ГОЛОТИЈА, Отавио Росани , Италија

ГОЛОТИЈА

Свлечени се нашите секојдневни алишта,
заборавени во канцеларијата се нашите обоени маски,
се љубиме овде,
на летечкиот килим во мојата соба.
Залетот на страстите не бара преместување,
ниту принудување, ниту пак оклопување.
Доволна е музиката и едно милување.
Главни актери на измисленото време,
лишени од секаков штит на оваа сцена.
Им се враќаме на лажливите маски
само преку грациозното движење:
нежен, нечуен бакнеж.

 

ДИЈАФРАГМА

Те бркав сè до скришната нишка светлинка.
На прагот ме дочека со насмевка.

Очите се полни со болскот од патувањето во бои.
Урамнотежени во воздухот, помеѓу сонот и облаците.
„Нема простор за носталгија, сè уште имаме време“.

Какви ли само изненадувања ќе ги пополнат
временските или просторните празнини
во овој наш живот под претпоставка дека
не сме вистински.
А сепак живи сме и полни со страст и очекувања.
„Оваа љубов не ќе згасне
– дадовме збор – ќе роди добар плод“.

Но, си замина ноќе,
без да ми кажеш како стојат работите.
Од тогаш, не можам да те стигнам.

 

СЛОБОДА

Од опсесиите и несигурностите
љубовта твоја ме ослободи
како и од грубоста.
Големиот сон беше да ја дочекаме
мудрата и блажена старост.
Но ти ја прескокна оградата
преминувајќи отаде невидливото.
Болката од твоето заминување
е премногу голема за да ја преболам.
Но во несреќата да те изгубам
имав среќа да ми бидеш друшка.
И знам дека некаде
сè уште со верба ме чекаш.

Отавио Росани
превод од италијански: Кристина Стаменова

     ОТАВИО РОСАНИ (Селија Марина, 1944), живее во Милано. Поет, писател, сликар и театарски режисер. Ги објавил следните збирки поезија: „Изобличености“ (1976), „Лажни граници“ (1989), „Мал театар на исчезнувањата“ (1992), „Огнови“ (1998), „Незнајната битка“ (2005), „Отворени прозорци“ (плакета, 2011), „Ритуали на заведување“ (2013) и „Месечина во очите“ (2019); есеите: „Бизнисот со киднапирања“ (1978), „Италијанската трагедија од Соси до Моро“ (1978), „Леонардо Шаша“ (1990), „Сведоштвата на покајаните“ (2000), „Државата, општеството и разбојниците за време на обединувањето на Италија“ (2002, три изданија); историскиот расказ: „Вашиот понизен и посветен слуга“ (1995). (Многу од овие изданија можат сè уште да се најдат на продажба во електронските библиотеки онлајн). Добитник на бројни награди.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија