ДЕЛНИЦА
Патот на песната е бесконечен
А ти си смртен.
Што можам да сторам?
Не многу, ама можеш нешто.
Што? прашав нестрпливо.
Со зборовите што ги поседуваш
Во твоето определено време
Да ја поплочиш делницата своја
Започнувајќи таму каде што
Престанав јас – ете, тоа можеш да го сториш,
Рече претходниот поет.
А каде ќе заврши мојата делница?
Го прашав несигурен и неопитен.
Се насмеа и одговори:
Делницата самата ќе ти се каже…
А еден ден ќе дојде друг
Што сака да биде поет
И ќе те праша
Што да прави со зборовите
Што ги поседува…
ИЗВОРИ
Во изворите каде што се раѓа водата
Барајте ја проѕирноста на мојата душа.
Во изворите каде што се раѓа светлината
Барајте ја продорноста на мојот дух.
Во изворите каде што се раѓа шумата
Барајте ја издржливоста на моето тело.
Во изворот на синото небо
Барајте ги моите мечти.
Во изворот на ветерот
Барајте го огнот во моите очи.
Во изворот на огнот
Барајте ја мојата храброст.
Во изворот на бескрајот
Барајте ја мојата смрт.
Во изворот на мојата песна
Барајте го моето повторно раѓање.
Во изворот на љубовта
Барајте ја мојата песна.
СОНУВАМ СО ОТВОРЕНИ ОЧИ
После 99 долги ноќи на несоница
И глуварења во осаменоста
Разговорите со ликовите во мене
И распнувањата на егото
Сега сонувам со отворени очи
Нови ливади и млади зеленила
По кои пасат белоруни овци
Потоци што гргорат
Водоскоци распалавени
Во родната земја води распеани…
Кавали шират милозвучни звуци
Млади девојки и момчиња
Со очи блескави
Се фатиле на оро китнесто
Го раскрилиле духот буен
Тие деца на љубовта…
Не се препознавам по ова будење мое
Од темната несостојба!
Подмладен и осилен раѓам
Нова песна посветена на животот,
Песна громка ведрилка
Песна лелејна радосница
Од градите искорната
НАРАВОУЧЕНИЈА
Да гледаш ама и да видиш
Да набљудуваш ама и да размислуваш
Да броиш ама и да одброиш или пак доброиш
Да мислиш – да, ама и да промислиш
Да думаш – да, ама и да продумаш
Да постоиш не само како име и презиме
Aми и да битисуваш како личност
Да гориш и пламтиш ама да не согориш
Да зборуваш ама и да кажеш нешто –
Ете тоа се марифетите во животот.
Да слушаш ама и да чуеш нешто
Да гладуваш ама да знаеш зошто.
Не попуштај оти првиот раѓа вторпат
Вториот третпат раѓа
Па така до целосно наведната глава
Како да не битисуваш.
ЅВЕЗДОЧЕЛ
Тој што ѕирнал насоне
Во светлата си иднина
Ќе потрча најаве бос дури и по жарта
Без да бара спас од сенките на минатото
Ниту пак надомест за нешто пропуштено.
Роден со среќа и фрлен на буниште
Го собрал некој пијан боем и го
Седнал на маса во кафеаната на животот.
И ете на таквиот
Му блеска ѕвезда на челото.
ПЕСНА ПОТСЕТНИЦА
Не е лесно едно срце да имаш
А да љубиш повеќе градови
Повеќе води
Неколку ветра
Три или четири врва планински
И повеќе од една жена…
И што во такви пресвртнички периоди
Да сториш ти којшто си распродаден со умот?
Нема друго чаре освен
Да напишеш песна потсетница
Од ова срце што од час во час
Старее и сѐ повеќе копнее
За одвеаните мигови на радоста
На страста и сласта.
Радост поради надежта
Страст поради младоста
И сласт поради врелината…
Но сега веќе гледам удолу
Кон земјата што ме чека
Да ѝ се вратам
Сѐ повеќе умен
Сѐ повеќе мудар
Сѐ повеќе таговен.
Умен од прочитаното и доживеаното
Мудар од претрпеното и стареењето
Таговен од неповратноста на извеаните
Мигови на радоста, на страста и на сласта…
Веќе студено е надвор на улиците на мојот живот
И нема експлозии.
Белее косата
И брчки го навјасуваат моето лице
Телото веќе не е раскошен булевар
По кој се движат расцутени посетителки
А ниту мислата ми веќе
Во себе содржи вулканска лава,
Компромис е на оваа веќе остарена глава
Која паѓајќи удолу сѐ уште сака
Песни да дава
Немоќна друго да чини…
И нека оваа песна потсетница
Биде ода на мојата состојба
Белег дека сѐ уште ме има.
Ерол Туфан
ЕРОЛ ТУФАН (роден 1959 во Гостивар), поет, есеист, преведувач. Во 1992 година се иселил во Турција. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Досега во Скопје на македонски ги објавил: книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и повторно 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ ( 2020 ) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021). Изборите „Ерол трагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) објавени се на српски јазик во Белград. Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија“ ( 2020) објавена во Скопје. Во Истанбул во печат е стихозбирката на турски јазик Hülya bitince. Член е на ДПМ, УКС и ТАП.