КАДЕ БРЗАШ МАЛ ЧОВЕКУ, Катарина Јовчевска

КАДЕ БРЗАШ МАЛ ЧОВЕКУ

Го гледаш ли хаосот во овој свет
каде брзаш мал човеку
да достигнеш ли уште до височините
или да ѕирнеш што сѐ се крие насекаде
на земјата или во вселената со авиони, ракети…
Дали имаш желба сѐ уште да се китиш
со повеќе награди, пари и плакети?
Што се заморуваш со сите тие прашања
што сѐ не успеваш да достигнеш?
Што ли, што ли, што ли?
Дали заспиваш мирен?
додека некој таму далеку
е толку свиреп
и луѓе гинат, срушени куќи, соништа,
катастрофи, епидемии, пандемии и што ли уште не…
Дали сѐ уште ти брзаш таму некаде
и сега види се себеси
во домот седиш така затворен
и се чувствуваш така беспомошно
како она животно што го пикна во кафезот
ти и не знаеш што е тоа карма
ќе минуваат и години
но ти не си посилен, не си посреќен
од она што беше, не си помирен
а ти си само остарен и истрошен.
Го пронајде ли патот од чекорот
кон една милја во неповрат
што мислеше да ја изодиш?
Сега замре сѐ, сега запре сѐ
во овој „чудесен свет“
како и твоето срце што љубеше
и заборави дека некогаш
си живеел или воопшто не.
Дали сепак ти помисли мал човеку
колку солзи се пролеале
низ векови и војни
за да ти ги наследиш ѕидините
во татковините.
Но ти сепак не, не си слободен
во замокот од самотија
што го изгради со сопствените раце
и ја украси внатрешноста со најубава срма
а ѕидините со најскапоцени камења
и со тој лажен сјај во срцето што пати.
Дали сега си доволно голем ти мал човеку?
Колку огромни беа твоите соништа
што се распукаа како меур од сапуница
во оваа стварност што самиот ја создаде
да направиш сѐ повеќе, и повеќе и повеќе…
Дали погледна во срцето,
дали погледна кон небото
повика но никој не одговори
кога ти никого не слушаше
ни тишината не прошепоти
кога не ти беше грижа за другите околу тебе.
Дали научи да слушаш ти мал човеку
дали доволно даваше
дали повеќе некого сакаше
дали барем некогаш ти Господ го бараше
бар само некоја минута
или по некој час во текот на денот или неделите.
Но од тоа зависи сѐ
дали ја имаше вистинската цел
и немаше да се случи ова сѐ што денес го живееме.
О, драг но сепак мал загубен човеку
каде е сега твојата величина
каде се изгуби, дали испари
како облакот непостојан
или можеби како ветрот
кој нема правец или како тебе
кој незнае кога и каде ќе замине.
Дали гледаш како сѐ се распаѓа
дел по дел секој од нас
и не можеш да пуштиш глас
бесполезно е
но можеби еден ден
ќе се разбудиш од сонот
за кој веруваше дека е привиден,
илузорен,нестварен
но , не
а никој не е поштеден
но тогаш предоцна е за сѐ.
Дај те молам драг мал, кутар човеку
разбуди се навреме додека сѐ уште е време
некако да преживееме
од она што остана
од онаа некогаш убава Планета
што ја убивме со алчноста.

Катарина Јовчевска, 24.03.2020.

     КАТАРИНА ЈОВЧЕВСКА  е родена 1977 година во Малме,Шведска. Досега има објавено 3 збирки поезија: „Воздишки и мечти“, „Во двобој со желбите” и „Одисеја на мислите “ и двата романи:  „Заробеник во сопствениот живот”(Автобиографски)  и  „Живеј го животот  со восхит”- книга водич како успешно да ја победиш депресијата инспирирано и напишано од свое лично искуство. Во септември 2019  година  беше специјален гостин  на  „Денот на македонската поезија“ во градската библиотека во Гетеборг за нејзиниот автобиографски роман  “Заробеник во сопствениот живот”.  Член е на Друштвото на писатели од Куманово. Дел од нејзиното творештво е достапно на twitter,youtube,facebook,Instagram katarinajovcevska (KateJo) и www.macedonia.co.uk

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија