.топилница на болката
позади планината секое заоѓање на сонцето
со себе ги носи атомите на будноста.
космички вибрации и малку свежо ежење
на мислите. се препотува мозокот од процесирање
на пропуштени спомени. резовите страдање
ги интензивираат бледите сеќавања на медарките.
транспортирање на слајдовите пропуштен живот.
со заборавена солза под очните капаци
и рацете блиску до срцето го чуваме
животот под дланките. внегздена е таму
целата топлина на сонот. долга е
линијата што ја испишува маката,
тежок е врзопот од пропаднати надежи
што човек го носи обесен на вратот.
п.с. сè уште немам видено дервиш
да се врти на улица за пари..
.напластени тежини. актуелни времиња
(единствено што разбираме се нашите недоразбирања)
си ги откорнуваме чувствата,
си ги закопуваме радостите,
говориме за разочарувањата
како за најголеми достигнувања во светот.
безгрижноста е луксуз. своевидна лудост.
вградена е како гаџет само кај оние кои имаат
да си ја платат својата бесчуствителност.
по целосно изцрпување на разумот,
со ладни погледи заминуваме,
се грчевито „сè најдобро“ се поздравуваме
и се додека не ни е потребен ѕидот на плачот
сме заборавиле на подземните води во нас.
тежината на болката се поместува,
змијата си ја јаде сопствената опашка.
кругот е затворен.
.ортомато владеење и потскок
се следиме низ воздухот,
колку сме внатре се пребројуваме,
срцето ни потскокнува од болка
кога не напушта некој.
страдаме паднати на коленици затоа што
животот е краток, а не постигнавме
водоскок и мир во душата.
ги следиме сопствените патеки изгубени
во шумата. нема патокази, ниту траги од мртви борци.
ангелски глас одѕвонува за да ги разбие бурите
што лудеат во нас. камења сме што се кршат
лесно, додека некој ја планира својата нова фасада.
нема тишина посилна од смртта на цвет
згазнат од невниманието на нашиот од
или живот поважен од оној на инсект
стапнат од нас во брзање да застанеме
на бесилката
нацртана во тетратката на некое дете
оти најчесто стануваме непознат збор
оставен своеволно да се обеси.
МИТКО ГОГОВ
МИТКО ГОГОВ е роден 11 ноември 1983-та година во Скопје, Македонија. Неговото творештво досега е застапено и преведено во неколку антологии, стихозбирки и списанија за литература и уметност во Индија, Пакистан, Филипините, Кина, Тајван, Египет, УСА, Аргентина, Русија, Шпанија, Италија, Чешка, Романија, Германија, Израел, Мексико, Србија, Хрватска, Албанија, Косово, Грција, Бугарија… Автор е на стихозбирките Ледена вода (2011) и Скриено писмо (2019) издадени преку издавачката куќа Антолог. Добитник е на бројни награди и признанија, меѓу кои наградата „Енахалон“ на Струшките вечери на поезијата, наградата „Анџело Ла Векија“ во Сицилија, Италија, наградите на „Поетски литературни искри“, „Поетски слем“ во Прилеп, „Струшкибранувања“ во Струга, Македонска книжевна авангарда 2020 година и многу други.