МАЈКА
Го најдов конечниот одговор на животов во проза
како што беше ветено.
Чувствувам јазол како ми се затегнува во дишникот
и барам начин да го извадам
без воопшто да ја почувстувам болката
на загубата на нешто свое.
Се оддалечивме од она што го посакувавме
и од она што не успеа да ни се случи
затоа што, мајко,
не може сè да се случи,
особено кога сме препуштени сами на себе.
Морам да ти кажам дека денес
оклопот ми го покажа патот
до ослободувањето од јанѕата
што си ја присвоив за своја.
Се разбудив со милувањето на дневната светлина
гледајќи од креветот како двe гугутки
се сакаат нежно.
И си помислив на нас.
На нас, мајко.
Каква прекрасна трагедија
да нè удри метеор
без никакво предупредување, без повратна адреса.
Без болка и без страдање стануваме две изгубени души
родени лишени од умешноста да се справат со
она што е минливо
како љубовта кон себеси
и мртвото присуство на некој кој некогаш бил присутен
а исчезнал
по тој августовски ден
што воопшто не беше топол.
Каква прекрасна трагедија.
Каква охрабруввачка трагедија.
Какво обично семејство,
толку секојдневно,
толку нормално,
го удри метеор,
како и многу други
и не се поврати со првиот
ниту со вториот гром на животот
но можеби со третиот
што се осуди да ни навлезе низ прозорецот
што се осуди да ни ги продупчи очните капаци
што се осуди да ни каже дека светлоста
ни се вратила во животите,
нашите животи здрави и кревки
како кога ме бакнуваш в чело и ми велиш:
Мамо, светов е многу мал и јас многу се плашам,
и никогаш не успеав да сфатам
дека животот е згусната, блуткава вода полна со бубашваби
што морам да научам да ги голтам.
И затоа, мајко,
денес се разбудив во припиена прегратка на нејзините гради
во времето додека кревкоста на ноќта сè уште не беше столчена од денот.
Сакам да ти кажам:
Каква прекрасна трагедија е фактот што животот нè има нас денес.
Каква прекрасна трагедија е фактот што сме заедно,
што ќе се сретнеме повторно и што ќе се сакаме
како што се сакаме.
Олза Олзета, Шпанија
Препев од англиски јазик: Елена Пренџова
Олза Олзета e победничката на Европското слем-првенство за 2020 година кое беше во организација на Младинскиот културен центар во Марибор и во коорганизација на СиСлем – Словенечката мрежа за слем-поезија. Претставничката на Шпанија, ЛГБТКју+ активистка и артистка пишува тематски слем и во контекст на нејзиниот активизам.