат, кога ќе ми чури налево оџакот и ќе можам да фрлам во огнот што ми душа сака, макар ме мразеле, се запалиле, се загушиле и умреле сите, макар се мразела, изгорела и не постоела јас.
ГАБРИЕЛА СТОЈАНОСКА-СТАНОЕСКА е редовна учесничка на слем натпреварите во Прилеп. Мајка на Гордан и Бјанка, прилепчанка, магистерка по Општа и компаративна книжевност, уредничка на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“, наставничка по македонски јазик, авторка на збирките раскази „Гола“ (2007) и „Приказни за краткоста – раска(з)(ж)и за своја душа“ (2019), збирката „Драми (Трудници/Тајни) (2020) и студијата „Кусиот расказ и сонот“ (2018). Ѝ прави место на женската перспектива во книжевноста, и на уметноста воопшто во светот.