Р(Е)ВОЛУЦИЈА
Мементо мори, стегај си заби низ солзи.
Милион успеси, а само ползи и ползи.
Видици шири, од која страна и да свртиш, крив си.
Шо ќе ти е на живото суштина?
Исфрли сè и на крајо плукни ја.
Чекај си 5-6 сати во јавна институција.
Ако немаш кеш – најди супституција.
Барање, потврда или молба,
Почекај, оти денот не е почнат.
Напред назад, в место – рутина.
Шо и да прајш, те чека лудница.
Излези надвор и оди в глутница.
Храброста пред сè и сешто,
вонредни вести во живо пренос.
Не е ЕВОЛУЦИЈА ПЛАТЕНА РЕВОЛУЦИЈА.
Ќути и пати ко ќе ти ја затнат муцката.
ПОСТОИМЕ ИЛИ САМО ДИШИМЕ?
Се навикнавме да живејме на фабрички начин.
Така само егзистираме,
Не комуницираме.
Со поглед провоцираме.
Постоиме за да се задоволиме со секс,
ова де да задоволиме биолошка потреба.
Љубовта е месечен прилив,
која било ти е уба, ако сакаш да го пикниш.
На се одиме со проценка,
Се да е под конец, прво проверка.
Проверка на се, освен на мислите.
Секој момент е прикриен.
Пијани, ама не од љубов,
оди со кој било, па макар и да ти е кругот.
Битно моментално ти е убо.
Забораени случки, мигови изгубени,
Изгорени души, умој заљубени.
Така сме принудени.
Општество на мозоци – време на пороци.
Порано ценета душата,
сега само вревата се слуша.
ПРАШИНА ЗАГЛАВЕНА ВО СТАРА МАШИНА
Tониме.
Се молиме.
Пробваме да пловиме по водите.
А умираме.
Не сеќаваме до кај стигнавме,
Крици испуштаме,
Ќутиме,
Се будиме,
А тупи сме.
Тргаме од последното парче,
За малце, за атер.
Се тегниме со времето,
Прерано, претерано,
Оти црно е семето.
Молиме да не поплукат,
Да не потапкат по рамо,
Да го прескокнат срамот.
И не се вртиме – само право.
Ние сме само прашина,
Заглавена во стара машина,
Водиме борба со замислени персони,
Креваме тон до плафони,
Без никакви факти и аргументи,
Кукаме во сите моменти.
Tргаме малку напред, па се враќаме.
Се враќаме по кој знај кој пат,
И пак и пак и пак.
Плукаме по се и сешто,
Демек ние делуваме вешто,
Всушност изгледаме смешно.
Врзваме лаги дури си ја врзваме јамката,
Дури не падниме во замката.
Се занимаваме со банални работи,
се раниме со пакости,
само за да скриеме слабости.
Се радваме на туѓа несреќа,
дури тониме во бедата.
Креираме измислени приказни,
Се водиме по некојси прирачник,
За да слушаме „убај“ придавки.
Во дупката пропаѓаме,
се давиме,
и ко ќе дојди „нож до коска“ поставуваме прашања две:
„Дали крајот има крај?
Дали во пеколот има рај?“
Немаме појма, само терај и трај.
ВАЛЕРИЈА ДАМЧЕВСКА, родена 1996 година во Битола. Дипломиран економист од областа на е-бизнис, моментално работи во областа на дигитален маркетинг. Пишува слем поезија во чиј фокус е критиката на општеството и системот и секојдневието на обичните луѓе. Настапувала со свои слем поеми на неколку настани , меѓу кои и два слем натпревари во Македонија, почнувајќи од 2018 година.