РАСТОЈАНИЕТО МЕЃУ ДВЕ ТОЧКИ, Драгана Евтимова

Мајка ми вели:
„Денес немој да доцниш.“
Неделен ручек.

 

Песок на брегот.
По него боси деца
приказни плетат.

 

Посакувајќи
да те дофатам тебе
кружам низ воздух.

 

Со шепотење
и малите дечиња
си кријат тајни.

 

Во дланка мала
дете сака да скрие
верен пријател.

 

Временски прекин.
Поминувам низ врата
без клучарка. Сон.

 

Врата на ѕидот
молчејќи отвораме.
За влез во друг свет

 

Тишина. Лето.
Птица стои на прозорец.
Желба за друштво.

 

Минијатура:
„Обиди се да простиш“
ме теши мајка.

 

Црта кругови
мало дете во песок.
Бара пријател.

 

Небо цибрина.
Црква во вода плови.
Маврово блести.

 

Маврово. Чекам
сонцето да ме згрее
Прозрачно небо.

 

Трепери дождот.
Во ќоше од еден лист.
Доаѓа есен.

 

Разголување.
Ти на југ. Јас на север.
Љубов без лице.

          ДРАГАНА ЕВТИМОВА, објавува поезија, хаику, кратки раскази и есен. Ги има објавила поетските книги „Постоењето на динамиката“ (2005), „Јас сум некаде на друго место“ (2011), „Фусноти по сеќавање“ (2014), епистоларниот роман, заедно со Владимир Лукаш „„Се гледаме наскоро. Е.“ (2017), хаику поезија „Растојанието меѓу две точки“ (2018) и научниот труд „Концептот ’магичен реализам’ како културолошки феномен“ (2020). Уредник е на Антологијата „Игропис“ (2020). Добитник на резиденцијален престој  во Друштвото на писатели во Љубљана и Добитник на наградата „Антево слово“ 2020 година во Сицилија, Италија. Член на Друштвото на писатели на Македонија.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија