КАЗНАТА КАКО ЖИВОТ, Валерија Дамчевска

КАЗНАТА КАКО ЖИВОТ

Прстен.
Веридба.
Нов дом.
Селидба.
Новороденче.
Во базенче.
Коктели.
Прикриени бордели.
Горди родители.
Луксузни родендени.
Партиски определено неопределени.
Според вакцина поделени.
За мотиви неодредени.
Молчење на теми ш’о се општествено забранети – наводно,
дури мирот и хармонијата се сервират нападно.
Стани во време прикладно.
Напиј се кафе.
Запали цигара и чекај да изгори.
Уште 15 минути.
Секако сè е само за да помини.
Продавај слика за емоции шо ги нема.
Биди себичен, не давај – само земај!
Живеј нечиј совршен живот.
За на смртна постела да ти е криво.
Тури си од сортното вино.
Живеј во стилот Carpe diem,
C’est la vie, свечен прием.
Не пробвај да ги разбериш другите,
оправдај ги само постапките.
Молчи за смрт.
Молчи за комар и коцкање.
Молчи за афери и секс недозволен.
Fake насмевки и луѓе за на маса, за журка.
Кој другари, секој само турка.
Непостоечки бајки со некој ш’о си карат мајки.
Фиктивен живот на вага.
Средби без никаква трага.
Наместо име вистинско – клај account.
Измислена именка наречена бунт.
Апатија за секој ден,
порок за секој да е полесен.
Монотонија – најверен другар,
на Данте пеколот – 9 круга.
24/7 достапен за секој,
рефлектирај пекол.
24/7 online – животот offline.
Поглед само ако е со потсмев,
насмевка само ако е лажна,
„Здраво“ – само ако ти одговара,
повратно – ако ми одговара.
Summa summarum:
Приказната е тажна и празна.
Не викај го ова убав живот,
oва е вештачки уба’ казна.

 

СЕКОЈДНЕВИЕТО НА ОБИЧНИТЕ

Експерти во криза.
Умствена парализа.
Резултат: млади пиздат.
Насликај си иднина,
уживај во небиднина.
Уште еден ден помина.
Ги трошиме денојте како пакета цигари
дури чекаме пијани вечери, незапамтени.
Ги турваме чувствата на погрешни места
како вискито на маса.
Како шлајм ги плукаме и непознатите и блиските,
не обрнуваме внимание на мислите.
5 дена на работа,
одмор само во недела и сабота,
за на крајот да не нема.
Да останиме прашина.
Дури проб’ваме да тераме правдина.
Се убедваме само дека е ова сон, одличен живот,
Се задоволваме само со просечно,
а и не ни е криво.
Планираме од денес за утре
оти можи да е полошо уште.
Слушаме вести,
се радваме на некој глуп престиж,
се лечиме со пиво и песни.
Вер’ваме во привремени лаги,
За да избегниме болни вистини,
Дури некој други ни кројат судбини.

ВАЛЕРИЈА ДАМЧЕВСКА е родена во Битола. Валерија е дипломирана економистка која работи во областа на дигиталниот маркетинг. Пишува ангажирана слем-поезија сосредоточена на критиката на општеството и општествениот систем, како и на секојдневието на обичните луѓе. Од 2018 година до денес настапувала на неколку слем-натпревари во Македонија, а на Единаесеттиот слем-натпревар во Прилеп во 2021 година, по избор на публиката, го освои третото место.

 

 

 

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија