ДАЛИ ПОЕЗИЈАТА ИМА МЕДИТАТИВЕН КАРАКТЕР?
Не знам, навистина би знаел. Ете, јас никогаш не сум имал умствен капацитет да медитирам и мислам дека медитацијата би го придушила мојот поетски карактер. Сепак, поезијата има своевиден метафизички карактер што би можел да се опише како медитативен или пак медијација на самата медитација како составен дел од поезијата и самата поезија би можела да биде еден вид медитациска форма настаната некаде меѓу спокојот и хаосот во заумните мисли на поетот.
КАКВА Е ВРСКАТА НА ПОЕТОТ СО НЕГОВАТА СОПСТВЕНА ХАИКУ ПЕСНА?
Некогаш е многу лична и приватна, ама и едноставна, како првата прошетка низ градскиот парк со првата вистинска љубов, како јадење кремпита и тулумба со боза, како навивање за маалскиот фудбалски клуб што никогаш не победува, а некогаш е многу апстрактна и привидна, како призрак којшто никогаш не постоел, но е таму, како годишно време во кое се менуваат летото и зимата, наизменично, час снежи, час сонце грее, како реката што се влева во морето и како девојката што го чека својот војник што можеби и нема да се врати.
ШТО СЕ ПОДРАЗБИРА ПОД СЛОБОДА ВО ПОЕЗИЈАТА?
Да може да се пишува, објавува и рецитира за она што најмногу нѐ допира и засегнува, но и за она што не присилува и манипулира, и тоа во секое време и насекаде ширум овој стуткан и збиен свет, а притоа да се нема страв од политички репресии и законски казни и воопшто да не се внимава на граматичките правила и стилските книжевни форми, да се пишува како што водопадот паѓа громогласно и жуборливо…
АКО КАКО ДЕЦА РАСТЕМЕ СО ПРИКАЗНИ, КАКО РАСТЕМЕ КАКО ПОЕТИ?
Со набљудување на секојдневието што не опкружува, со консумирање на масовните медиуми и социјалните мрежи, со терање на политиката што допира до нашиот кревет и ја узурпира нашата приватност, и можеби барем малку преку читање поезија напишана на вистинско парче хартија од едикојси обичен човек што имал дарба да биде поет, доволно за да се биде инспириран и да се земе пенкалото што некогаш било перо и да се напише првиот збор во тефтерчето од 33 денари, или пред сѐ на синиот екран од преносливиот компјутер или ај-фоун, дури и кога батеријата е сведена на 12%.
КАКВА ПОЕЗИЈА ДЕНЕС МУ Е ПОТРЕБНА НА ЧОВЕШТВОТО?
Поезија што би била апстрактна, суреална, нестварна што никој не може да ја разбере и сфати, зашто само така вистинската поезијата може да му прскоси на овој дигитализан свет во кој што се помалку се чита, а уште помалку пишува вистинска поезија. Зашто, само така поезијата може да го инспирира поетот за да навлезе во длабочината и суштината и да биде добра и оригинална како некогаш, кога го трансформирала и инспирирала светот. Поезијата денес е исфорсирана, прекумерна, копија на копијата без оригинал, таа е исчкртан пост на фејсбук или случајна сликичка на инстаграм со поинаков карактер и нејасна суштина што не одговараат на првобитниот поетски дух и душа.
Зоран Радически