ВСЕЛЕНА, Глорјана Вебер, Словенија

ВСЕЛЕНА

Слушам музика и не чувствувам никаква друга потреба
во аголот гледам девојка – со моите прсти свири на клавирот на дедо ми
сите повторно ќе се сретнеме
и молкот ќе ни го објасни значењето на вселената

револуционерната улица која многу ја здогледаа
како бегалци во сите правци од нашите нови градови
сакам да стојам на местото што се шири
сакам да му се смешкам на оној што ќе ни објаснува

како на лицето од некоја друга држава
мојата суштина плаче баш таму каде што другите се будат
во гладuвањето и бедата без кучешки можности
во некое друго место високо над нас

нас нѐ загрижува сопствената ситнотија
во турканицата во утехата за некое време
морам да ги слушам криците
понекогаш тоа е сѐ што ми треба

 

ЖЕНА

Гледам жена
само не ги гледам нејзините очи
нејзината рака е лабава и се лизга
како ќесата која ја влече по земјата
во градот во мракот
под покривката

гледам жена
често спие на црвениот кревет
сигурно е прекраток за неа
мора да се свитка
и купот од книги на полицата
ѝ служи како завеса

ја гледам оваа сокриена жена
нетрпеливо ме следи
како мраз
како нешто што е потребно да се направи
за нешто што мора да се потсетам
бидејќи оваа проклета жена трча

и нејзиниот ôд се движи со хистерија од моите постапки
и притоа никој не се буни
бидејќи размислува со моите сеќавања
и стои таму каде што се моите стапала
кажи ми бидејќи јас не ги гледам нејзините очи
какви се
дали и тебе те гледаат?

 

ПЕСНА

Би можело да биде потешко
тоа Мартин Лутер веќе го знаел
навечер улиците во еден правец се црвени
а во другиот бели

како оваа ноќ кога се приближуваме до Германија
или како тогаш кога се приближувавме до Франција
без оглед на тоа од која страна доаѓаме го гледаме истото
– црно и во црното две бои

пишувам песна некој пред нас слуша радио
чита италијанска книга
пишува смс-пораки на шпански
го сонува американскиот сон

а надвор се менуваат светлата
бело и црвено црвено и бело
како што мравките секогаш маршираат исто
како телевизиска емисија или холивудски филм

и само понекогаш се пали сината
и сите застануваме
само тогаш
и потоа долго нема ништо повеќе

 

КАПКА

Сте виделе дека земјата гори!
столбовите се издигнуваат и паѓаат
кријлата горат и се засолнуваат во пештерите
скалите се откорнуваат
планинските врвови се кршат и пукаат
сѐ е покосено и старото е освежено
горат нераскажаните приказни
пасоши без имиња идеи им ветуваат на мисли
она што е уште неизживеано гори
зградите хартиите девојките старците улиците во пламен
под површината
во засолништата
во зборовите и меѓу нив
небото како камен морето како факел
дим
и земјата се движи и спушта со остарената плуќа
ни народот ни воздухот ни местото ни поимот ни тишината која не гори
секаде оган секаде прашина а куќите се влажни
луѓето раскажуваа
луѓе во толпи и толпа во една единствена точка
уште празнината гори
и во тој оган живее капка

 

ИМИЊА

Вчера сонував дека на Земјата пламнал вирус
кој ги избришал имињата … И тоа утро во мојот сон
луѓето станаа допирајќи ги своите тела, пиеја кафе …
Тоа би можело да биде кој било дел од светот Љубљана Токио Каиро
но баш местото во мојата глава беше целосно идентично со ова место
исти улици згради и ограничени можности
истото сонце со истите чувства а исто толку празно
И во тоа место луѓето утрово ги отворија весниците
ги вклучија мобилните радиото интернетот им ги покажаа документите на полицајците
на лекарите здравствените книшки … Се сеќавам
како луѓето збунето гледаа едни во други
се бараа разговараа оддеднаш си беа потребни
допирите дискусиите и мислењата станаа валути и акции
Бараа чувства на небото и ветерот
сообраќајните знаци беа празни требаше да се најде правецот
Одеднаш почнаа да се прашуваат од каде тој страв
зошто им се тресат рацете зошто им солзат очите – кои се
Сето тоа за конец беше исто а сепак поинаку
остана само чувството дека некогаш имале имиња
дека некогаш постоеле натписи за именување на ознаки на стрелките…
Како некој од прозорецот да го отстранил стаклото
и би станало јасно зошто надвор се превиткуваат стеблата

 

Глорјана Вебер
Препев од словенечки: Драгана Евтимова

  ГЛОРЈАНА ВЕБЕР (1981) е словенечка поетеса, изведувач и духовен истражувач, има дипломирано на Универзитетот за Политикологија, докторски студии од Општествените науки на Филозофскиот факултет во Љубљана (Поезијата како елемент за социјални промени). Авторка на повеќе од 1000 иновативо-експериментални проекти за поезија, кои се развиваат повеќе од десет години во рамки на нејзиниот институт IRIU (Инспирација, Истражување, Уметност). Објавува во познати домашни и странски литературни списанија. За својата поезија има добиено неколку домашни и меѓународни награди.

Издадени поетски книги: Слободен пад (2013) и Раскош (2020).

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија