ÆNIMA, Гаврило Миловановиќ

БОГОМОЛКА (посветена на балканскиот национализам)

Капки роса на мртвите прсти на асфалтот,
девојче ги држи во раката, ги плаче,
виножита сиви од ладен оган и чад,
модри од чизми изгазени,
од куршуми избодени брат и брат.

Господе повторно ли не заборави
или и тебе ти е веќе преку ореол од нас?
Господе повторно ли не заборави
или само сакаше да ни го погалиш и вториот образ?

Мајките тој ден престанаа да раѓаат,
ѕвездената прашина се престори во земја
од која што никогаш цвеќе нема да блика,
само дрво на смртта Адам што се вика.

По својот татко девојчето гази,
по асфалтни гробови маршира,
во едната рака свеќа држи, во другата крст бетониран.
И како змијата на Ева да ја касна
од клет рафал пламенот од свеќата и згасна.
Ја подигна главата нагоре на дедо боже да се помоли,
вивна во облаците
таму каде кундаците
……………………….се само дрва.
Каде врисокот на мајка и жена сонцето го греат,
онаму каде што и птиците сакаат да се смеат,
но можат само да летаат, никогаш повеќе да пеат.
Ликот на нејзиниот татко го здогледа на клатно, како виси до друг…………

Господе повторно ли не заборави
или и тебе ти се веќе забулени очите од нас?
Господе повторно ли не заборави
или само чекаш да ни никне трет образ?

Затоа што трети раце веќе имаме
и слонови лица и малигни тела,
и крвави вековни дамки свест
и секоја наша душа на тест,
а најмногу од се испотени чела
за да сме достојни на твојата ергела.

Од другата страна девојче лази,
друга божја мрша што гази.
Во едната рака Куран, во другата двоглав орел носи,
и двете глави на орелот в миг куршум ги покоси.
Ја подигна главата нагоре на дедо боже да се помоли,
вивна во облаците
таму каде кундаците
……………….се само дрва,
а мислеше дека беше прва……………..
Ликот на нејзиниот татко го здогледа на клатно, како виси до друг…………

Мајките тој ден престанаа да раѓаат,
ѕвездената прашина се престори во земја
од која што никогаш цвеќе нема да блика,
само дрво на смртта Алах што се вика.

А требаше да летаме змеј,
ми вети,
им прошепна тивко на капките клети,
капките не возвратија, се престорија во црв,
солзите и течеа наназад во очите, како крв.

Мајките тој ден престанаа да раѓаат татковци,
ѕвездената прашина се престори во земја
од која што никогаш цвеќе нема да блика,
само дрво на смртта Човек што се вика.

И години потоа еве не, тука,
ни времето повеќе неќе да чука,
ни дрво, ни бука да раскаже болка,
останавме проклета богомолка…………..

 

БОИТЕ НА ТВОЈАТА АУРА

Потопи ги сите воздишки во моите солзи,
тие плачат длабоко во окното на твојата душа.
Се ронат од дијамантот кој лежи на градите на богородица
врз божилакот кој ја бои космичката љубов од боите на твојата аура.

Таму солзите ни се љубат,
таму ребрата ни се стругаат
а од нивната ѕвездена прашина се раѓаш
слепа,
ти.

Очите ти се песочен часовник.
Го мерат времето а не можат да го видат,
го молат а се бесмртни.

Во нивниот одсјај се гледаат само љубовниците,
оние чиј ирис е разлеан во ултравиолетово LSD.
Тие не ги чувствуваат боите.
Тие, се боите.

А јас сум зрното прашина од кое се раѓаш.
Дијамантот кој те заслепува сум јас,
иако лежам на твоите гради а не гледам во сонцето,
дишам од прегратките на твојата душа.

Сонцето е вештачко.
Ти си вистинската светлина.
И обете заслепувате
но ти не ми ја гориш кожата,
ти ми ја исцелуваш.

Слепа за целиот свет,
прогледана само за мене……

 

ПРВИОТ И ПОСЛЕДНИОТ ЧОВЕК   (Посветено на Калина Велевска)

Кој ќе им се насмевнува на дечињата кога јас не можам?
Не сум роден за да смело си ги покажувам запчињата,
како тебе…….
Цвету мил, кој младоста ја опраши уште пред да те обремени,
кој староста ја дочека без ниту една брчка…
без ниту еден соборен лист…

Кој ќе ги потсетува планините дека се уште постојат луѓе?
Цвету мил, се засади во нив.
Сега секоја година одново изникнувај!
Кале, Калина, Калинка…….
Побогу!
Отсекогаш си била природа.
И првиот и последниот човек……….

Космосот не те загуби среќо,
за него си епифанија.
Тој одново те ужива…………..
Ние сме слаби, па боли.

Уште долго планетата ќе го вреска твоето име
затоа што ни требаш,
да научиме
…………………..да се смееме од почеток.

Метаморфозата на ларвата е најубавата пеперутка,
затоа твојата, мора да е бог.
Ангелите сум начул некаде дека испуштаат по некоја солза……….
Да, бог во некој друг универзум каде што нема да ги земаш прерано таквите како тебе,
каде што нема плачковци како нас,
каде што насмевката е единствената религија……..
Единствениот јазик.

Не, не знаевме да научиме од тебе!
Се уште не знаеме мила,
само ете знаеме да плачеме по тебе
…………………..а не сме ни ангели.

Денеска нашиот бог не собра сите луѓе на земјата и не однесе на едно место,
на еден врв кој иако е строг на кајмак потсетува,
кој иако е убав инкарнациите ни ги пореметува.
Светилиште си му веќе…

Застанавме молчешкум над бездната твоја,
над сртот што веќе Калина се вика
и одеднаш секој еден од нас зарика.
Роди се цвету!
Роди се и пред пролетта те молам!
Го стопивме снегот до пола…..

Ние плачеме а господ врне.
Ние плачеме а господ липа.
Сите заедно чекаме да изникнеш,
од земјината утроба да избликнеш.
а ти, ти си толку убава за да постоиш на овој свет……………..

 

ТЕБЕ

Сакам моите ќебиња да се направени од твојата кожа.
Сакам твоите очи да се сонцето кое ме заслепува од убавина
а твоите ушиња сите бездни што ја впиваат мудроста на вековите.

Твојот лик да биде врежан на сите 7 милијарди лица.
Твојата коса да е сета трева на светот и сите вкусни шпагети
а твоите мисли…….
сите книги на овој свет.
Сите спомени на светот да се зачувани во твојот мозок.

Сакам да си ти и Адам и Ева
и Авел и Каин
и сите минати изумрени луѓе и сите што допрва ќе се родат
и нивните инкарнации во цвеќиња и птици
и сите богови да си ти……..
Сите соѕвездија и планети и универзуми да се викаат по тебе.
Знаеш што среќо?
Ајде биди 5 милијарди луѓе
и сите дечиња на светот што се, ти да ми ги родиш……
и сите песни да се за тебе напишани
и сите симфонии да почнуваат со интонацијата на твоето изговорено “те сакам”.

А сеедно би ми било и да си сите убиства на светот
и сите неверства
и сиот глад
и сите болести на светот.
Сеедно ми е и да си и Содома и Гомора.
Зошто ти си и времето и просторот
и некаде и помеѓу,
и јаве и сон и луцид
и пекол и рај и лимбо.

Сакам твојте раце да се гранките на сите дрвја по кои се качувам.
Сакам твојте усни да се сите ѕидови на светот,
да се тркалам гол по нив со денови.
Сакам да си сите бои на виножитото.
Сите бои на калеидоскопот.
Сите бои на аурората.

Знаеш што сакам среќо?
Да отидам на пуст остров со тебе, тебе, тебе, тебе, тебе, тебе, тебе …………………………………………………………………………………………………….и тебе!

………………………………………………………………………………………………………………………………………………………и нашите 2 милијарди дечиња.

 

LAIKA

Ја чувам планетата земја во подземјето на мојот стан.
Живеам 10 000 километри под него.
Го сонувам нејзиниот мирис.
Го мирисам нејзиниот допир.
Го допирам нејзиниот сон.

Ставете ја планетата земја во хартиена кеса од McDonald’s,
потоа внимателно отворете ја за да видите каква играчка сте добиле.
Не, јас не ги убив твоите пријатели,
барем не со пиштол,
затоа дозволи ми да мастурбирам на твојот погреб
за да не ја силувам мајка ти на парастос.

Стави ја планетата земја во чаша со вода
за да ја измиеш од сите гревови.
Сонцето ќе ја исуши.
Повторно.
Избриши ги границите
за да не може никој да не пронајде,
потоа нацртај го мојот лик на тркалезната површина
за да живееш во моето уво.
Ме слушаш ли?!?

Јас сум твојата евстахиева туба,
јас сум твоите отисоци од левата рака,
јас сум тежок 21 грам
кокаин во твоите очи од првут
и 3,14 деца од овде до Пекинг
привремено распнати на крст.
Јас сум сијамските близнаци на Исус.
Кога ли ќе се родам?

Смали ја планетата земја во лименка од Coca Cola
за да ја сокријам во моето уво
и таму бесчујно да водам љубов со Хирошима и Нагасаки
додека повраќам во сите вулкани на светот.

Стави ја планетата земја во сончев систем.
Можеби астролозите некогаш ќе ја пронајдат.

 

АНТИЕПИТАФ

Маските на црвената смрт се сокрија во своето лице,
А јас со очи широко затворени
ја пишувам Одисејата по 2001 пат.
Затворен во овој пеколен портокал,
со рамот
си ја плетам кожата
…за да не заборавам да се сеќавам на допирот,
на Казанова, на Фрида, на Јохан Себастијан Бах.
Иако слеп , прекрасно нем во Бетовеновите воздишки.
Зошто се правите дека не се познавате?
Што ако сте од различни векови.
Колку ли пати треба да умрете
за да престанете да бидете славни?
Колку ли пати треба да се родите
за да ви здодее да бидете генијални…….
Колку пати сте биле живи до сега?

Си ја одлепив кожата за да ве сакам со голо срце
кога не можев себе си.
Врз црниот штафелај од меридијани и атомски бомби
ја растегнав како пергамент
и со Николовата тесла во неа пополека ја длабам
сликата на Доријан Греј.
Безгенитален, таков
…..во вагините на свеста,
во коитусот на катодата и анодата….
Се пронајдов стар.

Стар со избелена коса и очи од киселина
го цицам првото млеко од пупките на Фројд.
Си ја секвенцирам главата на клетки.
Совршено
….како Фибоначи.
0, 1, 1, 2, 3, 5, 8, 13………………………………….
И милионитиот дел од златниот пресек
се претвори во сперма……

Се родив.
Се родив за да не заборавам да се сеќавам на вкусот,
на лосос и кавијар и Ленин,
на мојата мајка, сестра и баба……….
На мојот татко и дедо и браќата Грим.
Ханс Кристијан Андерсен
тукушто замрзнат во телото на Дизни
и вкусот на устата на Монализа
поубав од сите Лаури и очи на Пикасо
………………………..на дното од океанот.

Јас ја измислив струјата но не ја пронајдов.
Јас го здогледав Бога, но никогаш не го почувствував.
Јас ја свирам оваа хармонија
но немам прсти ниту уста ах, да би можел да ви измолчам,
колку е тешко да се биде Јас.

Маските на црвената смрт се сокрија во моето лице,
а јас со очи широко затворени ја пишувам Одисејата по 2002 пат.
Затворен во пеколниот портокал
се родив……………………
Се родив…………….
…………………………..за да не заборавам да умрам.

 

K PAX (мајката со две сонца наместо очи)

Твојот воздух го задржуваш за да јас можам да дишам,
твоето срце го испразни за да во моево цела љубов ја впишам.
И птиците ги замолкна за да јас можам да пеам,
ја чуваш смртта во зандани за јас да живеам.
Осиромашуваш за да можам да го гледам светот како цар,
не спиеш, ноќи не спиеш за да јас продолжам да сонувам.

Но……
Кажи ми мајко, дали би заспала бар една вечер мирна затоа што здодеано ми е од немир да те губам,
кажи ми мајко дали ќе заспиеш барем една вечер мирна
знаејќи дека со секој мој атом те љубам.

Максим Горки максимално горчливо те пресоздаде,
за да го раскостам пубертетов врз твоите дланки,
тие истите што ми беа кожурец,
тие истите што ми беа аура додека молзев живот со фројдовите ми усни бебешки
и од твоите очи ги црпев двете сонца на K pax
затоа што едно е малку кога си чедо,
затоа што тоа едно сите ги грее а твоите две единствено мене.

Од твоите избројани денови ми даде години за да создадам векови.
Да те овековечам затоа што ти ме очовековечи.

Ќе те сакам подолго и од постоењето на светот затоа што ти умираше за мене секоја секунда.
Ќе те сакам подолго и од смртта затоа што ти ми помогна да ја надживеам….
Затоа ќе те живеам и откако ќе умреш и кога и јас ќе умрам преку моите деца, преку моите стихови,
преку сета моја музика која е напишана во протонот на создавањето на универзумот………………..кога ти се роди, мајко……………………оживеавме сите останати како одбоцнати трнорушки,
изникнавме во цвекиња и дрвја,
во неба и небули,
во милиони мали распрснати космоси кои се лепат како ангелска коса на твоите гради.

Фала ти мајко
што заборави да живееш за да јас се потсетам,
што заборави да постоиш за да јас се почувствувам, осетам.
Што твоите дробови го вдишаа ураганот за да би можел да издишам виножита,
што твоите солзи ги наполнија океаните како би се капел повторно во плодовата вода на мојата ми божица.
Ги тргна фотографиите од рамките на животот за да јас можам да насликам спомени.
Ти, родилке храбра, тебе ти ги посветувам сите мои Омени.

Но………….
Кажи ми мајко дали би заспала барем една вечер мирна
знаејќи дека со секој мој атом те љубам,
кажи ми мајко дали ќе заспиеш бар една вечер мирна,
ете сега кога повеќе никогаш не можам да умрам……………..

 

(Диптих)
ТРИЈАС, ЈУРА И КРЕДА

Како солза капната од очите на универзумот бог
ги растопуваш амебите.
Како воздишка издишана од амебите новороденчиња
ги растреперуваш икрите.
Се проѕеваш во пајажината сфера,
испливуваш копнејќи чекор,
додека ги учиш да одат се влечат,
те болат и Тријас и Јура и Креда.

Како капка осолзена од потта на богот диносаурус
ги лизгаш крилјата на авесите.
Како оган испуштен од устата ламја
ги расонуваш вермините.
Се засолнуваш во прегратките на Алтамира,
го бараш Диоген во уметникот примат.
Додека ги учиш да живеат цицаш,
те помнат и Креда и Јура и Тријас.

 

ЕОН

И кога космосот маж ја бакна ѕвездената прашина жена
се родија децата тетан.
А во почетокот душите поларитет немаа.
Грешниците потоа им го дадоа.
Хермафродитот бог се престори во просторот време,
а времето,
времето не постои
или само умира со текот………………..

Добро утро сега и засекогаш.
Еве како чекорам по видиковата линија на животот,
како на тенка жица во циркус.
Си ги кршам прстите од хоризонтот како Труман.
Ми протонуваат во маријанскиот канал,
најдлабоко.
Копајте! Копајте прсти!
Стигнете до епицентарот,
поминете низ деветте кругови за да ги погалите несвесните.
Оние чии рожби ве згаснаа,
оние чии раце ве одгалија,
оние чии мозоци дозволивте да станат умови.

Ете, ти дозволив да ми ги исечеш рацете.
Сега сум јас на потег.
Со ноктите од нозете си ја сечам косата и правам венец од трња за Исус од неа.
А секогаш се молев на бога наопаку,
секогаш бев јагнето,
секогаш бев изеден на крајот.
Дете: Бог не се раѓа ниту пак умира помеѓу моиве прсти,
само прашината од нашите души се задржува
………………………………..на линијата на животот.
Само да ја дувнеш,
толку лесна да се вивне
а толку тешка за да го исцрни снегот и претвори дождот во кал.

Се стемнувам.
Не можам да се огледам во ниту еден отсјај.
Месечината како да не ме препознава.
Си замислила сопствена видикова линија,
сопствен живот во кој се претвoра во сонце кога не сака да биде видена,
во кој се претвара во………………
мене.

Ќе ви ги испечам очите
за да не ме гледате додека умирам.
Ќе ви ги изџвакам капаците
за да не ме мижите додека ве раѓам.
Колку проклето Еони ви беа потребни
за да ја уништите секундата?
Колку проклето сонца да се родат
за да ја закопате земјата
и од неа родите солза?

Времето НОЕ ме наслика на лицата на боговите.
Времето НОЕ ме живее мртов,
ме робуваат,
ги исцелувам крилјата на бездомниците
за да можат да летаат
кога веќе не можат да сонуваат.

 

(Т р и п т и х)
АЈФЕЛОВА КУЛА

Кожата ми е од хартија на која што играм x.o
А во внатрешноста се случува спротивното о.x
Си ја сечам левата рака за да имам со што да ја гаѓам месечината.
Таму е темно затоа се штурците црни.

А се прашувам како изгледа темната страна на месечината.
Можеби сонцето е темната страна на месечината.
Знам, таму ќе се сокријам.
А потоа ќе трчам по Mлечниот пат.
Кога ќе се заморам ќе се потпрам малку на Кинескиот ѕид за да се одморам.
Ако успеам да победам ќе заиграм почесно танго со Статуата на Слободата
а потоа ќе погледнам колку е часот на Биг Бен
и ќе ја претрчам Сахара за да можам да стигнам навреме
затоа што во 8 и пол се чекаме кај Пирамидите.

Во случај да не стигнам навреме оди право дома
и закопај ја Ајфеловата кула во твојот двор
за да не ја видат твоите родители
а утре е нов ден во кој ќе мора да купиме млеко,леб,масло и нова пластична лева рака……………..
Не можам да ги лажам моите,
особено не во недела…………………….

 

ФРЕСКИ

Кога најчесто се оди во црква
направена од хартија на која што играм x.о
а во внатрешноста се случува спротивното.
Очите на фреските гледаат директно во 3 спрат на Ајфеловата кула
на чија платформа водам љубов со мојата лева рака.
Откопајте не луѓе!
Ќе ни се расипе млекото и лебот наш насушен,
а го макавме од Млечниот пат
за да ја нахраниме Статуата на Слободата и да се испилиме во
саркофагот на Пирамидите
заедно со диносаурусите и луѓето диносауруси,
изумрени,пирамидите пополека се склопуваат во паралелопипед.
Паралелопипедот се претвара во тесарект
а околу тесаректот се замотува Кинескиот ѕид.
Пополека како во филмовите………..

Сега одлучив јас да бидам бог
а да ве распнам сите останати на крст!
И јас ќе бидам единствениот што ќе знае
како изглeда темната страна на месечината.
Јас ќе бидам единствениот што ќе знае како изгледа внатрешната страна на кожата.
Во недела,
кога штурците се црни.

 

МАЈКА ТЕРЕЗА

Не пукајте во небото за да не ви истече.
Мравки.
Престанете да се криете во земјата,
таму живеат вашите гробови.

Јас сум роден гол, затоа се децата боси во Африка.
Јас сум роден влажен.
Јас сум роден грд.

Немојте да дишете,
Не сакам да се гушам во вашиот јаглерод,
Па како не ви е жал
јас сум роден мал,
како бебе
и не знаев да зборувам
а и да знаев ќе молчев.
И не знаев да голтам и затоа ве плукав додека не пораснавте.

Монструми!

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на крст!
Затоа што сум направен од црна сперма
во едно романтично клише од вештачко оплодување.
А со години се криев во завесите и пешкирите и влажните
марамчиња од една иста продавница
и единственото место каде што не можеа да ме пронајдат беше
твојата топла менструација мамо
чиј единствен пријател беше еден тврдоглав пластичен пенис и
некој си човек со иницијали О.Б

Ги сонував твоите сништа уште во 3 месец од мојот преднатален период и знаев се.
Зошто не ми кажа како се викам?
Зошто никогаш не ми кажа како се викам?

Зошто ги ранеше децата од Африка кога и онака сакаа да умрат……………
Од сида.
Зошто го продаде сето бело робје што го имавме
за една чаша црна сперма.

Сега одлучив јас да бидам бог
и да ве распнам сите останати на двоглав орел!
…………………………………………….На двоглав ореол!

Мајко менструацијо
зошто ли мораше да ме изневериш со Ганди?
Зошто не ги собра сите крстови и амајлии,сите минариња и кинески свили,кашмири,икони и мансарди,
курани и библии,
гердани и мантри,
парчиња кожа во различна боја облечени во едно исто одело.
Зошто не им кажа како се викаат?
Зошто никогаш не им кажа како се викаат мајко?
…………за да не умрат
од сида.

2043′

Сега одлучив јас да бидам бог и да ве распнам сите останати на амеба.

На ендоплазматичен ретикулум.

 

ÆNIMA

И сега конечно можам да умрам.
Во окото со 2 зеници,
во математиката на Fibonacci,
во златниот пресек на цикличната мембрана на матката
си ги распоредив моштите во 5-те цркви на плачот,
каде што и да умира дете славно е,
а и машки
затоа што се случува……………

И сега конечно можам да умрам
додека првиот човек на планетата
ја измислува хармонијата
и игра stop motion со нашите тела,
овој пат на само 5 метра од него долг конец од ласер,
а од спротива
отмена пуританска егоцентричност
и кадифен креп сатен неодоливо флуоросцентен
ја обликува масата како што ќе посака,
како што само господ му дарил,
а не знаел зошто.
Малку сме……………
Ама Не ИМА……………..
Ја пренесовме свеста над 30.000 години
на овие пирамидни плеќи
за да го внесеме предметот во човекот.
И сега конечно можам да умрам
додека 10.000 дена умирав
……..низ животот,
трпејќи ја болката на ова тело кое ме поседува
без да праша,
без да се заблагодари,
без да проговори….

Се сеќавам од каде дојдов
и сега станав човек,
но повеќе ништо не е исто
….бидејќи сум мртов.
Јас не сум бескрајност,
јас сум вечност.
Сета оваа болка е само илузија.
100 години самотија……
……………….на бебе.

И кога небото ќе се спои со земјата
и животните ќе проговорат на човечки јазик,
јас ќе еволуирам во ова што сум денес,
а што никогаш нема да можам да бидам.
……………………………………..БОГ.

   ГАВРИЛО МИЛОВАНОВИЌ е мултимедијален артист од Скопје. Се занимава со компонирање и продуцирање на музика, фотографија и видео. Има дипломирано новинарство на универзитетот Св „Кирил и Методиј“. Поезијата за него е уште еден начин на израз преку кој претендира директно да допре до реципиентите. Досега има издадено две поетски книги: „Трансцедентална Заспивалка“ и „Антиепитаф“ во издание на издавачката куќа АНТОЛОГ од Скопје.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија