СЛОБОДАТА ЧЕКОРИ ГОЛА, Марам ал-Масри, Сирија

СТЕ ГО ВИДЕЛЕ ЛИ?…

Сте го виделе ли?

Како го носи своето бебе во рацете
како оди напред со величествен чекор
главата горе, грбот исправен…

Небаре бебето треба да биде среќно и гордо
што вака го носат татковите раце…
Камо да беше и
живо.

 

ТАА…

Таа:
Мамо, што е слобода?

Мајка ѝ:
Нешто многу скапоцено.

Таа:
Значи, ние не можеме да ја купиме, така?

Мајка ѝ:
Токму затоа и нѐ тераат да ја платиме со својот живот.

 

НИЕ, ПРОГОНЕТИТЕ…

Ние, прогонетите,
живееме на антидепресиви.
Фејсбук стана нашата татковина,
ни го отвора небото
што пред нос ни го затвораат
на границите.

Ние, прогонетите,
спиеме стискајќи ги до себе
нашите мобилни телефони.
Под светлината
на нашите компјутерски екрани
задремуваме полни со тага,
а се будиме полни со надеж.

Ние, прогонетите,
кружиме околу нашите далечни куќи
како што љубовниците кружат околу затворите,
надевајќи се дека ќе ја видат сенката
на саканиот.

Ние, прогонетите, болни сме
од неизлечива болест.

Да се сака татковина
осудена на смрт.

 

ПРИЗНАВАМ ДЕКА СУМ ТАЖНА…

Признавам дека сум тажна.
Со денови го немам отворено прозорецот на мојата душа.

Признавам дека сум тажна,
како мајка на затвореник,
како вдовица на маченик,
мајка на сирак.

Признавам дека сум тажна во време
кога тагата не ни е дозволена,
кога сме присилени да бидеме дел од оваа кампања
за радост и сила.

Признавам дека сум тажна
и ја сакам оваа тага
што вам ви ја посветувам.

Признавам дека сум тажна,
не сакам никаква утеха освен
крај на овие убиства.

 

ОД КАДЕ СИ?…

– Од каде си?
– Од Сирија.
– Од кој град во Сирија?
– Родена сум во Дара. Пораснав во Хомс. Расцутив во
Латакија. Младоста ми мина во Баниас. Цветав во
Јеср Алсогор. Изгорев во Хама. Ме разнесоа во Идлиб.
Ме бомбардираа во Алепо. Бев гром во Дералзур
и молњата над Камишли.
И масакрирана во Дараја.

– Која си ти?
– Јас сум таа што ги плаши
јас сум таа што ја затвораат
јас сум таа што ја запалија
јас сум таа што е убиена.

Тоа сум јас…
oнаа што чини дрвото на срцето да расцути
кога поминувам,
што прави планините да паднат од својата височина
што прави историјата да се врати чекор назад
што ја бои земјата со сопственото сонце.

Тоа сум јас…
таа што му вреска на диктаторот в лице.
Таа што живее само во благородни души
таа што само храбрите срца ја познаваат
таа што не се ценка, што не е на продажба.

Јас сум лебот на животот и неговото млеко
моето име е

Слобода.

 

ОДЕВ, БЕВ ИСТОШТЕНА…

Одев, бев истоштена.
Погледнав зад себе
и видов дека влечам
планина од тага со мојата десна рака,
и планина од надеж со левата.

 

ЛИЦЕТО ТИ Е ТРКАЛЕЗНО БЕЛО ЛЕПЧЕ…

Лицето ти е тркалезно бело лепче
во кое крвта на слободата потонала.
Твоето прегладнето тело се меша со земјата
станувајќи икона за овој век.
Твојата крв ги повлече границите што ја раздвојуваат
правдата од неправдата.
Тоа е чистата крв што тече
при раѓањето на слободата.

 

15 МАРТ 2013: 1 364 268 БЕГАЛЦИ

Што ли понесуваат со себе
бегалците?

Набрзина собираат
тоа што можат од она што го имаат.
Ги полнат
пластичните вреќи
растргнати колку и нивните животи,
стари колку нивните стравови.

Или можеби ги врзуваат во чаршаф…
Можеби нема да имаат време
ни да си ги обујат чевлите…

Бегалците бегаат од смртта,
но зад себе секогаш го слушаат нејзиниот одекнувачки чекор.
Бегаат со торбите
надевајќи се дека ќе се вратат.

Ќе ги преминат границите
само за да откријат дека сè што носеле со себе
испаднало низ дупката
на вреќата.

Избор песни од книгата СЛОБОДАТА ЧЕКОРИ ГОЛА во издание на ПНВ Публикации, 2021.
Препев од англиски: Јулијана Величковска

     

МАРАМ АЛ-МАСРИ е родена во 1962 г. во Латакија, Сирија. Студирала англиска книжевност на универзитетот во Дамаск, пред да почне да ја објавува својата поезија во арапските книжевни списанија во почетокот на ’70-те години на минатиот век. Од 1982 г. живее во Париз, Франција.

Денес, Марам ал-Масри се смета за еден од најрафинираните, највлијателните и најзнаменитите женски поетски гласови од нејзината генерација што ги одушевуваат читателите насекаде во светот. Нејзината поезија е високо вреднувана од критичарите во арапските земји и низ светот („Тајмс“, „Гардијан“ итн.).

Добитничка е на наградите: „Адонис“ од Либанскиот културен форум во 1998 г.; градската награда за медитеранска поезија во Калопеѕати, „Данте Алигери“ и „Сребрен цвет“ (Il Fiore d’Argento) во Италија; „Есенската награда“ (Prix d’Automne) во 2007 г. во Франција и многу други.

Авторка е на повеќе од десетина стихозбирки, а нејзините книги и песни се преведени на повеќе од 20 светски јазици. Учествувала на бројни интернационални поетски фестивали во Франција и низ светот, а нејзините дела се објавувани од најпрестижните издавачки куќи во Британија, во Франција, во Италија, во Шпанија, во Ирска итн.

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија