ПРИВРЕМЕН АМФИТЕАТАР, Јулјана Мехмети, Албанија

НАПУШТАЊЕ

Внатрешното патување е необично талкање
што не навлегува под кожата,
но ги протега рацете секаде наоколу
во празнината што ги одделува просторите
и отежнатиот воздух,
што ја притиска душата
како во девет невидливи кругови
што се спуштаат по скалата кон длабочините
во задгробниот свет на евнусите
во долгото исчекување
на последниот касај од задоволството.
Болен е заморот од очајувањето
што ги стега забите пред неискажаниот збор
во хаосот растурен во ребусот на шумата
што се крева во обелиск пред амбистот на тагата,
на еден напуштен
брег
на работ од пустелијата.

И уште повеќе, на едно слатко губење,
напуштањето на мислата…!

 

ВО ОКОТО НА СИРЕНАТА

Кога мојата коса ќе се преплете со твојата мисла
се губам меѓу звуците и боите на виножитото,
што мојата душа ги претвора во вечерна соната
и еден танц што нема крај,
и раце што плутаат со воздишката на ветрот
стапалата што го следат бранувањето на морето
во окото на сирената
и брановите што го допираат нежно брегот.

Ти пристигаш со крилјата на зајдосонцето
во прикриените желби во воздухот што не опкружува,
оставаш светлечки трагови како тетоважи на моето тело,
ги палиш моите зајдисонца меѓу жедбите
потоа гориш во универзумот,
како осамена ѕвезда.

Сребрениот поглед се витка на мојот хоризонт,
талкајќи во таинственото
и љубовните жедби,
исцицани од пехарите на лудило,
истурено
во оснажените вени
од една нова прегратка
на небото и земјата,
во еликсирот на животот
вкусен меѓу усните во исчекување.

 

ИЛУМИНАЦИЈА

Само еден зрак ја осветлува душата
пристигнат од други престоли
од небото на Боговите
запален како искра во скриените очи
во најтемниот лавиритн,
онаму каде привидот ја дели човечката судба
и вљубените
ги вовлекува
во невидливите мрежи на гревот.

Азурно сината боја
украдена од синиот смарагд
од нимфите што минуваат преку морето
кревајќи бранови
во белите сништа
и разузданите желби
што талкаат по небото.

 

МЕЃУ МИСЛИТЕ

Вечерва Меркур блеска во галаксијата
бујни мисли без тежина,
на месечината и остана една прикриена насмевка од тајни
додека се обидувам да се сетам
дали дождот или ветрот
ствинуваше
морето продолжува да ги мрмори молитвите на сирените
измешани во времето
трпките од судирот меѓу упорните бранови
што заминуваат и се враќаат
врз студениот песок измешан меѓу прстите
со капките од солзи
жедба и сол…

Талкам низ мојот простор во потрага
„мора да е тука некаде огнот што гори„
темнината се обвива со бели олбаци
сневајќи будење на светлината
во некој загубен агол
на полусенките на мислите
на небеските патеки,
што можеби зората ќе ги поврати
со скриените насмевки на животот.

 

ПРИВРЕМЕН АМФИТФЕАТАР

Тргни ми ги од градите плетенките од ноќта
пушти дишењето да стане ветер
шепотејќи во оние таинствени шуми
каде насмевката од еден сон се враќа на пролет.

Темните ноќи секогаш сеат тага
покривајќи го ветениот рај
и зад себе оставаат пепел на заборав
по тезгите од магла,
како годините што секој ден ми го вртат грбот
со воздишка повеќе
и се подсмеваат мислејќи на Генезата
кога животот слободно леташе
без да ги крева ѕидовите
на привремениот амфитатар,
каде секој се прекршува во огледалото на Нарцис
збудален од отсуството на она што се случило
во предизвикот на животот,
минувајќи ги древните ѕидини
со откраднат поглед
од светлините што ги пренесуваат загубените траги
скриени меѓу визиите
и забележани онаму
каде ја жртвуваме само желбата.

 

МАГИЧЕН МИГ

Утрото бавно се спушта
врз патеката на зората
каде нијансите на месечината
откриваат минати мисли…

Еден магичен миг
и здивот се запира
меѓу соголените сништа што минуваат преку прагот
на свеста
и потоа нѐ следат,
со поинакви чувства.

Веќе сѐ се случило
а може и повторно
да се случи…
Во мистеријата на будењето
тајните што се исповедаат
а светлоста останала да виси
меѓу студената прегратка на ноќта
и трпките
на денот што се раѓа…

Љубопитноста по непознатото
ѕирка меѓу петелките на снените цутови
и успаните капки роса,
што треперат…
во исчекување
на она што допрва ќе се случи!

Јулјана Мехмети
Превод: Билјана З.Билјановска

     ЈУЛЈАНА МЕХМЕТИ е родена во Драч, Албанија. Објавени книги:  „Soft – Poesie” („Меко – Стихови„), превод на книгата „Vramendje„ („Протресување„) од италијанскиот автор Алесандро Феручо Маручи Пиноли („Rimugino„  – Alessandro Ferruccio Marcucci Pinoli)-, збирката стихови „Прекорачување„ (“Oltrepassare”) објавена во Тирана, Албанија. Потоа следува нејзината збирка стихови на англиски јазик „In his light” („Во неговата светлина„) која е објавена во Холнадија од издавачката куќа Демер Прес (Demmer Pres), во јули 2019 година. Поетската збирка „Намасте„ (Namastè”) е исто така објавена во Италија во издавачката куќа Урсо Едиторе Авола (Urso Editore Avola) во март 2019 година. Нејзините стихови се преведувани на повеќе јазици во Европа, САД и Кина. Oд 1999 година живее и работи во Анкона, Италија.

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија