КОГА СОНУВАШ, Силвана Ј. Димитриевска

ВИСТИНА

Буден сум! Ни трошка луд!
Чија е сега вистината!
-Гане Тодоровски-

Будниот поет секогаш на месечина фаќа забелешки, наутро окото на будниот скулптор го гледа светот низ тригонометријата на еден обичен прозорец свртен кон север; во него се прелеваат како во капки вода звуците на сите фустани кои некогаш ги насликал; некаде на другата страна од малиот Универзум, еден чистач на кондури го пронаоѓа во ноќта патот кон дома, среќен е што денес е четврток и што може во чекор да ги лови ѕвездите и да ги става во џебовите пред тие да паднат на Земјата.

 

КОГА СОНУВАШ

Кога сонуваш го откриваш ли немирно телото во сонот како би го задоволил љубопитството на ангелите. Чувствуваш ли како тие со подзинати усти ти паѓаат под прозорецот. Кога сонуваш и се лутиш ли на перницата кога во сонот ти се појавувам како несакан гостин? И се лутиш. Знам. И секогаш одмавнуваш со левата рака. И се покриваш со чаршавот криејќи се под небото. Лутејќи ги така ангелите кои цела вечер заљубено те гледаат.

 

23-

Кога таа чекори во нејзиниот стомак се оплодуваат илјадници пеперутки кои чекаат да и излезат од прстите, косата, ноктите, од разголениот папок, од разиграните колена, од стапалата кои го разоруваат асфалтот со секој свој нареден чекор. Кога таа чекори војуваат сите воздишки со насмевките на ветрот. Денот се обојува во црвено, како прегризани усни на млади љубовници, перверзно се претопуваат сите бои и мириси во нејзиниот здив. Кога таа чекори… чекори… чекори…. светот одново ја спознава убавината на ….. чекорењето.

 

СЕНИШТЕТО ЧЕКОРИ

Како мал шепот од дишење на заспана сенка, ноќ оплодена од млада месечина, од волк задоена, од сениште родена, валпургиска да е наречена, како водење љубов помеѓу копнеж и далечина, како дамари на лилјак откако ја испил крвта на сиот свет, откако во себе го збрал сето време, како смрт на ангел во својот прв лет, како отров скриен во катник на змија, зариен сочно во бедра во кои сладости се кријат.. чекори… чекори… храбро како поглед на дете, гордо како родилка жена… туѓ здив во моите гради.. твој здив од усмртена страст…толку твој и толку мртов… што ќе ме снема!

 

ТИ НЕ СПИЕШ

Ти не спиеш и не ја сонуваш Мала ноќна музика,  ниту веруваш во деветтата страна на светот, седмото име на тагата, мојот еден единствен Воден знак[1] на љубовта. Ти не спиеш и не сонуваш. Го знам тоа, како што го знам третото Павлово мисионерско патување кај Галатјаните и неговата песна над песните. Како Месечевата соната на Бетовен. Како стихот на таинствениот поет знам дека ноќта е медијана меѓу две умирања[2]. Така сигурно и со толку врисок во вените знам – Ти не спиеш, само им ја одземаш моќта на очите да не видат како длабоко во ноќта ѕверот на љубова го исцртува твојот лик на прозорецот, немоќен да го скрши, те пресоздава во слика, која единствено умее, така воајерски да го набљудува светот додека тој спие и сонува.

 

ПОЕТОТ И СМРТТА

Смрт, те довикува, како пејач на лира во 63-та ноќ на празникот, моја возљубена гулабице што го разоруваш светот со погледот и ја носиш темнината со замав на крилјата, колку само орфејски те довикувам, колку предизвикувачки ме чувствуваш, драга, нашиот нетпревар на суети ќе го решат сеништата, скриени во аглите, во косата, во зглобовите, во прстите на нозете додека сонуваш како чекори, како низ еденска градина, по гробницата на моите копнежи, сакана, ние двајцата заколнати пред ѕвездите, до бескрај верни на Љубовта продолжуваме да се убиваме…. живеејќи.

[1] Наслов на збирка раскази од македонската писателка, поетеса, теоретичарка, непоправлива сонувачка по нештата зад сите превези-Јадранка Владова.
[2] стихови од македонскиот поет Душко Крстевски-Кристан

СИЛВАНА  Ј. ДИМИТРИЕВСКА (1981).  Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при МИМ (Македонски Институт за Медиуми). Била координатор на литературниот кружок „Мугри“ и уредник на поетскиот алманах. Застапена е во Антологијата на поновата македонска поезија за млади Пурпурни извори од Сузана В. Спасовска, антологијата Сто без една песна, приредена од Светлана Христова Јоциќ, зборникот на поезија и кратка проза на млади од поранешните југословенски простори Рукописе 30. Пишува поезија, кратка проза, есеи и хаику стихови објавени во првото македонско хаику списание Мравка. Автор е на антологијата Ангели со пет крилја, издадена во рамки на Струшки вечери на поезијата. Добитник е на втората и третата награда „Блаже Конески“ за научен есеј. За својата прва збирка поезија Ти што излезе од песна добитник е на наградата „Ацо Караманов“.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија