ОБРАЌАЊЕ, Никола Дукоски

ОБРАЌАЊЕ

Е, мој брате Рацине
стиховите твои, завиени, како во ролна полна,
во себе ги носам.
Од зората рујна, до есента тмурна,
светот во војна без љубов се втурна.
А тебе цел свет уште братски ти е
и семето твое, од тутун, преку аргатска мака,
низ вениве ми тече и врие.
Војна без пушки, другарство без друшки,
печалба без збогум Вело.
А тело цело и зрело,
но младеж придушена од јадеж,
без слободна волја и мисла трезвена, полна.

Тутуноберачите и копачите, останаа на нивите,
а ивната мака е иста низ деновите,
штокако грутки, се наредија неископани.
Ленка жива гние, во некоја странска фабрика.
Истата таа, во конфекција шие
и лицето во тага си го мие.

И пак, Бели Мугри даваш име.
Иако, мугрите знаат да бидат
и сиви, и темни, и црвени и тмурни.
И како е, кога не пејат петли всело,
а зората се зори низ полиња и низ гори,
над секој силно светнат ден!

Лево, од твојот гроб Рацине,
е каналот што не води до слободата.
Но никој не го гледа,
зашто е затрупан во лисјата на Лопушник,
во кој, топло се разли твојата крв.

Дејгиди горо зелена,
зошто зрел те зеде од земјава?
Пилците сѐ уште пејат,
но некоја туѓа песна, непозната.
И уште се блиски од печал аргатите,
само не го носат тоа име,
а црнчат по туѓи бели дворови.

Скотски е скотски, животот аргатски,
во маки заѕидан.
И кој раздвои човек од човека со ѕид,
и кој направи капитал,
па од капиталот, капиталистички роб.

Црни горо, црни сестро,
двајцата оцрневме!

 

ОЧАЈ

Големиот руски писател
Александар Сергејевич Пушкин,
наоѓајќи се во карантин поради колера
во 1827 година запишал:
„Дозволете ми драги браќа и сестри,
сограѓани и земјаци, од карантин
да ви го честитам пролетниот празник!
Сè ќе отиде и сè ќе помине,
ќе си отидат и грижата и паниката,
патиштата повторно ќе останат рамни
и градините повторно ќе бидат полни со цвеќе.

Да го повикаме разумот на помош,
да ја победиме болеста со силата на знаењето,
и деновите на тешкиот испит
да ги преживееме како едно семејство!

Ќе станеме почисти и помудри
без да му подлегнеме на мракот и стравот.
Ќе се воздигнеме духовно и ќе станеме
поблиски и подобри едни кон други!

И сите на празничната маса
повторно да му се радуваме на Животот,
и нека на овој ден Семоќниот
испрати парче среќа во сечиј дом!“

Ова пред година дена важеше,
а дека вака ќе биде никој не ќе ме излажеше.
Сега е каде пепел каде јад,
каде привидна глад за нешто добро и ново.
Каде вистинска глад поради беспарица
и истоштеност поради
платено здравствено лекување од свој џеб
на сметка на државата.
Каде навика за работа од дома,
каде гадење од работа по дома,
каде мома без свадба непрославена,
каде слава недославена,
каде веселба во тишина,
каде полни вински шишиња,
каде небришена прашина,
како сите в машина.
Каде настава од дома,
каде губење на контакт со врсниците,
каде зачаран круг,
каде разочаран некој друг,
и на крајот сите во себе, секој сам со себе.

Нема филмови, нема драми
нема детски џагор, нема галами.
Само непријатен мир
како ден на жалост кога има,
таков мир што никој не го посакува.
Нема ноќни збиранки, ни собиранки,
ни друштва, ни игранки, ни пијанки, ни студии,
ни лични слободи без судии, ни каузи
туку сите за узди го чекаме крајот на бескрајот.
Или само мртвите го гледаат крајот на војната,
или војна не е, нема опонент, нема противник
па, добро, замислуваме, тој е невидлив,
тоа што отсекогаш сакал да биде противникот,
еве, го смислија, или сам се појави,
или како и да е… Само крај да е… Кај да е…
Добар крај да е… Всушност нема лоши краеви…
Епа, крај… Без очај.

НИКОЛА ДУКОСКИ е дипломиран психолог, Гешталт терапевт во супервизија кој работи со деца, ја љуби природата и се енергизира со спорт. Прилепчанец кој пее и музицира со уживање. Настапил на националните слем-натпревари што традиционално се одржуваат секоја година во октомври во Прилеп и на кои во 2020 година го освои третото место, а на Единаесеттиот слем-натпревар, по избор на публиката, второто.

 

 

 

 

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија