КОГА ЉУБОВТА СЕ ТРОШИ КАКО КРЕДА, Лулзим Хазири

(ОВА СЕ ВИКА САМОТИЈА)

скиташ по улици за да начекаш човек
одеднаш се гледаш како си беседиш со прозорец со лисја со сонце
со наведната глава како клатно се враќаш низ добро изгазена патека
со ногавици влажни од утринската роса
кога разбудениот свет го пие кафето сонливо
со рацете в џеб го стегаш клучот
’рѓосан од потта
кој не отвора ниедна врата
клучалките ушите устите фатиле мов
време е кога вратите се отвораат со ѕвоно

 

(САМОТИЈА Е ОВА, А НЕ ГРДОТИЈА)

го снима сопствениот глас на магнетофон
додека создава песна или расказ
полемизира
разговара со облачето на кафето
со догорчињата во пепелникот
со жен(ск)ата додека води љубов пастувска
го примамува лентата
не се плаши зашто не е сам во собата

 

(И ОВА Е САМОТИЈА)

скиташ по улици за да начекаш човек
одеднаш се гледаш како си беседиш со прозорец со лисја со сонце
со наведната глава како клатно се враќаш низ добро изгазена патека
со ногавици влажни од утринската роса
кога разбудениот свет го пие кафето сонливо
со рацете в џеб го стегаш клучот
’рѓосан од потта
кој не отвора ниедна врата
клучалките ушите устите фатиле мов
време е кога вратите се отвораат со ѕвоно

 

(ОВА НЕМА ДРУГО ИМЕ ОСВЕН САМОТИЈА)

куќната врата ја остава отворена
со чекањето обесено како куќен број на порта
како палто на клин
чека писмо покана некаква тужба
има толку да каже не знае кому што
јазикот му е зачнат од сокот на зборовите
пајаците му ги заробиле прстите врз машината
прозорците му ги заковале со шајки

 

(МИРНИ ДНИ ВО ПРИШТИНА)

I

Радиото како разулавено пее на едно ќоше
Љубовните песни спијат на маса
Ние легнати на ќебето со боја на цреша
На места изгорени од необуздани страсти
Се клештиме со шепот на лисја
Играме со ножните прсти
Ова е доба кога љубовта се троши како креда
Изморен те гледам в очи како кратковид
Со пливање на жаба се нурнувам во длабочина
Се мешам со соленоводните риби Солза
(нејзиниот свет се разликува од светот мој)
Ти ја подарувам детелината на среќата со четири лисја
Ти бараш повеќе од мене
Виножитото околу вратот невината Игра со зборови
Сè што не е во мои раце
(светот мој се разликува од нејзиниот свет)

 

II

Сакам да сум морска сол
Да се топам на твоето бело тело
Секое утро да се будам доцна покрај тебе
Изгубен во мрачната шума од твоите коси

 

III

Што можам да кажам Јас за Тебе
Што ме тераш стопати да слушам една иста песна,
Твојот дух ме тера да се подмладам напладне
Улиците на градот ми ги врзуваш јазол под нозе
Косите на Самсон ми ги кубеш во екстаза
Со твојата страст ме плашиш
Што можам да кажам за твојот Мирис од жена
Којшто ми се лепи на алишта на нос
Не смеам да го отворам прозорецот да излезам на улица
Од прстите го молзам преостанатиот сок на љубовта
Од мирисот на гревовите не смеам да го мијам
Зошто ми се топиш во вода ми се претворуваш во меур од сапуница
За да останам жив те пијам под градите

 

IV

Секоја ситница на твоето царство
Со вредноста на неоткриен споменик

 

V

Да ги отвориме портите на срцето
Ладните клучеви да ги фрлиме в река
Портите на љубовта да ги оставиме без ѕвоно
Да влегуваме и излегуваме без тропање
Во оваа доба ни требаат изненадувања

Лулзим Хазири

  ЛУЛЗИМ ХАЗИРИ (Lulëzim Haziri) роден 1962 год., Гостивар. Книги поезија: „Песната се раѓа во самотија“ (Kënga lind në vetmi), Рилиндја, 1989; „Кога вратите се отвараат со звона“ (Kur dyert hapen me zile), Ватра, 1995; „Излез од Сафари“ (Dalja nga Safari), Брези 9, 2005, „Самотија обесена како број на порта“ (Vetmi e varur si numër në portë), Логос-А, 2015, „Кога љубовта се троши како креда“ (2017) и „Тестамент од свила“ (Testament prej mëndafshi) 2019.  Eсеи и колумни: „Албански рокенрол!“ (Rokenrolli shqiptar!), Шкупи, 2000, „Црно и бело“ (Bardhë e zi), Носити Ш, 2010. Песните му се преведени на англиски, француски, румунски, хрватски, фински и македонски јазик. Превод на книгата „Кога љубовта се троши како креда“ 2017, која е во издание на издавачката куќа Готен, од албански на македонски: Линдита Ахмети. Има објавено и неколку раскази.

Активен во полето на заштита на човековите права.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија