НЕКОЛКУ ЗБОРА КОН ПОЕТСКАТА ЗБИРКА „ПОЛИТИКИ НА СТРАВОТ“
ОД СЛАВИЦА ГАЏОВА СВИДЕРСКА
Најновиот поетски ракопис на Славица Гаџова Свидерска е надоврзување на нејзините претходни поетски книги што задираат во прашањето за местото на индивидуата во светот, немирот кој го носи современото живеење и двоумењето што е, всушност, животот. Нејзината желба да копа подлабоко од површината, да ги истражува скриените одаи на човековата душа е присутна уште во насловот на стихозбирката „Политики на стравот“. Поетесата е уверена дека поезијата е нејзиното сигурно место, единственото нешто што не се плаши да го прави во свет каде сè е двосмислено: ниту целосно дозволено, ниту целосно забрането.
Верувам дека за оваа поетска збирка долго ќе се зборува за неа и дека ќе се чита, од некои читатели тивко и самотливо, од други гласно, со желба за дискусија по прочитаното – но, едно е сигурно, на сите ќе им дојде како лек во едно време кога никој не знае што е болеста.
Гаџова Свидерска пишува за едно страотно време, време на затворен свет, затворени умови, лажна свесност за природата, заборавени детски сни и многу магла во мислите. Внатрешниот универзум на современиот човек се гради од нејзините зборови, дознаваме за жалта по затворениот свет, дознаваме за дупките во душата, забранетите насмевки кон небото и мртвите што беа живи еден ден – на Духовден.
Славица Гаџова Свидерска е одличен познавач на книжевната теорија. Таа ги владее теоријата на моќта и политиките на стравот, а тоа се огледува во поетската збирка, текстот е полн со метафори, хиперболи и референци на лица и на настани од светската историја, но и од книжевната класика. Поезијата на Гаџова Свидерска изобилува со живи емоции, настани и со ситуации во кои може да се идентификуваме, кои ги препознаваме исто како да сме ги преживеале.
Гаџова Свидерска зборува за деновите што траат како месеци, деновите што се нижат едно по друго, а ние ги чувствуваме како еден огромен товар, темнина што треба да ја оттемнееме – преживееме; ни зборува за надежта што ни е на чекор од нас, ама ете – немаме чекори да ја стигнеме; ни пее за смртта низ вековите за да нè потсети – та не сме само ние, та не сме само тука – секогаш и секаде луѓето се плашеле и од смртта, и од животот.
Во време кога, како што пее поетесата, се тргува и со туѓата болка:
Денес се тргува и со болката
па со еден билет
го купуваш правото
да ги допираш
логорските и војничките униформи
(„По музеите се изложуваат страдања“)
таа ни покажува дека емпатијата ќе нè сплоти и спаси од стравот што ни го копа срцето.
И за тој зрак надеж, од срце фала ѝ.
Маријана Јанческа