ГОЛЕМИОТ ХОР НА ИНДИВИДУАЛИЗМОТ
во нашите приградски паркови со приколки
нашиот карвансарај за цврсти градби
и полски клозети и јавни куќи
нашиот ситен инвентар
нашата вкоренета и утврдена непостојаност
нашите пастелни тонови и други проблематични тонови
нашата иднина и иднината на нашите деца
и нашите договори за разликата
нашата колеблива верба во резерва
нашите дваесет и четирикаратни стечаи
нашата инфантилна амнезија ние
поединците не Народот
тој проблематичен спектар
ние стадото но не и толпата
тимска работа но не и солидарност
се движиме напред без движење
самопрогласени тајкуни и акционери и полномошници
што непрестано ја повторуваме статиката на нашата стагнација
на ток-шоуа и на глупави емисии и на неемисии
оставаме и поплаки преку телефон
божем тоа е некаков онтолошки доказ дека ние
во нашата длабока и артикулирана тишина
нашите сесии деноноќно брборење
и самоподобрување и самоскладирање
и нашите бескласни општества и приватни клубови
нашата духовност и нашето милосрдие и нашата филантропија
нашите натпревари во медитирање
и нашите утрa со кафе
и нашата буржоаска бесчувствителност
нашите приходи и нашите расходи и нашата флуктуација
нашата годишна морална сметка
нашето сметководство
нашето побело од белината
нашата христијанска главна книга и книговодство
нашите возила со врвни перформанси и задоволството од возењето
и нашата свесна потчинетост
и нашата социјална несвесност
нѐ заболе
ох ние едноставно не ни мислиме на тоа
знаеш? едноставно не
БАЛАДА ЗА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ
што ги измачуваа децата до коска
терајќи ги да го перат валканиот веш
на големите и добрите
што коленичеа
молејќи се за прошката на другите
занемарувајќи ја својата
непростливост
оти во срцето на нивните срца тие знаеја дека пеколот постои
жими газов
блажени се претприемачите
што ги искористија работниците
па ги исплукаа
и ги натераа да мислат дека им направиле услуга со тоа
а дојдоа и си заминаа со хеликоптер
блажени се овие уникатни индивидуи
нека бидат сакани и славени
затоа што можат да остварат убав профит
од сѐ што ќе им дојде под рака
особено од слабите
и сиромашните по дух
што не знаат како да кешираат од своите маки
блажени тие што триумфираат
зашто тие ќе ја наследат земјата
со помош на техники за надзор
и оградени фондови
блажена е полицијата
што нѐ посра од ќотек
за доброто на корпорацијата
која исто така има права
и на приватна сопственост
блажени се законодавците
зашто тие ги класифицираа корпорациите како хумани
а луѓето како потрошувачи
блажени се безмилосните зашто ќе добијат милост
сите го знаеме тоа
блажени се политичарите
зашто нивните лаги ќе бидат вистината
и да нема прашања
и блажени се дилерите на оружје
кои ни ја донесоа терористичката војна
што си ја сакаме како да е наша
блажени се оние што ги гонат праведниците
зашто нивно е царството на моќта и славата
сол на земјата
светлина на светот
управувањето со злато и со сребро и со приватен имот
немој да мислиш дека сум дојден да го уништам законот
јас не сум дојден да уништам туку да остварам
сте чуле дека така одамна било речено
не убивај
не кради
не сведочи лажно
е па заврши сега тоа
а ако некој ти рече Ти си будала
сигурно не гледа телевизија
РЕВОЛУЦИЈАТА ЌЕ ДОЈДЕ
но не и тука
глави ќе се тркалаат
но не на моја одговорност
и ќе има врева
и ќе има плач
и ќе има подобар свет
и секој ќе знае
дека копилињата си го добија
дури и ако дојдат нови копилиња
тие ќе бидат наши нови копилиња
а не старите копилиња што ги држеа своите чизми
врз нашите грла и се смееја и се смееја
и воздухот ќе биде почист
и низ канализацијата ќе тече црвена крв
толку многу што морето ќе се затемни
целиот остров опкружен
со бојата на зајдисонцето
на пат кон животот што и така не беше наш
и пред сѐ
ќе има пеење
пронаоѓање сосема поинакви начини
да се биде заедно и одвоено
и нови начини на помнење
но не и тука
БИ ГО ПРЕПОЗНАЛ ТВОЈОТ ЧЕКОР
поставеноста на твоите рамења
начинот на кој ја држиш главата
да чекореше и преку хоризонтот
на три милји оддалеченост
каде и да има хоризонти
по степи или пустини
би го препознал твојот чекор
би го препознал твојот глас
и да застанеш во хор од гласови
во најголемата светска хорска химна
некои незамисливи алеулуи
во најголемата катедрала
на хоризонтот на некоја степа или пустина
би го препознал твојот глас
би ја препознал твојата коса
во антикварница за дребулии од бакар
во ковчеже костени
во златарска работилница
твојата црвена златна коса
во катедрала од бакар и злато
на хоризонтот на некоја степа или пустина
би ја препознал твојата коса
би го препознал звукот
што го испушташ додека спиеш
џагорот од твоите соништа
да беше ти хорот
во некоја голема катедрала
или бакарот во жицата
во златарска антикварница
на хоризонтот на некоја степа или пустина
би го препознал звукот
НЕПИСМЕНО СРЦЕ
од неаполскиот на Тото
го учеше
моето неписмено срце
да чита
да пишува
пред сè еден збор
љубов
и ништо повеќе
ДЕСЕТ НАЈДОБРИ МЕСТА ЗА ПИШУВАЊЕ ПЕСНА
на табуретка во женскиот оддел за долна облека
на гроб на протестантските гробишта
под телевизорот во барот на железничката станица
во задниот дел на комбе „хијас“ на црвено светло во недела
во ѕвоно за нуркање
во голем стар куфер со печат од Рио и со батериска ламба
во црешово дрво помеѓу црешите што поцрнуваат
на велосипед без сопирачки додека се спушташ
во кошницата на изгубен балон
во нечии туѓи гаќи
секаде каде што правото на користење е неизвесно
каде што телесното и непромисленото е прифатливо
ПРЕД ТРИЕСЕТ ГОДИНИ НАПИШАВ
белешка што се однесува
на срца и кутии за шиење
оти ти ме заши
за твојата душа
со невидливи шевови
со свила во реверите
точен ти е најдобриот костим
мантил од
камелеонова кожа
што се приспособува на секоја клима
издржувајќи го дури и
најлошото време
се засолнив
во твоите пораби како што
помалите суштества обично прават
Избор песни од книгата ЖОЛТАТА КУЌА во издание на ПНВ Публикации, 2021.
Препев од англиски: Јулијана Величковска
ВИЛИЈАМ ВОЛ (Ирска) има објавено шест романи, вклучувајќи ги „Сузи Сузи“ (2019) и „Денот на Грејс“ (2018), три збирки раскази, вклучувајќи ги „Островите“ (2017) и „Слушање гласови, гледање нешта“ (2016), четири стихозбирки, вклучувајќи ја и „Жолтата куќа“ (2017), како и бројни есеи. Тој е првиот Европеец што ја освоил наградата „Дру Хајнц“ (2017), има освоено бројни награди и долго време е во потесен избор за „Букеровата награда“. Докторирал креативно пишување на Универзитетот во Корк, Ирска. Преведуван е на речиси сите светски јазици, а самиот преведува од италијански јазик. Повеќе за него можете да дознаете на неговата веб-страница: www.williamwall.net