ИЗВОРНО, Керол Ен Дафи, Велика Британија

БРИТАНСКАТА ПОЕТЕСА КЕРОЛ ЕН ДАФИ Е ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА „ЗЛАТЕН ВЕНЕЦ НА СВП ЗА 2021 ГОДИНА.

Целиот текст е достапен на следниот линк.

ИЗВОРНО

Стасавме од нашата земја во црвена соба
што се распадна по полињата, мајка ни го пееше
името на татко со вртењето на тркалата.
Браќа ми плачеа, еден црекаше, Дома,
Дома, додека милјите брзаа назад кон градот,
улицата, куќата, празните одаи
во кои веќе не живеевме. Зјапав
во очите од слепа играчка, ја држев за шепа.

Сето детство е преселби. Некои се бавни,
те оставаат простум, малодушен, залидан по
улица во која не познаваш никого. Други се нагли.
Нагласокот ти е грешен. Агли, што божем ти се познати,
те водат кон незамисливи имоти со патеки од чакал, момци
што јадат црви и се довикуваат гласно без да ги разбереш.
Тегобноста на родителите се ниша како расклатен заб
во мојата уста. Си ја сакам нашата дома, велам.

Но потем забораваш ли, не помниш, се менуваш,
и гледајќи како брат ти голта гол полжав, сеќаваш само
спица од срам. Си спомнувам како мојот јазик
си ја свлекува кожата божем змија, мојот глас
во училницата звучи како сечиј друг. Си мислам, зар
загубив само река, култура, јазик, чувство за роден крај
и за вистински простор? Сега, кога Од каде си дојден?
Изворно? ќе ме запрашаат непознати, се двоумам.

Превод од англиски јазик: Зоран Анчевски
Керол Ен Дафи

КЕРОЛ ЕН ДАФИ (родена во Глазгов, 1955 год, во семејство со ирски корени) се вбројува меѓу најпознатите поетски имиња во Велика Британија. Покрај тоа што е високо вреднувана и ценета во академските кругови, таа е омилена и кај пошироката публика. Важен детал, во прилог на тоа е констатацијата дека нејзината поезија е веќе вклучена како задолжителна лектира во националните курикулуми на универзитетите, но и на училиштата.
Уште со првата, провокативно насловена книга “Standing Female Nude” (Стоејќи, жена, гола) (објавена во средината на 80-тите години), Керол Ен Дафи успеа да стекне широк круг читатели, но и неспорна поддршка од книжевната критика, што во неа инстантно препозна „расен, нов глас во поезијата“. Почнувајќи од таа дебитантска книга натаму, речиси секоја од следните поетски објави на Дафи беше наградена со најзначајните национални и меѓународни признанија (вклучително, престижната награда „Т.С. Елиот“, што таа ја добива за збирката Вознесение (2005) , како прва жена во историјата на доделување на оваа награда, потем, наградите „Дилан Томас“, „Сомерсет Мом“, „Харолд Пинтер“ и други), што убедливо сведочи за недвосмислената репутација на нејзината поезија во редовите на пребирливата критичка јавност.
За првпат во 400 години долгата традиција на ова признание, во 2009 год, Дафи беше избрана и како жена Poet Laureat на Обединетото кралство.
Автор е на близу 50 книги, од кои најнови се: Искреност (2019), Панаѓур на студот (2019)
Освен што е добитничка на значајни меѓународни книжевни награди, Керол Ен Дафи е носител на високи одликувања од кои највисокото е почесната титула „Дама-заповедник на Редот на Британската Империја“, што го добива во 2015 г.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија