КОЈ ЌЕ ГИ ЗГРЕЕ ПТИЦИТЕ?, Искра Донева

Хаику ( Кој ќе ги згрее птиците 2006, Македонска реч, Скопје)

ДВОБОЈ / ДУЕЛ

Човек со трска.
Рибата во реката
чека појадок.

 

Леб без сирење…
Штрбни мала трошка од
месечината.

 

Истурен сок.
Мравка мисли плови по
Жолтата Река.

 

Пирамида
од отворени чадори –
стара шишарка.

 

ЦИКЛУС ГОДИШНИ ВРЕМИЊА

Дрво за огрев
сечат… А кој ли ќе ги
згрее птиците?

 

Надвор паѓа снег…
Дома пијам врел чај со
пријателите.

 

Средина од март,
стреата обеззабена –
падна мразуец.

 

Бор нишна гранки.
Тропна на прозорец
за добро утро!

 

ПЕТКА ИЛИ ГЛАВА?

Скокот во увото…
ветрот ми дошепнува
тајна вистина.

 

Паричка во леб.
Лепчето ми нарасна,
а среќата не.

 

Петка или глава?
Сеедно, оти добивам
и кога губам.

 

Грст детелини
со четири листа крај пат.
Среќата се множи!

Искра Донева

     ИСКРА ДОНЕВА е родена на 20 јули 1983 година во Скопје. Чита, пишува и објавува од нејзината седма година. Во 2000 година на јавноста и се претставува и со првата стихозбирка „Говорот на срцето“. Дел е и од клубот „УНЕСКО: Живите јазици – прозорец кон светот“ и од повеќе литературни читања и перформанси, културни настани и фестивали  во земјава и во странство, меѓу кои и „Струшки вечери на поезија“. Последниве години, во периодиката е застапена во: „Огледало“, „Феникс“, „Мравка“, „Спектар“, „Наше писмо“… и во електронските списанија „Мираж“ ( www.mirage.com.mk ) и “Литернет“ ( http://liternet.bg ). Некои делови од нејзиното творештво се достапни и на англиски, француски, полски, српски и бугарски јазик. Преведува од англиски и француски. Како плод од нејзината страст кон најкусиот лирски жанр, во 2006 се појавува и хаику збирката “Кој ќе ги згрее птиците“. Во 2009 година во “Небеска раскрсница” таа страст бара нови медиуми и прераснува во хаига, жанр што првпат се презентира пред пошироката литературна јавност. Годинава, 2013, во нејзиниот опус бележи уште хаику збирки: „Скакулче игра плочка“, „Татко“, и „Лазарополски хаикуа“. Неколку нови ракописи чекаат да бидат објавени.

 

 

 

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија