СКОПСКИ БЛУЗ И ДРУГИ ПЕСНИ ОД МАКЕДОНИЈА, Имануел Мифсуд, Малта

ПЛОШТАД „МАКЕДОНИЈА“

Секогаш налетувам на вас, души на старите градови,
духови-свирачи на виолина –
ги свирите истите песни стари,
истите тонови придушени,
пеете за неуспешни и пропаднати љубови,
секогаш истата смрт ја умирате сред плоштадот.

Повеќе не ме изненадува
кога од нигде-никаде ќе се појавите
посакувајќи ми самотно добредојде;
жиците се осудени да ги свират познатите слики
како добропознатите испотени прегратки
и сребрените солзи што ни капат по реверите
и истекуваат насекаде.
Врне, а вие продолжувате да талкате
по улиците стежнати од уката на
кралевите и кралиците кои исцртувале мапи
кои ние сме принудени немо да ги следиме.

Вечерва ќе направиме исклучок, ќе седнеме на маса,
ќе запалиме по една – па ќе заплачеме.
Ќе го почувствуваме задоволството
предизвикано од солзите
што само ние можеме да го разбереме,
оти нема друг како нас во овој стар град.

 

НЕНАСЛОВЕНА

Понекогаш си замислувам како некој ден те среќавам
додека шеташ сред широкиот плоштад, во црнина,
а чантата ти виси на рамо. Очите ти се губат меѓу сликите што ги наѕираш во лицата
што едвај те забележуваат.
А ти шеташ како ветре натежнато од росата во најситните часови на утрото.

Можеби еден ден ќе те сретнам сосем сама,
додека чекаш на железничка станица среде пустелија,
чудејќи се дал’ да си купиш билет ил’ да заминеш
по патот што те води до осаменото селце
во кое никогаш ништо не се случува,
во кое времето запрело.

И можеби еден ден ќе ја отклучам вратата од станот
и ќе те најдам во аголот како шиеш венчална руба
за свадба на која никој не оди, ниту младоженецот
кој, остарен, едвај се движи низ собата.

Во младоста сонував како пловам со чамец
и веслам по отворени мориња,
и конечно те пронаоѓам како ме чекаш во водата.

Сега косата ми е оретчена и душата стврдната.
Сега добро знам колку погрешни се сите романи
што ги напишав во авионите со кои долетував
во земјите што сакав да ги откријам.
Сега и ова го знам: дека никогаш не ќе те пронајдам,
а и не сум ни сигурен дал’ сакам,
оти толку малку од тебе е останато,
а тоа малку останато, верувај ми,
не вреди да се дели со друг.

Затоа, ќе се напијам уште една чаша, ќе замижам,
во случај да се наоѓаме во истиот град;
дури и да седнеш покрај мене,
ќе се обидам да не те забележам.
Еден ден ќе се појави мажот што го љубам,
и ќе биде јадар и снажен, мажот што го љубам…

 

СПИЕЊЕ

Сега кога запре дождот може да си заминеме
оти доцна е веќе и капаците ни стежнуваат.
Доволно тишина испивме, речиси се опивме.
Ајде сега да одиме на спиење, сè да испозаборавиме:
да заборавиме дека сонцето изгреало и дека ќе зајде,
и да заборавиме дека нема ништо за заборавање –
дека ништо посебно не се ни случило.

 

ПРВИОТ ПАТ КОГА СЕ СРЕТНАВМЕ

Те молам да не зборуваме за првиот пат кога
се сретнавме. Одамна беше. А и онака некои слики
треба да бидат закопани длабоко,
на дното на старите ковчези,
надевајќи се дека молците ќе си го направат своето.

 

ДЕЦАТА ПОКРАЈ ВАРДАР

Се собираат навечер и питаат,
нудат цвеќе за пари,
пенкалца, хартиени марамчиња,
понекогаш дури и вентилаторчиња.
Тие деца мали, не поголеми од седум години,
добро ги разбираат значењата на „ништо“ и „не“.
Доволно е само да ги изустиш и ќе си заминат
ко никогаш и да не биле;
ко никогаш и да не те виделе како чекаш,
како зјапаш…
во ништото во мракот,
во очекување на не-то на празнината.

 

ПОСЛЕДНАТА СТРАНИЦА ОД ТВОЈАТА ТЕТРАТКА

Кога ќе ја испишеш тетратката, почни да ја прелистуваш наназад
во потрага по грешки.
Макар што тоа не би сменило ништо
зашто и онака не може да се избрише напишаното.
Ќе бидеш и ти како Пилат: quod scripsi, scripsi.

Потоа убаво измиј си ги рацете –
мувлосаните страници баздат.

 

РЕЧЕНИЦИ

Што се случува со речениците
откако ќе се излеат на купиште од нашите усни?

 

ДО ВЕЧЕР

До вечер дрвјата ќе ги избришат сеќавањата на тебе
штом повеќе не им ги искачуваш гранките
за да го почувствуваш сонцето,
трошка повеќе, пред заоѓање.

 

СКОПСКИ БЛУЗ

Убеден сум: штом не те видов денес,
никогаш повеќе не ќе те видам.
Небото се смрачи. Заминувам.
Можеби еден ден ќе ти пратам своја фотографија. Можеби испечатените очи
ќе ја наѕрат онаа што ја криеш во себе.

 

СТРУГА

Некаде далеку има сино езеро кое чека.
Опеано во поезијата, обиколено од поети
засекогаш изгубени во мракот и влагата.
Кутрите поети! Можеби се лизнале од брегот…
и се удавиле.

Од книгата СКОПСКИ БЛУЗ И ДРУГИ ПЕСНИ ОД МАКЕДОНИЈА, Имануел Мифсуд
Препев од англиски на македонски: Елена Пренџова

      ИМАНУЕЛ МИФСУД (Малта, 1967) е прозаист, поет, драмски писател и преведувач. Трикратен добитник на Националната книжевна награда на Малта, во 2002 година за збирка раскази, во 2014 година за збирка поезија и во 2015 година за роман. Во 2011 година станал првиот малтешки писател добитник на интернационална книжевна награда, кога неговиот роман Во името на Таткото (и Синот) ја освои Наградата за литература на Европската Унија. Доктор на науки од областа на книжевноста. Работи како универзитетски професор на Државниот универзитет во Малта, по предметите Малтешка книжевност и Книжевна теорија.

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија