БЕСПАЌЕ
(од „Под дервишовото сиќе“, 2018)
Како див град
Или тишина пред срам
Ти се предавам на тебе и твојата целост
Да ме одведеш онаму
Каде што ќе танцувам под туѓ допир
И ќе бладам на туѓи височини
Да битисувам со и над тебе
А ти во мене
Како озарен слог
Патека во душа
Или првиот восклик
Ти се предавам со врел насмев
Да ме одведеш онаму
Каде што започна сѐ
-Бесмислениот лет
И лезет и бес
И здивот в менгеме
Обесен за вратот
– Каде што ќе заборавам на себе
За да проживеам уште некој ден.
ВОЗВИШЕНИОТ 1
(од „Под дервишовото сиќе“, 2018)
Бдеам над неговиот гроб
Близу Еуфрат
Каде се гостеше со кришки сончеви гради
Најдобриот пријател на смртта
Чекам
Чезнеам
Повторно ли ќе стане за да ги учи
Тајните на глас
Ил’ ќе остане да лежи
Со гаврановите стапала в дланки
Најдобриот пријател на смртта?
Но слушај!
Песната го зафрла од брег до брег
– Народот знае колку е жив!
ВОЗВИШЕНИОТ 2
(од „Под дервишовото сиќе“, 2018)
Се раѓаш од булки лале
Крај каменен ѕид
И во увото сиво
Му го истураш сиот
Кикот
Збиран
Од светови
По кои дечиња шетаат безимени
И славеи в клун го држат
Плаштот на војната
И огнот каде што лиже јами
На поскоците воврени во нив
Згрутчени од страв . . .
– Навистина, го учиш каменот
Да сонува во боја!
ЌЕ ПОБЕДИМЕ
(од „Небесна геометрија“, 2019)
Ој, ти, свету
Непоколеблив пакоснику,
Безимен пророку
Што во девет грла огнени
Го таиш плачот исконски свој
Под судбински мрак што ги закопа
Сите бисери свои, свету
Нели го турна Ибрахим кон пустината
За првпат да се прелажеш:
Ибрахим почна да разговара
Со пустината во себе
Свету, о, не
Што се лесна рака расфрлаш
Деца ко полен да се
Од едно кон друго катче на векот
И танцуваш како жар
Под кожата на љубовникот, свету
Грст луѓе, бегалци, што расфрлаш
В море како пердуви да се
На долго и болежливо патување
Со усвитена надеж
И бесконечно разочарување
Обременети од сопствената сенка
Свету, ги пречекуваш од другата страна, нели
Со дланки полни трње
На твоајта златна чинија – крастав мор
„Грозомор!“, еднаш олцна црноокиот поет
Свету, о, ти
Љуби нѐ
Да те љубиме
И ќе те љубиме, свету,
Љубиме, ние љубиме
Но сврти се
И љуби нѐ
И бар уште еднаш прости
Сепак, ние мора да стигнеме.
НИЕ ПОЕТИТЕ
(од „Небесна геометрија, 2019)
Си играме со ритамот на сметка на граматиката
Со чувството на сметка на симетријата
Се обложуваме на мигот, на летот на душата
Ко да нема минато, а утрешницата е безимена
Фрламе две бели коцки наспроти вечноста
И чекаме . . .
ПОСЛЕДНИОТ
Ништо повеќе од крик
Одвиен од грлото
Во мигот на најдлабокиот занес
Највеличествениот презир
Кога тажната воинственост
Ги придвижува одродените
Прсти на векот
Божем наспроти нешто неповторливо
Нешто неминовно и вечно
Телата се грчат
Како пред будна жештина
Чекајќи го своето слевање со екот
А во неговите очи
Како во два студени тишјаци
Клучот до сите насмевки на смртта
Нашата радост, наша прокоба
Срцето со своја азбука.
***
Повеќето нешта во кои што верувам
Ниту поглед ги бранува ниту разум соголува
Зборови се, скривници
Рамења што сонват за далечината
Одамна спомената маленкост
Пред чијашто насмевка сите величини
На посебноста молчат
Верувам во попатните откинувања
Дур кругот не се затвори
И повторно пред себе се исправи
Разголена и бучна
Искрата која проткајува сѐ
Верувам во тегобата
Што на сите јазици
Исто се премолчува
И непоколебливата насмевка на старецот
И нетрпеливите дечји рачиња
Копнежот од кој гранката
Смекнува и расне
Верувам во солзите
Од другата страна на екранот
Пред кој безобѕирните минувачи
Ја дуваат пепелта од ракавите
Готвејќи се за нови бестраги
Трескотот со кој
Длабоко во ноќта
Земјата не’ буди
За да не’ потсети на сите имиња
Со кои неблагодарноста
Ја китиме до пладне
И верувам во радоста во гласот
На оние кои мојата радост ја потчинија
На излезот од маалото
Каде што ковчестите прсти повторно го скокоткаат контејнерот
И во центарот од градот, каде што
Зад модрите завеси повторно се занишал белиот стомак
Над нечија напудрена девственост
Верувам и во хемијата што се ослободува
Во мускулите на коцкарот
Дур се грчи над зелената маса
А останува ли нешто да не се верува
Кога се’ е тука и танцува
Без цел и вина
Само така
Далечина во чии набори
Волјата се насукува
Старост и младост
И некои гранки
Што само еднаш ќе
Процветаат.
АНДРЕЈ АЛ-АСАДИ е роден 1996 година, во Лондон. Дипломира на Економскиот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Автор е на стихозбирките „Midnight Blues” (2014), „Под дервишовото сиќе“ (2018) и „Небесна геометрија“ (2019). А за збирката раскази „Друго минато“ во 2018 година ја добива наградата за дебитантски прозен ракопис „Новите“. Неговите песни се досега преведени на повеќе јазици: Англиски, Италијански, Српско-хрватски, Арапски итн. Учесник и организатор е на голем број читања на територијата на Република Македонија.