ГИ ЗАТВОРАШ СВОИТЕ ОЧИ, Иван Добник, Словенија

ТЕ ПОСАКУВАМ

Подари ми ја твојата вулва. Твоите заби.
Твоите коски. Твојот здив. Твоето сонце. Твојот воздух.
Твоите мисли. Твоите прсти. Твојата сенка.
Твојата крв. Те посакувам. Го посакувам твоето море.
Ги посакувам твоите дрва. Ги посакувам твоите бои. Ги посакувам твоите зборови.
Го посакувам твоето крајбрежје. Ги посакувам твоите привиденија. Ја посакувам твојата светлина.
Ја посакувам твојата страст. Го посакувам твоето молчење. Ја посакувам твојата бездна.
Сето тоа го посакувам. Уште повеќе те посакувам тебе. Твојот оган го посакувам.
Неподвижноста на воздухот. Жарењето на ледот. Цветот на праската.
Спокојот на земјата. Трепетот на коњот. Мирисот на твојата девојка.

Далечината, која никогаш не ја преминуваш, а секогаш
сонуваш за неа. Рибите од коралите, кои те милуваат.
Водопадите на ноќта, кои те затвораат во јазикот на осаменоста.
Треперејќи те посакувам. Жестоко те посакувам. Разголено те посакувам.
Меѓу бамбуси и тополи, во пејзажот на црните косови.

Допри ги моите очи. Моите патеки и
секундите, кои ја претставуваат вечноста на природата.
Тоа се лисјата. Тоа се децата. Тоа се твоите подморски
светови. Тоа е крвта на буквите, тоа се гладните усти за сол
на твојот грб. Зграпчи ги, додека уште горат.
Пиј ги долго. Бидејќи времето не е важно,
ниту годините, ниту местата, ниту начините
како ќе го направиш тоа. Ветерот се оддалечува,
бара и пронаоѓа во опустошениот пејзаж
како и јас, кој останувам и пишувам,
за да можеш да ме посетиш во кое било време.
Доцната осаменост. Знае за боите. Го чувствува студенилото.
Ги слуша брановите. Го кине утринскиот весник.
Дува во облаците и во тревата. Ги вее семињата
на габрите. Останува и заминува. Пее и чека.

Подари ми го твоето одење. Подари ми го твоето дишење.
Подари ми ги твоите ноќи. Темните џепчиња на радоста.
Вителот на недостижните усни. Тетратките, во кои
никој не го запишува моето име. Онаа воздишка.
Онаа надеж. Оној мрак, каде што се губиш и никој
не може да те најде, ниту во книгите, ниту под ќебињата, никаде.

 

ГИ ЗАТВОРАШ СВОИТЕ ОЧИ

Ги затвораш своите очи и моите прсти се река од ѕвезди,
кои се галат. Ветерот заспива со ноќта, во која
се спушта нашата едрилица на морето без крајбрежје.
Безвременоста мириса на солената роса од кожата.
Двајцата бегаме во себе, твоето тело е сончев оган кој танцува.
Воздухот на твоите усни е ранет од допирите.
Паѓаш во мене: започнува долгото патување.
Водопадот од неизговорени зборови добива
тежина на белите крилја од гугутките, скриени во твојата темна коса.
Не постојат јазици на земјата, кои би можеле да го изговорат името на твојата убавина.
Нашите тела ги говорат зборовите на птиците и брановите
во формите на треперливите житни полиња под долгите
летни светлини. Ги затвораш своите очи
на шумската чистинка среде собата и те пијам
како река со извори во пространите гори.
Така доаѓаш во моите соништа оваа ноќ.

 

ПЕСНА ЗА НАС ДВАЈЦА

Спијам во твојата душа.
Сонуваш во моето срце.
Горам во твоите дланки.
Во мојата имагинација двајцата се љубиме без крај.
Во твоите очи умирам, вратен од дамнината.
Во моите букви мирисаш на нежните животинки од прашумата.
Во тебе пак се пронаоѓам: реката ме носи.
Во себе те чувствувам, ожесточениот дожд, топлината од реките, монсунот на вечноста.
Во твоите соништа преполни од тишина, заспивам на морскиот брег, од чиста светлина.
Во мене пееш, танцуваш, се бакнуваш, ме галиш, ти, само ти.
Во тебе сум твој, сѐ повеќе, сѐ повеќе целосен, со сета убавина на бесмртните песни.
Се преселуваш во мојот предел, неиздржливо.
Паѓам во тебе. На мовта од нежната роса, на водопадите од омиленото пеење.
Тонеш во мене, ги чувствувам твоите усни, мирисливата кожа од соблекувањето, треперењето од блискоста.
Во нас двајцата се раѓаат нови универзуми, никогаш претходно постоечки, неповторливи.
Со нас двајца се отвораат, расцветуваат, се шират, прскаат, трчаат, шумолат.
Поезија се, жедно божество, блескави тревници од рози, океани од среќни зборови.
Каде пливаат, вријат, викаат, бараат, сакаат: ожесточено, нежно, меко, страсно?
Ова да биде пеење за летните треви. Истурање на морската пена. Ѕвечење од топлите песни
надвор од земните зандани во нашиот оган на милувањето.
Сонувањето на ветерот, сега. Во моментите од
безвременоста, кога се враќаме
кон нашето детство,
каде што сѐ е остварливо.

 

НИЕ ДВАЈЦА СМЕ ПЕПЕРУТКИ ОД МОРСКА ПЕНА

Ние двајца сме пеперутки од морска пена. Чувствувам
стапки од топли лисја, кои со јазикот на росата
за време на прелетувањето на птиците галеби

го бараат твоето тело за допир низ воздухот,
за да задремат твоите усни на мојата солена кожа
и моите прсти да се прошетаат низ брегот
на твоите плодородни полиња.

Вечерва месецот се разбуди, пеперутката сонува скриена во розите.
Во неговите очи си засекогаш, не само за едно лето.
Кога заспиваш: пеперутката гори во твојата душа. Помирисај по бреговите

од далечините, меката светлина ти ја гали крвта на усните, повеќе си будна
како никогаш претходно се чувствуваш себе во разминувањето, во допирањето,
во разоткривањето на тајната, која ја препознаваш како своја суштина.

Англиската тишина, која пее за нас, неподвижна, нежна.
Од преѓата на светлината, од жолтите очи на месечината, од плискањата на немирот.
Толку противречности! А во пронајдената рамнотежа ослободителната

радост на допирањето, која е безгранична во фантазијата! Вртоглав
рај на галењето. Поттик на блискост, тебе и мене, неповторливите,
кои дишат илузии, целосно реално, со поезија на хартија

од боите на цветот на афионот, бестежинска среќа, лебдење.
Нема да е крај. Во твоето тело брановите на сончевиот систем се сите можности.

 

МЕДИТАЦИЈА ЗА РАНЕТАТА ГУЛАБИЦА

Зборовите замолкнуваат,
очите гледаат на друго место,
минатото е замаглено,
душата удавена,
нема никаква тага,
само нови пребарувања.

А што друго да се прави со овие нови пребарувања –
Како доаѓањата од нови и нови заборавености,
прибегнувања, неспособност да се предаде,
што и да е, иако, пак, само што ли е љубовта,
само каде е посакувањето по саканото суштество во сопствените раце
и што е пријателството, што е созревањето на патеката што се бара,
што е посинетата личност, ако несаканите емоции се уништуваат,
со убавина и големина, божествено и човечко, топло и
со љубовна креативност, каква смисла има сето тоа?
Можно ли е навистина да се исклучат мобилните телефони,
да се закопаат сликите, да се уништи живописната убавина во времето
на спомените, за секогаш треба да ги изгребете тие денови од мозочните
магацини, да разговарате и да се допирате, како одредени работи
никогаш да не постоеле? Дали е тоа посоодветно? Дали нешто знам?
Од тебе се преосмислувам во себе. Поезијата е над сите, во сѐ.
Ништо друго нема. Овие зборови и претходните и сите
и вечните и заборавените и топлите и неизречените
како никогаш да не живееле, од кои може само во пријателството
да се обидува со часови низ водопади, без физички допири (дали некогаш може да го направиш тоа?),
бидејќи песната е тоа, што е необично, лебдејќи во нашите
светови, единствените, од некогаш до памтивек, тоа не може да се уништи,
да се убие, тоа може само да се негува, и, за што воопшто се размислува
за што се пишува писмо, зошто се запишуваат зборови, кон што се движиме,
дали тоа е непроспиен или незамислив страв? Ние не сме само зборови
на филозофијата, ниту пак сме од некоја мешавина, во која крвават соновите.
Немаме ништо и тоа е сѐ. Дали неограниченото небо е за самотните птици?
Дали некогаш ќе го пронајдеш својот дом?
Од што би се одважила, за да се жртвуваш за него? Дали вистинскиот дом е само
во твојата немирна и жедна душа? Летаме, пливаме, пишуваме, зборуваме:
во отворените очи на другите ги препознаваме нашите рефлексии.
Дали би била способна да ја потопиш бездната во саканото лице? Дали би се осмелила?
Бидејќи ова е најголемата уметност. Исто како подарок, магија,
радост на животот, екстаза на тишината во безвременост.
Знам дека си будна. Затвори ја оваа страница, каде што само моите зборови постојат
во разговорот со твојата измислена внатрешност. Фрли го овој лист хартија.
Не постои светост, туку вкусот на песните кои не сакаат да бидат тоа.
Затвори ги очите, конечно заборави, навистина.

 

ЗИМСКА ПРИКАЗНА

Во твоите очи снегулките се гоштеваат со радост.
Танцот на топлината мириса по белите мачиња зад твојот џемпер.
Безвременост: дишеш во мојата прегратка, сон на вечноста.
Небо, нежноста на допирот, свадбување на ноќта во твоето срце.
Белина, белина: ги барам твоите усни, жеден, жеден.
Тишината на утрото меѓу прстите на љубењето е голо крило на среќата.
Те гледам: тага, кога ќе бидеш сама, и совршенство, кога ќе бидеме обединети.
Ме гледаш: минуваат часови, дишења: самуваш во океанот на љубовта.
Пејзажи од белиот прав на медот, од светлината на кревките мириси.
И зборовите, кои нѐ обвиткуваат, нѐ прават живи, непредвидливи: снегулчиња, неостварливи.
Твојата воздишка, зачудувањето, прегратката, среќавањето, чувствувањето на соништата кои дури се разбудуваат.
Исчезнуваме во испреплетувањето на телата, се извиваме, умираме, се враќаме,
кружиме, се бараме, белото е сѐ повеќе бело, белината е твојот бакнеж,
бел е декември под твоето ќебе, шепотат белите птици, бела везилка
на судбината, твојата и мојата поезија, чисти од солзите радосници, снег, оган,
сѐ е пламен на заљубување, сѐ е причина за белината на уште ненапишаното,
неоствареното, недосонуваното, сѐ уште постоиме и силно пулсираме,
светиме, се креваме, викаме, те посакуваат, сладоста отвора ново море,
прабелино, прапочетоку, каде што ги сокриваме нашите тајни на благоста,
разиграни животни, нескротливи песни за галењето до болка,
мисли за патувањата без крај, допирања на прстите кон посакувањето,
сега сум вулкан од соништа, трубадур на твоите предели, соблекување на дивините,
жеден, гладен номад во темјанот на твојата коса, љубител на твоите стапки,
твоите уште неизговорени зборови, уште неповиени откритија во бојата на твојот јазик,
твојата душа, твојата кожа, твоите книги на љубовните палми, оваа зима,
глуви од страст, спокојни од движењата на твоето тело меѓу
снегулките, кои се топат во твоите очи, во моите очи, во нашите дланки

 

Избор песни од книгата ГИ ЗАТВОРАШ СВОИТЕ ОЧИ во издание на ФУСНОТА, 2021.
Превод од словенечки јазик: Драгана Евтимова

    ИВАН ДОБНИК (IVAN DOBNIK) е роден во 1960 година во Цеље, Словенија. Поет, преведувач, уредник, есеист и критичар. Дипломирал на филозофија со компаративна книжевност на Универзитетот во Љубљана. Од 1988 до 1995 година бил вработен во Библиотеката Бежиград. Уредник е на списанието Апокалипса, како и главен и одговорен уредник на литературното списание Поетикон од 2005 година до денес. Основач е на книжевниот кружок Куќа на поезијата во 2006 година и до денес организира активности со поети од цел свет. За поетската книга „Ги затвораш своите очи“ е номиниран за престижната поетска награда Вероника во 2004 година. Има учествувано на бројни фестивали во регионот и светот. Неговата поезија е препеана на српски, хрватски, германски, македонски, полски, чешки, италијански, англиски, бугарски, белоруски, словачки, француски и романски. Има напишано 15 поетски збирки. Живее и твори во Словенија.

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија