ПОИНАКОВ ГЛАС, Салајдин Салиху

ПОИНАКОВ ГЛАС

Кон поетската книга „Кога љубовта се троши како креда“ на Лулзим Хазири,
во издание на издавачката куќа Готен, 2017.

 

Во далечната 1989 година, во едицијата на „Рилиндија“, беше издадена прва книга Лулзим Хазири со наслов Песната се раѓа во самотија, што претставуваше подвиг во албанската поезија.

Авторот од Гостивар, студент на машинскиот факултет на приштинскиот универзитет, пишуваше поразлично од многумина афирмирани творци. Немаше студирано книжевност, но разбуди интерес кај проучувачите на книжевноста, немаше студирано јазик, но неговиот уметнички јазик рефлектираше магија. Во време на заморна морализација, тој се примамуваше од творци кои пишуваа без морална почит и создаваше поезија од таа природа. Во неговата поезија нема ниту еден експлоатиран симбол. Ја исклучуваше дури и месечината од неговата поезија, како симболика на една платонска љубов. Се забележуваше дека авторот имал голема среќа: имаше прочитано книги што го привлекувале, што ги имаше одбрано сам, а не книги што морал да ги чита, а кои брзо се забораваат, особено во времиња кога книжевноста се гледа како можност за постигнување на прекукнижевни цели. За творците, воопшто, катедрата се претвора во еден вид затвор за тортура, од кого не учиш ништо. Други божества го привлекуваат, други имиња владеат во неговата глава, други демони. Повеќе од катедрата поетите учат од „universitas vitae“, како што вели Цвајг. Хазири изгледа дека се спасил од ова бреме, но секако тој беше поет кој беше творец и читател. Независно од ладовините што ги прави големиот поет, тој одново не може да биде таков без голема култура. Доколку поезијата на Лулзим Хазири ја читаме интертекстуално, а не текстуално или контекстуално, ќе ги слушнеме „звуците на другите текстови“, како што велат проучувачите на интертекстуалната школа.

Во времето кога се издаде Песната се раѓа во самотија создавав без „носталгијата на печатот“. Повеќе го чувствував задоволството од (повторното) читањето. Една книга напишана за себе, во самост, на која треба да ѝ направиш место во катчето за книги што се читаат повторно, заедно со другите книги: Кога вратите се отвораат со ѕвонење, Излез од Сафари (избор) и др.

Значи, поезијата на Лулзим Хазири се чита за да се доживее, а не со цел да се коментира, но критичарот не е само читател. Според Ролан Барт, науката на книжевноста не може да нè научи за конечната смисла на делото, затоа што книгата е свет по себе. „Да читаш значи да го посакуваш делото, значи да го сaкаш делото, значи да одбиеш да го удвојуваш делото надвор од секое друго говорење, освен говорот на самото дело. (…) Да преминеш од читање во критика значи да ја смениш желбата, значи да го посакуваш не веќе делото, туку својата беседа. (…) Колку многу писатели заминале само поради тоа што читале. Колку критичари читале само за да пишуваат.“

Или, пак, можеме да се послужиме со констатацијата на Јуриј Лотман, според кого: „Раскажувајќи ја поезијата со обичен јазик ние јауништуваме структурата и, поради тоа, не успеваме на примателот да му го пренесеме флуксот на информациите што ги содржи таа“. Оваа информација, секако, е од повисок степен. И пред да ги читам Барт, Лотман и многумина други што помагаат за да се проучува книжевноста, но не помагаат да се создава книжевност, во ниту еден случај не сум ја прочитал поезијата на Лулзим Хазири со идејата дека ќе треба да ја коментирам. Сум пишувал поради почитта кон читателите на поезијата, запознавајќи ги за нешто што ретко доаѓа во светот на поезијата.

Секогаш ми се допаѓала и ми се допаѓа неговата јазична магија што, ако се повикаме на Јосиф Бродски, ги отвора „портите на мислата“. Поезијата овозможува повеќе отколку отворањето на тие порти: тоа е повеќе од мисла – тоа е плурално, емоција, фигурација, гледиште за светот. И повеќе од сите овие заедно. Поезијата е ништото за кое се има потреба. Имаме потреба за поезијата на Хазири, кој не ни дава нешто утилитарно, но создава естетско задоволство.

Да пишуваш за поезијата на Хазири никогаш не е доволен дискурсот на критичарот. Ти се случува при таков обид да создаваш палимпсест. За мене, сешто и многу нешта се книжевно дело што ја буди таа желба. Такви дела се оние што ни откриваат нешто ново по секое читање. Да пишуваш за поезијата на Хазири значи уште од почетокот да бидеш внимателен во изборот на дискурсот, да одбегнеш секаков вид конформизам. Тој е еден поинаков глас; творец кој носи нешто ново во албанската поезија. На почетокот, можеби ја немал таа намера. Неговата песна се раѓа во самост, се раѓа за да пее однатре. Сепак, многу придонесе за албанската книжевност, поезија на урбана чувствителност, третирање мотиви што се среќаваат во светската книжевност, но не беа толку присутни во албанската книжевност.

Подметот на поетското творештво на Ласгуш Порадеци е стихот: „Стара песна старинска, сосема малку ми се допадна“, а на Лулзим Хазири е стихот: „До кога по патиштата на албанската книжевност ќе скитаат стари возила“. Како што вели во еден негов стих, тој создаде албанска книжевност со автопати. Новата поезија, како што се случува со старите жанрови, особено со романот, може да се роди, не преку потврдување, туку преку оспорување на голем дел од творештвото што е напишано претходно. Различно од многумина други, Лулзим Хазири не ја сметаше поезијата како памфлет за пишување со вообичаени рефрени. Неговата поезија не ја трпи тривијалноста, не го трпи отсуството на креативноста, не го трпи експлоатираниот фигуративен јазик, не ги трпи крутите норми. Светот кој го опкружува е тесен за неговата душа и бара повеќе токму од тој свет. Како што вели Достоевски, тој не претендира да го смени овој свет, но со неговата уметност го прави поубав. Хазири се инспирира и од грдото, за кое пишува убаво. Неговата поезија честопати заличува на проза, но кажува многу, како што вели Ферлингети. Во поезијата на Лулзим Хазири обичните нешта заживуваат. Се создава чудна комуникација помеѓу субјектот со објектот, кои не се едноставни бездушни објекти. Креветот не е едноставно кревет. Тој е универзален симбол. Таму се случило нешто и продолжува да се случува. Нешто што раѓа спомен, копнеж, болка. Тој го зема бруто-материјалот од замореното секојдневие од едноставното, вообичаеното и создава нешто што е универзално, преку светов. Ова урбано секојдневие е згмечено со преокупации, дилеми и урбана вознемиреност. Имаме здушеност на човекот внатре, во не многу човекољубивиот простор за лиричниот субјект, кој бара да го пресврти пакуваниот хаос како хармонија.

Овие преокупации, што се надоврзуваат со актуелното, истовремено се и универзални теми. Творештвото на Лулзим Хазири, како што велеше Борев, има два слоја: актуелниот и универзалниот слој. Затоа е творештво што е прочитано од современиот читател и продолжува да биде со отворен хоризонт на исчекување.


II
Хазири пишуваше поинаку за самотијата, љубовта, судирот таткосин, проституцијата, хипокризијата, здушената тривијалност и др. Пишуваше со урбан поетски дискурс. Ги напиша најубавите поезии што можат да се напишат за Приштина, градот пред кого станува „на нозе како пред знамето“. Онака како што Бодлер ги познава душата
  и здивот на Париз или, пак, Џојс на Даблин, исто така и Хазири ги познава душата и здивот на Приштина. Фаталната врска се случува и кога поетот почна нов живот во неговиот нов роден крај, во Гостивар. Листајќи ги неговите збирки (Песната се раѓа во самотија, Кога вратите се отвораат со ѕвонење или изборот Излез од сафари) ти се причинува Приштина далечна, за да можеш да ја засакаш како жена која ти нанесува „болка како планина, која не гние како дуња во орманот на заборавот“… И ваквите стихови, што се фиксираат веднаш во сеќавањето, се многубројни, исто како и: „Навистина еден поглед е љубов, но љубовта не е еден поглед“ и многу други…


III
Поезијата на Лулзим Хазири е преведена на повеќе јазици, застапена е во многу национални и странски панорами и антологии. За неговото дело пишувале албански и странски критичари. Вреднуван е со книжевни награди. Наречен е „поетот созреан со рокенрол, кој стои отаде нормите“ (M. Лимани); поет кој создава преку хиперсензибилност, кој креира тематска самостојност, кој има автентично гледиште кон проблемите и самостојност во изразувањето (Рамадан Муслиу); поет кој изградил „нова утопија – албанската книжевност со автопати!“ (Миѓен Келменди); поет кој создава фигуративност што фокусира ситуација, амбиент и преку глобална слика комуницира со својот вознемирен свет (Али Алиу); поет кој ниже стихови настојчиво „за една од главните теми на современата поезија – самотијата“; и е „претставник на поколението со длабок очај и разочарување, со морални, професионални, политички и татковински вредности на постарото поколение“ (Абдулах Конушевци) и др.


IV
Книгите поезија на Лулзим Хазири се поинтелигентни од авторот. Тоа се книги што продолжуваат да зборуваат со читателите од различни времиња. Тоа се поинакви книги во време на здодевни рефрени за shituarin од магијата на јазикот; тоа се поинакви книги на поетични кловнови кои „секој идеал го прават обичен, речиси смешен“…

Суровиот поет Лулзим Хазири е надвор од толпата, од говорите и од инаугурациите. Тој „ги прави необични нештата, зборовите, метафорите“. Фрла плунка во рустикалниот вокабулар; не се занесува од целофани на лажни идеали или од реториката на злоупотребата. Тој е еретикот и човекот со поинакви гледишта кој нè прави „како“…


V
Лулзим Хазири се истакнува и со неговите естетски и публицистички написи. Тој е првиот критичар на албанскиот рок. Во таквите написи некогаш е аналитичен, некогаш ироничен, некогаш циничен, но секогаш го карактеризира длабоката хуманост. Светот, во неговото гледиште, останува простор на комуницирање помеѓу културите што во интеракција се збогатуваат перманентно.

Лулзим Хазири, како поет и есеист, го збогатува нашиот уметнички систем со неговите творби, со неговите идеи, со неговото спознание, но и со информациите што ги носи, како производ на неговата широка култура. Треба да бидеме среќни што го имаме.

Салајдин САЛИХУ

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија