МЕДИТЕРАНИСТИЧКИТЕ ДОПИРИ ВО ,,ВКУСОТ НА ПРАСКИТЕ“ ОД ВЛАДА УРОШЕВИЌ

МЕДИТЕРАНИСТИЧКИТЕ ДОПИРИ
ВО ,,ВКУСОТ НА ПРАСКИТЕ“ ОД ВЛАДА УРОШЕВИЌ

 

Mедитеран … како би го дефинирала овој фасцинантен и ,,заробувачки“ поим што се проткајува низ крвните јазли на македонскиот народ?! Освен како темел, супстрат од Mедитеранското море, освен како ,,море среде земји“, би дала едно оскудно, но сеопфатно поимање – Mедитеранот, медитеранизмот претставува поим што ги опфаќа медитеранистичките простори, народи и култури, но и книжевноста, уметноста, филозофијата, географијата, историјата, политиката итн. Топлината на југот и тагата по истиот, сончевата топлина и зраци, жегата, летото, топлите изразити бои, врската со природата, односот кон водата, ,,пекањето“ по неа итн., ја искажуваат блискоста и интимноста преку кои се поистоветуваат медитеранистите во своите дела. Неговата неограниченост побудува, раѓа еден вид на ослободување на имагинацијата, ја разгорува и ја стимулира фантазијата. Волшебноста на Медитеранот, чија пасија ја плени човековата душа и имагинација, говори и за дуалитетите на народите, на просторите и врските помеѓу нив.  Според Шелева, книжевноста е простор, во когошто прашањата за природата на личниот идентитет се најпровокативно артикулирани.[1], оттука произлегува и споредбата и врската на медитеранизмот и Медитеранот со културниот идентитет на единката. Неоспорен е фактот дека нашата Македонија се наоѓа на медитеранското тло или како што вели Милан Ѓурчинов “крстопат во крстопатот“ каде се допираат и се вкрстуваат белезите и спомениците на различни култури и цивилизации од најстарите времиња до современата епоха. (Ѓурчинов, 1998: 10)

За една таква побуда, Влада Урошевиќ говори во едно свое писмено излагање, каде вели: За мене Медитеранот секогаш значел: некаде каде што се чувствувам како да сум се вратил во родниот крај. (Урошевиќ, 1998: 231) Допирот помеѓу водата и топлиот медитерански брег не секогаш означува медитерански простор или земја. Тука, станува збор за Медитеранот како простор чија вода потајно се проширува низ копното на (географски) немедитеранските земји, на копното, на бреговите каде што нѐ погалува медитеранскиот тивок ветер, на благородноста и на моќта на водата/морето, која/е раѓа некакво чувство, сеќавање дека сме во топлата мајчина прегратка, скут, во родниот татков дом …  Исклучителноста и загадочноста на Медитеранот раѓаат носталгија во книжевникот, во човекот и го враќаат во спокојството и среќата што постојат во изгубениот рај.  Таквиот пејсаж на Македонија станува видлив со т.н. трета генерација во македонската повоена литература односно со младата генерација на поети, кои преку своите дела ја пренесуваат потврдата за постоењето на живите врски со медитеранските простори, медитеранските вкусови, со самиот Медитеран. Допирот на сонцето врз кожата, мирисот и вкусот на плодовите, блажината на виното, шумот на разнишаните цветови и треви од ветерот, од инсектите, на брановите со брегот … сите тие сетилни доживувања, сеќавања и спомени се оние кои ја будат и ја поттикнуваат креативноста на писателот за едно далечно изгубено време. Медитеранот се појавува во македонската поезија и книжевност и како потреба, како порив да се изрази новото и современо доживување на светот, како докажување и афирмирање на сопствениот идентитет.

За една медитеранска летна жега, за играта на цикличноста на природата и на времето говори романот ,,Вкусот на праските. Во своето досегашно шестдецениско постојано и непрекинато присуство и улога во македонската книжевност, Влада Урошевиќ се појавува како поет, романсиер, раскажувач, препејувач, антологичар, есеист, книжевен и ликовен критичар и во секоја од тие улоги и области успева да го прикаже и достигне максимумот преку своите нови и возбудливи дела. Овој роман на Влада Урошевиќ се смета за првиот постмодернистички роман во македонската книжевност. Тоа е роман исполнет со фантастично – митски елементи каде преовладуваат примеси на филозофичноста и лирската медитација. Доколку се обрне внимание на годината на неговото издавање (1965 година) и годината на појавата на постмодернизмот во македонската книжевност (1968 година), тогаш може да се заклучи дека романот со својата уникатна структура и содржина му претходи на самиот постмодернизам на македонската книжевна сцена. Но ,,Вкусот на праските“, многумина го карактеризираат и како роман напишан пред своето време, како роман – седмаче што иако родено пред истекот на очекуваните девет месеци, храбро се појавува, се бори и се задржува на македонската книжевна сцена.

Насловот, со кој е именуван романот, е нишка која се развлекува низ страниците на романот. Тој говори за сетилните дразби на човекот, за самиот вкус на овошјето праска, но и за нејзиното потекло, за миграцијата и за бесмртноста. Овие округли, тркалезни овошни плодови со благотворна функција имаат жолто – црвеникава боја и сладок, но и киселкаст вкус (што кореспондира како метафора за промената на индивидуата и карактерот на истата) – плодови што ја достигнуваат својата зрелост во текот на летото. Таа слика, тие вкусови и мириси за голем овоштарник е оживеана во овој роман на Влада Урошевиќ.  Пред почетокот на романот, стои краток цитат, во улога на предговор, каде Урошевиќ појаснува за потеклото на праската, за нејзиниот долг пат од Кина, преку Персија, па сѐ до Грција, за нејзиниот латински назив, за нејзината благородност. Овој цитат е запечатен со дадениот извор од каде е преземен текстот (од една енциклопедија), без подетално именување за која енциклопедија станува збор.  Низ текот на романот се забележуваат траги од древните култури односно митски палимсести, звуковни перцепции, симболи со архетипско значење, видливо поетско и магиско писмо. Палимсестната техника ја опфаќа Урошевиќ преку делови, извадоци од други книги, автори кои ја држат приказната во целост. Според речникот на Жерар Женер, Урошевиќ се служи со книжевната постапка металепса чија суштина е во логичката испревртеност на причинско – последичните релации, во стилот кога сегашноста е во реминисценција, навраќање и сеќавање на иднината.[2] Па така, романот содржи вметнати пасуси преку колаж од ,,Странпатица“ од Жан Кокто, ,,Трусна катастрофа во скопскиот базен“ од д-р Коста Петковиќ, ,,Охридско Езеро и неговиот жив свет“ од Синиша Станковиќ и ,,Полимнија, описот на походот на Персијанците под Ксеркс во Елада“ од Историјата на Херодот. Исто така, Урошевиќ го опфаќа и митот како добра митолошка матрица каде го претставува преку појавата на апокалиптичност, хаос наспроти комос, создавач: уништувач. Романот е без очекуваниот завршен крај.

Матрицата дека секој почеток е крај односно секој крај е нов почеток е прикажана уште во почетокот на романот т.е преку напуштањето на родниот град од страна на ликот Драган за да го продолжи своето образование во друг град, преку загинатите и исчезнати жртви на погубниот земјотрес што носи нови животи и живеалишта, преку заминувањето на Олга од градот, исполнет со жега, во друг град покрај тивко езеро, па сѐ до самиот крај на романот каде се случува ископување на археолошки остатоци. Од една страна романот ,,Вкусот на праските“ е роман исполнет со мотивот за трагиката и за отуѓеноста на единката, но од друга страна романот е претставен преку стихови чии рефрени пеат за топлото медитеранско тло и бранувањата на водата. Овој поетски роман што содржи само еден – два централни настани (земјотресот и заминувањето на Олга од Скопје кон Охрид), кои се врзуваат со градовите Скопје и Охрид, нема традиционален тек на дејството, туку два испреплетени хронотопи кои ја диктираат приказната во романот.

На самиот почеток, читателот добива впечаток дека писателот ја формира својата приказна за непознатата земја каде сѐ мириса, каде секаде е присутно, секаде се вкусува овошјето праска. Дескрипциите за непознатата медитеранска земја се насликани со некаква топлина, со чувство на блискост, со мисли дека нештото веќе се случило и е добро познато што раѓа топли чувства и спомени кај читателот. Оттука, се забележува дека Урошевиќ го гради својот роман врз основа на усогласеност помеѓу рационалното и нерационалното, постоечкото и непостоечкото, видливото и невидливото, минатото, сегашноста и иднината. Кога станува збор за топосот, Урошевиќ тајно ги претставува градовите Скопје и Охрид, без да наговести дека зборува за истите – тоа самиот читател го открива низ текот на делото.

ЗОШТО ОВИЕ ГРАДОВИ?!  Влада Урошевиќ, како поет и писател што го понесува носталгијата кон родниот град, голем дел од своето творештво го има создадено токму за неговото Скопје, за Скопје од неговото детство и за Скопје кое го нема. Па така, Урошевиќ ги преточува своите мисли и љубов кон Скопје во своите извонредни дела. Од друга страна пак, Урошевиќ е писател на медитеранизмот. Неговите медитерански пејсажи се толку живописно опишани што се добива ефект на топлина и недостиг кон медитеранските брегови, особено кон морето. Со целата негова убавина, Охрид е град – носител на медитеранистичките изгрејсонца и зајдисонца, на топлиот ветер, езерска вода и природа, град што е рај за очите и спокој за душата. Почетокот е централизиран во градот Скопје, па така, иако станува збор за типична градска средина со урбанистички изглед, воведот содржи низа на елементи од медитеранистички карактер. Копнежот кон југ изразен преку сликите на топлото мирно медитеранско лето каде асфалтот се топи, каде жестокиот отров на сонцето се шири низ ламарината на олукот на вџашените куќи, елементи кои се претопуваат во вцрвенетата врева на градот, отсликува една типичен медитерански пејсаж уште во воведот на романот. Понатаму, паркот со запурничави сенки, свареното зеленило, густиот воздух се само дел од сликите што го опишуваат градот што гори од густиот, песочен сјај. Додека пак, градот кој мириса на вода, е отсликан со дескрипции што го возвишуваат Охрид како боженствена земја. Охрид е таа земја што постои само во определени мигови, земја на одблесоци земја помеѓу езера.[3] Земајќи ги овие два градови за централни топоси, Урошевиќ прикажува и еден вид на контраст што го претставува Скопје : Охрид како Пеколот : Рајот од ,,Боженствена комедија“ на Алигиери. Тогаш се поставува прашањето: што/каде е Чистилиштето?!

Медитеранската клима, која сама по себе се развлекува, тече низ романот со целата нејзина тежина. Летото заедно со врелите јужни сонца, како често застапена тема во книжевноста и во уметноста, претставуваат трајна опседнатост на писателот Урошевиќ, особено во неговата поезија. Топлите зраци на сонцето, жештината, убавината на природатата … овие елементи се високо поетизирани описи што често наликуваат и на вистински реални слики, фотографии. Понекогаш, ова медитеранско лето наликува на вистински лик што самостојно функционира и дејствува во романот. Урошевиќ, од опис до опис, прави читателот да се вљуби во летото, да го почувствува тешкиот воздух, мирисите на билките и тревите, незгодниот притисок од песокот на стапалата, струите на водата, изгорениците од сонцето, итн. Пејсажи кои се толку совршено насликани што кај читателот се создава чувство на фатаморгана, на оптичка мамка односно Олга гледа дамки од светлина што реско заигруваат врз лицата на сопатниците и исчезнуваат, дрво покрај патот што ја фрла својата сенка од заробена вода, или го чувствува сувиот песок, а заедно со ликот на Олга гледа и чувствува и читателот. Според тоа, просторот и времето во овој роман функионираат како отворени структури, скицирани во чуден паралелизам помеѓу постоечки и имагинарни географски предели, исполнети со надворешни и внатрешни светови во и надвор од човекот, како и неговите внатрешни, психолошки знаења и побуни.

Во романот постојат две наративни гледни точки, два дискурса преку гласовите на ликовите на Драган и на Олга, но не треба да се занемари и наративниот глас на Урошевиќ, што активно учествува во градењето на романот, глас кој се јавува како цитирачки субјект[4] што дава пасуси од Историјата на Херодот и од научни студии за скопскиот земјотрес и за Охридското Езеро од Коста Петковиќ и од Синиша Станковиќ. Исто така, треба да се напомене дека ликот на Драган често пати се поклопува со ,,лирското јас“ на писателот. Ликот на Драган е претставен како нетипичен студент поради фактот дека доаѓа и се сместува во градот цели три месеци пред почетокот на академската година. Според значењето на неговото име, Драган означува драга и скапоцена личност. Оттука, ќе прикажам еден од повеќето портрети што Драган односно Урошевиќ ги дава за ликот:

Во мене се судираат соништа и реалност; секој миг можам да се распрснам. … Но, главно е дека сѐ што ќе замислам се исполнува во оној или овој вид тука, пред моите очи. Моите џебови се полни со разни копчиња; јас ги вртам како во лабораторија. Околу мене треперат високи напони, се шири мирисот на изгорената гума. Јас сум научник од стрипови кој измислува невозможни машини. Јас сум човек кој ги собира цифрите од куќните броеви. Јас сум занесеник кој го бара закопаното богатство по пештерите и старите куќи. Мене ми ги крадат плановите испишани на зајачка кожа, на пергамент, на глинени плочки, на хартија од училишни тетретки со коцкички. Јас сум во опасност; мене ме прогонуваат мечтаењата. (Урошевиќ, 1965: 12)

Според горенаведениот цитат, читателот добива прв впечаток дека Драган е младич со нетипичен говор и јазик, со чудни мисли и особини. Но, доколку се обрне поголемо внимание ќе се заклучи дека Драган е сонувач, авантурист, научник, истражувач, пророк итн. Понатамошните описи покажуваат дека во него има судири на сонот и на јавето – тој не може да определи што е реалност, а што не. Овој лик е претставен како балон што секој миг ќе пукне. Неговите сетила се силни, но неговиот разум покажува знаци на нестабилност, нелагодност, обземеност и на постојано преиспитување (кое најчесто се јавува како производ од топлите бранови од сонцето и летото). Од друга страна, ваквите опширни и богати дескрипции покажуваат на повеќето улоги кои ги има и ги носи неговиот лик во сегашниот, во минатиот и во идниот живот. Ваквата истовременост говори за паралелниот универзум, за повторно раѓање на ликот. Интригантни се прашањата кои постојано си ги поставува Драган. Тој има чувство на дежа ву, како да го искусил веќе поминатото. Оттука и двојната егзистенција на ликовите, која се јавува во романот. Тој вели:

Историјата на земјата се повторува во мене. Кружења околу невидливи оски: создавање на небесни тела, кружен тек на водата, движење на материјата и енергијата, облик на водните животни. Дали цветот е свесен за сонцето пред кое се отвара? (Урошевиќ, 1965: 15)

или

Предци: јас не сум јас; јас сум други. Одиме ли, слушајќи ги одамнешните одлуки на оние пред нас, или е тоа само наш напор да им се доближиме, да ги откриеме нашите одлуки? … Јас не сум јас, други се во мене. Чиј пат повторувам, чиј страв? И чија крв..? (Урошевиќ, 1965: 96)

Освен лирско-поесткиот занес, Урошевиќ ја отвара темата за постоењето на микрокосмосот и на макрокосмосот во кои живее секој човек. Тргнувајќи од фактот дека не постои едно апсолутно време, туку бесконечна низа на времиња, преку овој роман се заклучува дека постојат низа од паралелни светови и времиња кои се приближуваат, се разгрануваат, се сечат или со векови не знаат едно за друго.[5] Па така, цитатот: Мене сѐ ми се има веќе случено, се покажува како губење на ориентација заради преместувањето на световите, но и како потврден одговор на неговите прашања што создава уште посилен заплет на дејството.

Доаѓањето на Драган во новиот град е детално опишано, особено нагласено е неговото рано запишување на факултет. Доаѓањето во неговиот нов дом, во куќата на улица Црвена вода бр. 4,  наликува на возбудлива авантура во очите на Драган. (Дури и адресата има свое значење!) Неговите мисли создаваат збрка па така, Драган во децата кои си играат на улицата гледа криминалци, насилници што го бркаат, за наеднаш тој да се најде во балон со шари позајмени од народните носии на Монголија, да ги прелета Алпите и да слета на непознат брег, каде покрај водата го чека мистериозна девојка. Ова ,,патување“ е всушност, метафоричен приказ за наредниот настан каде девојка како миговна сенка, како ретка земја, како палава лава со сулфурни ружи на бакнежи поминува покрај него по скалите. Со неговото вселување како да се засилува зашеметеноста кај Драган. Иако времето го поминува по улиците или во својата соба, Драган силно ја чувствува таа медитеранска жештина која ги поматува неговите мисли. Мирисите, сенките светлина, пијаната земја, тие медитерански елементи ја оформуваат неговата потрага по самиот себе. И газдарицата која му го изнајмува станот, забележува дека момчето е чудно: Доаѓате да студирате? … Но, факултетот почнува дури наесен, рече таа, што ќе правите тука цело лето. … (Урошевиќ, 1965: 17) Таа се појавува како глас, како лик што ги изустува сите прашања и мисли кои се појавуваат кај читателот на романот.  Драган не прави ништо. Тој се наоѓа во некаква замаеност, зашеметеност за која не е подетално нагласено нејзиното потекло. Неговото живеење и постоење изгледа егзистенцијално (Драган чувствува глад, спие, итн.), но и нејасно. Неговите сетила работат беспрекорно јасно и чисто, тој ги чувствува сите мириси, вкусови, звуци и допири во/на градот, но неговите мисли лутаат постојано и непрекинато. Неговиот јазик е поетски што потајно алудира на поетскиот занес и восклик на самиот автор, Влада Урошевиќ.

Од сите дејства кои ги прави Драган, едно е најдобро и најсилно претставено, а тоа е љубовта кон Олга. Обостраните чувства се доста нежно и искрено прикажани, читателот добива впечаток дека станува збор за платонска љубов како од бајките. Доста интересно е претставувањето на првата средба помеѓу Олга и Драган, на нивниот прв поглед и впечаток каде Олга гледа младич со коса: суво дрво, старо жито, песок што ‘рѓосал на сонце, лице: изненаден засек во пејсажот, линија која подготвува изненадување, облик на елипсата на ветрот. (Урошевиќ, 1965: 21),  додека Драган ја гледа како небесно тело кое опишува долга, зашеметувачка, елипсеста линија околу својот центар. (Урошевиќ, 1965: 14)

За жал, никогаш не се изговорени тие магични зборови на љубовта, ниту се случува романтичниот бакнеж. Нивните емоции се прикажани како љубовен занес, како опсесија, како обземеност од која и Олга и Драган не можат да излезат … обземеност која мистериозно ги крие своите почетоци. Нивното загадочно познавање наликува на поврзаност низ минатото, низ минатите светови и сегашности.

Од друга страна, ликот на Олга е претставен со голема страст и еротизам (може да се забележи преку зборовите топла, намовната, итн.), Урошевиќ детално ги нагласува нејзините движења на телото, нејзините атрибути и мириси што читателот добива впечаток дека Олга е онаа овошка која го исполнува романот, таа е истата овошка за која пишува писателот. Од сокот на праската, страниците го добиваат мирисот на Олга, односно вкусот на праската. Oлга вели:

Сакам мириси. Силни, топли летни мириси … мирис на превриени овошки … кајсии што измамуваат со својот пијан шеќер … праски што се враќаат … Ги сакам градските мириси … Сакам сѐ: плодови. (Урошевиќ, 1965: 71)

Олга е претставена како девојка со истакнати сетила, нејзиното сетило за допир е исто така, акцентирано – нејзиното тело постојано лебди, капките сок од праска течат по нејзините дланки и усни, нејзината кожа ги чува капките вода итн. Според значењето на нејзиното име, името Олга означува света и благословена девојка. Оттука и поврзаноста помеѓу овошјето и ликот на Олга:

Како човек да проживува цел еден живот со секој плод.

или

Како со вкусот на праските што ги сакаш ти. Го забораваш секоја зима и го откриваш секое лето. Зарем не ти се чини како да си го познавала отсекогаш, но и дека првпат го чувствуваш? (Урошевиќ, 1965: 151)

Врската помеѓу овошјето и Олга е детално прикажана, на лик таа изгледа како взаемна поврзаност што не можи да биди прекината, пресечена. Ако подлабоко ја погледнеме ваквата врска, тогаш заклучокот е доста дециден – Урошевиќ пишува за праската и за Олга со ваква страст заради нејзината претходна реинкарнација и поврзаност во претходниот живот. За тоа се сведоштво бројните корелации помеѓу Олга и плодот односно името Олга и овошјето праска се поврзуваат со бесмртноста. Вкусот на праската е нешто што одново и одново ги враќа, ги оживува сеќавањата, сладоста исто како девојката Олга. Но, праската не е единственото овошје кое е опфатено во романот. Во романот се опфатени и маслинката, како типично медитеранско растение, потоа кајсијата, мирисите на кафето и багремот, како и разни инсекти и животни од тропски и суптропски региони како што се мувите, гуштерите, мравките, осите, и други.

ШТО Е ОНА ШТО ГО ТЕРА ДРАГАН ДА ДОЈДЕ ВО ГРАДОТ ТРИ МЕСЕЦИ ПОРАНО ОД ОЧЕКУВАНОТО ВРЕМЕ?!

Одговор за предвременото доаѓање во топлото Скопје на овој лик не е наведен, но според паралелните светови, реинкарнацијата на кои алудираат неговите алузии се покажува дека судбината, тлото, духот, некаква сила или магија го повикува Драган да го направи своето преселување пред очекуваното време заради неговото умирање, смрт со која ќе се случи згаснување на неговото материјално, земно тело во овој свет.

Главните ликови одржуваат врска и комуникација на начин за кој не се свесни ни двајцата  –  јазик од имагинарниот свет. Па така, ликовите се оние врз кои е ставен фокусот, тие се ликови кои го прикажуваат постоењето на паралелните светови, на паралелното сега и утре. Олга и Драган се ликови кои живеат во некаква имагинарна сфера, лоцирани во град каде воздухот е тежок. Нивните претстави и замисли се врзани за имагинарното, магиското и сетилното поимање. Тие чувствуваат дека се познаваат веќе безброј години, неговата кожа на прстите го знаеше тој допир, нивните сетила постојано се поврзани едни со други. Драган знае дека таа го следи сигурно и без двоумење при секој негов потег, движење или мисла. Нивната потсвест, внатрешност постојано се бори со надвошноста, со надворешниот свет и се обидува да го измени текот на настаните.

Покрај нивната врска од минатиот или идниот живот, Урошевиќ ја употребува во романот и потенцијата на магијата и нејзината врска со предметот. Како таков елемент, Урошевиќ ја претставува парата со ликот на мистериозната, но позната девојка за која, на крајот од романот се случува археолошко ископување. Пред таа ископана земја, Олга стои со чувство на љубопитност, но чувствува и некаква поврзаност со Ботиеида, при што несвесно ја фрла исцицаната коска од праската во ровот. Исто така низ романот, и Драган е често прикажан како во своите џебови, помеѓу своите прсти крие паричка со ликот на Олга, на која бледо се сеќава.

Не смеат да се изостават и љубовните триаголници кои ги вметнува Урошевиќ во романот односно постојат два љубовни триаголници и тоа: првиот е формиран помеѓу Драган, Олга и Зоран, а вториот помеѓу Драган, Олга и Бубе, нејзината другарка. За ова сведоштво се бројните записи каде Урошевиќ ги претставува љубовните занеси, погледи, бакнежи, игри помеѓу ликовите, односно бројните туширање на Бубе каде Олга гледа како водата ја заскрнува, студените бакнежи на Бубе кон Олга, односот помеѓу Драган и Олга, Олга и Зоран итн.

Зошто за главен и единствен настан е земена токму една таква природна појава со кобни последици? Дали тресењето и распукувањето на земјата е претставување на судбината на психолошките ликови во романот? Или пак, на внатрешните пореметувања од нивните претходни животи?

Претставениот медитеранистички урбан пејсаж во реалното и/или имагинарното Скопје за време на летото кое нуди егзотични мириси и вкусови, замаеност, колебање во функцијата на сетилата се претвора во пејсаж што ни открива нов град во градот.  Наеднаш се случуваат серија помали тресења на земјата кои создаваат паника кај луѓето, а кај Драган – сон. Сон за некаква пара, за некакво пловење, за некаков потоп, … за некаква девојка. Сонот за потопот, како библиска матрица, говори за тежината која го обвиткува Драган. Но истовремено, говори и за неговата преголема нервна исцрпеност, за стремежот кон совршенство, за неговите желби и илузии, за потрагата по девојката од архетипската пара. Преку тоа, Урошевиќ го подготвува читателот, а и самите ликови на кулминирачкиот врв во романот.

Централниот настан што го разработува романот, е страшниот земјотрес што го погодува Скопје во 1963 година и тој е оној кој ја детерминира, ја предопределува судбината на ликовите Драган и Олга. Скопскиот земјотрес совршено се вткајува во содржината на романот и се појавува како врзувачка точка помеѓу празните места, со логичко и функционално оправдување. Истовремено хронотопот на нарацијата коиндицира со хронотопот на реалното случување на истата. Од самиот роман се воочува дека Урошевиќ при создавањето на романот, истражувал и за историјата на земјотреси кои го погодиле Скопје. Ваква слична природна несреќа се случува и во 518 година и во 1555 година кога градот бил целосно срушен од оваа сеизмичка активност. Ова изненадно движење на земјата, освен што одзело бројни човечки животи, родило и поместување на секојдневниот живот, но и во самиот човек. Несреќата е прикажана и како поместување во ликот на Драган и на Олга. И двајцата се загрижени за другиот, и двајцата се надеваат дека другиот е жив, не обрнувајќи внимание на срушените бетонски столбови, на урнатите куќи кои паѓаат како пердуви. Ова внатрешно поместување создава мешавина од емоции, од страв, од плач. Олга е во неверување, таа постојано повторува: Не тоа не сум јас што се плашам …. Не се согласувам. Не се согласувам. Негирањето на Олга има и друга позадина. Освен поматеноста од несреќата, Олга одрекува да го изгуби Драган, да замине од овој свет во друг. За жал, се случува катастрофалниот земјотрес, Драган чувствува како земјата е нерамна, немирна и заминува да ја спаси својата Олга, мислејќи дека останала во полуурнатата куќа. Но, во тој миг се случува уште еден помал потрес каде куќата целосно се срушува. Драган загинува, а Олга го напушта градот и неговата жештина.

ШТО Е ОНА ШТО ЈА ТЕРА ОЛГА ДА ЗАМИНЕ ТОКМУ ВО ЗЕМЈАТА ПОМЕЃУ ЕЗЕРАТА?

Медитеранското лето не завршува со несреќата во урбаното Скопје. За типични медитерански топоси се земаат и патувањето, номадството, потрагата, прогонството, а  оттука се раѓа и бегството на Олга.  Таа не прецизира каде оди, но според дескрипциите и нејзините мисли се гледа дека Олга го напушта Скопје и заминува во Охрид заради потрага по себеси, но и заради бегање од судбината или заради паралелноста која ја следи, а не заради заборав кон Драган.  Таа прекината врска со водата, се обновува.

Охрид како остров на Медитеранот помеѓу ридовите[6], е вечниот копнеж на македонските поети и писатели, од времето на Константин Миладинов па сѐ до денес. Во тоа ,,море“, Урошевиќ како да чувствува радост, живост, опседнатост од медитеранското лето и неговите вкусови и мириси … како да ја препознава својата припадност помеѓу водата и сонцето. Мистериозната Ботиеида е привремено бегство за Олга. Поради овоземната смрт на Драган, Олга ја реализира љубовта, го вкусува Еросот со Зоран. Таа потајно се преиспитува, уживајќи со ,,новиот Драган“. Зоран, како ново топло изгрејсонце во животот на Олга, е лик кој случајно се појавува во нејзиниот живот и останува во него. Но, Олга постојано се прашува и сонува за изгубениот Драган:

Понекогаш … сонувам: седам покрај некој, сонцето е млако, некаде зрее грозје, страшно сум среќна. Нечија рака е покрај мојата, некој седи покрај мене: дали си тоа ти? -Не знам, рече Зоран. (Урошевиќ, 1965: ….149)

Таа чувствува некаква метафизичка желба и жедба по бескрајот, по оностраното и недостижното. Освен поради Зоран, нејзиниот еротски немир, нескротливост и енергија се стишени поради водата со нејзиното магиско дејство, која создава постојано преиспитување на душата од Олга. Овошјето, особено праската, не е застапено во овој дел, како што беше во претходниот. Па така, дивоста, нескротливоста, продуктивната виталност и енергија, како елементи на медитеранизмот што претходно беа доста застапени, сега се стишени, намалени. И токму, кога читателот се надева дека Олга ја избегнала судбината – таа ја фрла коската од изедената праска во ровката земја во археолошкото ископување. На тој начин, судбината се повторува.

На крајот, прашањето: Дали овие јунаци умираат или одново се преродуваат?, одговорот е даден индиректно односно ликот никогаш не умира со згаснувањето на неговото земно, материјално тело. Тој засекогаш останува да живее во мислите на читателот, на другиот, а во овој случај – преку постојаното читање и пречитување на романот кој храбро живее и опстојува на македонската книжевна сцена односно во  паралелниот свет, во релативното време, помеѓу сонот и јавето.

Романот ,,Вкусот на праските важи за постмодерен роман со постмодерни протагонисти, кои создаваат и живеат во паралелни светови, при тоа ги решаваат парадоксите на постоечкиот свет. Тематиката на трагиката на човековиот живот, составена од вечното трагање по човековото постоење, говори за вистината и заблудата по вечниот живот. При тоа, доживувањето на истата говори за развиената свест за комплексноста на човековата психа, за антагонизмот помеѓу сонот и јавето, за елементарните сили што постојат надвор од човековата природа. Георги Старделов вели: Три основни атрибути на човечкиот живот се вкрстуваат во тематскиот опсег на Вкусот на праските: љубовта, судбината и смртта поврзани еден со друг и неразделни еден со друг. Оттука, ние со сопствената волја ништо не можеме да измениме, тоа е литература врз основа на литературата зашто животноста нејзина е во неа доведена во прашање. (Андоновски, 2000: 220) Па така, Влада Урошевиќ развива филозофски однос кон животот, со неговите неиспитани длабочини.

Овој мистичен свет не би ги истакнал доволно релативноста и субјективноста без присуство на медитеранското лето, без култниот однос кон почвата, водата и сончевата светлина. Копнежот кон недостижното море, потиснатата слика и сеќавање кон таа вода, кон тоа копно, мирисите и вкусовите … само ги зацврстуваат трагите од медитеранизмот при што се создава воздигнување и возвишување на медитеранистичкиот рајски пејсаж на непознатата земја на Урошевиќ. Драган и Олга, како ликови кои го презентираат човекот со сите негови совршености и недостатоци, ја носат тагата по изгубеното единство со природата и можеби, затоа се ,,казнети“ да живеат во паралелни светови односно во свет каде никогаш нема да си ги прегрнат телата, да си ги допрат дланките. Со своите културолошки вредности, симболи и традиции, Медитеранот како незаменлива инспиративна слика, станува ареал во македонското творештво, уметност и култура.

Делото дејствува како своевиден палимпсест, преку пластење на настаните и индивидуалната судбина во два различни хронотопа, во ист простор и во исто време. Тој е сведоштво за значењето и влијанието на Медитеранот, како простор отворен за нови сознанија за неговата животворност и плодност, но и за митот кој го определува човековото постоење, временска и просторна свест, како и минливоста на животот.  Па така, иако ,,класичното“ сиже е отсутно, тоа не го поништува фактот дека ,,Вкусот на праските“ е првиот цут, првото кокиче, првата ластовичка во македонската постмодерна книжевност.

Авторка на есејот: МАРИЈА МАРКОВСКА

     МАРИЈА МАРКОВСКА е родена на 04.05.1996 година во Скопје. Дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески“ во Скопје. Во електронски формат е објавена нејзината прва стихозбирка ,,Барајќи се себе си“, како и неколку нејзини творби и есеи. Пешак што го бара преминот од уметничкото во бестелесното, помеѓу она земното и универзумот – пишувач на неразбирлива поезија.

Користена литература:

  • Андоновски, Венко. Дешифрирања (литературни студии). Скопје: Штрк, 2000
  • Друговац Миодраг. Историја на македонската книжевност: ХХ век. Скопје: Мисла, 1990
  • Ѓурчинов Милан, Петковски Борис, Шелева Елизабета (приредиле). Македонската литература и култура во контекстот на медитеранската културна сфера: зборник на трудови од меѓународен научен собир. Скопје: МАНУ, 1998
  • Капушевска – Дракулевска Лидија. Категоријата ,,Хронотоп“ во романот ,,Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ,  (електронско издание) http://mirage.com.mk/index.php/mk/spisanie-mirage/242-5/komparativni-poetiki/309-2013-04-23-12-54-17 (преземено на 10.05.2021)
  • Ќулавкова Катица (приредила). Теорија на интертекстуалноста. Скопје: Култура, 2003
  • Урошевиќ Влада. Вкусот на праските. Скопје: Култура, 1965
  • Урошевиќ Влада, Митската оска на светот, (електронско издание) https://makedonskalozha.wordpress.com/2012/12/09/mitskata-oska-na-svetot/ (преземено на 15.05.2021)

 

[1] Ѓурчинов Милан, Петковски Борис, Шелева Елизабета (приредиле), Македонската литература и култура во контекстот на медитеранската културна сфера: зборник на трудови од меѓународен научен собир, Скопје: МАНУ, 1998 година, стр. 17
[2] Капушевска – Дракулевска Лидија, Категоријата ,,Хронотоп“ во романот ,,Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ, (електронско издание)
[3] Урошевиќ Влада, Вкусот на праските, Скопје: Култура, 1965 година, стр. 155
[4] Андоновски Венко, Дешифрирања (литературни студии), Скопје: Штрк, 2000 година, стр.227
[5] Капушевска – Дракулевска Лидија, Категоријата ,,Хронотоп“ во романот ,,Вкусот на праските“ од Влада Урошевиќ, (електронско издание)
[6] Ѓурчинов Милан, Петковски Борис, Шелева Елизабета (приредиле), Македонската литература и култура во контекстот на медитеранската културна сфера: зборник на трудови од меѓународен научен собир, Скопје: МАНУ, 1998 година, стр. 320

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија