КОРПОРАТИВНО УТРО, Васко Марковски

КОРПОРАТИВНО УТРО

Намера имам
жено да те видам, хмм…
гола и боса.

 

Сонце нè буди
со цртежи по ѕидот
— пораснал денот.

 

Мамурно утро
ме брза на работа,
а сакам чорба.

 

Автобус на „Млаз“
ме отру од сабајле
ни крив, ни должен.

 

Тргни од овде
и освоj го светот.
Летиште Скопје.

 

Тргни од овде
и рашири Божји збор.
Летиште Охрид.

 

В раце ја имам
ламбата на Аладин.
Што да и правам?

 

Со букет кали
пешак сум на црвено
— сељак џентлмен.

 

Комшиско маче
низ ноќта мјаука
прв ден без мајка.

 

Дечиња песок
во кофичка си полнат
— море и радост.

 

Бранови велат:
Денеска нема плажа,
Ветрот е газда.

 

Симнувам јарем
од мудра глава. Збогум
корпорацијо!

Васко Марковски

    ВАСКО МАРКОВСКИ е туристички водич, патеписец и литературен преведувач. Дваесетина години работел како новинар, патеписец и уредник во петнаесетина медиуми (радио, печатени и мултимедија). Oд 2018 целосно се посветил на професијата туристички водич. Автор е на поетската книга „Корпоративно утро“ (2013), на монографијата „Урбани легенди“ (Бегемот, 2018) и збирката репортажи „Непозната Македонија“ (Бегемот, 2020). Застапен е во неколку антологии на современата македонска поезија.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија