МАЛА ПЕСНА, Силвана Ј. Димитриевска

БЛАГОСЛОВ ЗА ПОЕТОТ

Те благословувам со тишина,
сопствена соба за владеењe,
со спокојство на паднати ангели,
заспани некаде под прозорците
додека ти сонуваш дека
сите ѕидови исчезнале
и ти пораснале крилја.

 

МАЛА ПЕСНА

“зошто постоиш и ти
со своето молчење,
што го ставам на крајот од песната
како точка.”
(Атанас Вангелов)

Тишината секогаш следи
по водењето љубов,
како што следи дождот по грмотевиците,
за да ги измие водените знаци
што полноќна ги создала како клучеви
со кои ги отклучува и заклучува
Сеништата и Сенките.
Тишината е тогаш благослов,
за нашата и премногу простодушна потреба
да не ги убиваме нештата… со нивно именување.

 

МОЈАТА ИНДОКИНА

Како косите очи на мојата Индокина,
ти ги oбележувам под челото
летот на ѕвездите и змејовите,
ти ги испишувам длабоко
врз образите, стомакот, препоните
оризовите полиња, гладта на островите,
облаците натежнати пред дождовите,
низ твојата уста протекуваат монсуните,
ќе ме мразиш заради тоа, еден ден,
рацете на изработувачите на свила,,
очите заљубени во солзите на каучукот,
твоите пори отворени ги спознаваат
тишината и молчењето
грст ретки зачини измешани пред утрото,
гледаш-постојат бродовите на Рембо,
пловат спокојно низ зеленилото на полето,
сега веќе длабоко веруваш во се,
тагата има седум имиња, девет лица
и само еден знак за нејзино одбележување,
светот нема осум страни, ни точни мерки
за постоењето на минутите и секундите,
животот се раѓа кога стојат ѕвездите,
надвор од видливото движење на воздухот,
телото води љубов два пати, еднаш со страстите,
дишеш налик на промената на мените,
твоите зглобови непогрешливо паметат
-страсно ти ја испишав историјата врз кожата,
со своето дишење ја препишуваш врз просторот,
поседните кругови чад од опиум
на тие мапи ја покажуваат, сосема прецизно
твојата желба да ме убиеш, голема и влажна
како косите очи на мојата Индокина.

 

КОГА ТЕ ОСТАВАМ

Кога те оставам
тишината во собата ти заспива врз ушите,
надвор е месец на парење на мачките;
ти спиеш вљубен во врисоци,
како Јогин заробен во земјата на Кадали
сонуваш танцувајќи, како крадец, на прсти,
твоите соништа обоени пурпурно
се налик на диви, амазонски дождови;
распуштени коси на Навахо жени
во жртвен ритуал за гладта на боговите;
Кога те оставам
дуваат немирни ветрови од Север,
некаде далеку со суровост на око
ноќта е силувана од ѕвездочатениците,
ја соблекувам кожата пред своето патување,
сечам прамен коса и истурам пепел врз дланките,
ти страсно веруваш во цикличност и враќање,
испраќаш сенки да ми ги следат чекорите,
да ме водат по левата страна на светот;
но, пак не знаеш до каде ми допираат прстите,
9 милји од точката на раѓање на огнот,
секогаш, само чекор од твоето сонување;
Кога те оставам
се враќам со пурпурен дожд на челото
и влажна земја под кожата и коските,
кога врисоците подмолно се кријат во аглите,
се враќам во точно определено време,
кога тишината ти ја ослободува моќта за слушање
и уморни од љубов заспиваат мачките;
ти доаѓам како врач, на еден здив растојание,
по изминати три циклуси на лунарното живеење
ти давам предност од еден бакнеж
за моите, сега веќе, преостанати шест.

 

ЧЕКАЊЕ

на Ежен-Емил-Пол Грендел

Кога небото го раскинуваат илјадници
од татнежот на твојот насмев,
кога го раскинуваат толку илјадници,
толку налудничаво смртоносно илјадници,
светот станува малку поинаку обоен;
Недозволиво мешајќи жолто и сончогледи,
виолинистот кине уште една струна
пред да успее да ја отсвири Андалузиска романса,
некаде длабоко, кучињата го издаваат крадецот
кој решил да прелаже еден прозорец,
зад кој сонува како на месечина црвеното семе;
неочекувано се претвораат во сино сите експерименти
на еден црв да се разбуди како пеперутка,
храбри се оние кои веруваат во виножита;
Јас чекам.
Кога би дошла би боледувал три дена,
кога не би дошла можеби и повеќе.
Тогаш, драга, толку најдобро е
соблечи го фустанот и така гола
започи да спиеш.

Силвана Ј. Димитриевска

 

СИЛВАНА  Ј. ДИМИТРИЕВСКА (1981).  Дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје на Катедрата за Општа и компаративна книжевност со македонски јазик, а подоцна ја завршила и Едногодишната школа за новинари при МИМ (Македонски Институт за Медиуми). Била координатор на литературниот кружок „Мугри“ и уредник на поетскиот алманах. Застапена е во Антологијата на поновата македонска поезија за млади Пурпурни извори од Сузана В. Спасовска, антологијата Сто без една песна, приредена од Светлана Христова Јоциќ, зборникот на поезија и кратка проза на млади од поранешните југословенски простори Рукописе 30. Пишува поезија, кратка проза, есеи и хаику стихови објавени во првото македонско хаику списание Мравка. Автор е на антологијата Ангели со пет крилја, издадена во рамки на Струшки вечери на поезијата. Добитник е на втората и третата награда „Блаже Конески“ за научен есеј. За својата прва збирка поезија Ти што излезе од песна добитник е на наградата „Ацо Караманов“.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија