IN MEMORIAM: Почина истакнатиот полски поет Адам Загајевски, добитник на наградата „Златен венец“ на СВП во 2018 година

IN MEMORIAM: Почина истакнатиот полски поет Адам Загајевски, добитник на наградата „Златен венец“ на СВП во 2018 година

 

Еден од најголемите современи светски поети, Адам Загајевски почина на 21 март во Краков, на 75 годишна возраст. Роден во 1945 година во Лавов (денешна Украина). Пораснал во Гливице, Полска. Во 1963 година се сели во Краков каде студирал на Универзитетот Јагелонија. Во доцните седумдесетти бил активен дисидент и член на опозициското книжевно движење. Во 1979 година му била понудена стипендија од меѓународната „Кунстлерпрограм“ и престојувал две години во западен Берлин. Од крајот на 1982 година живеел во Париз. Во 2002 година се враќа во Краков, каде живееше до смртта. Во Париз бил член на уредничкиот одбор на книжевното списание во прогон „Зесити Литерацки“. Во пролетта 1988 година започнува да предава еден семестар годишно на Програмата за креативно пишување при Универзитетот во Хјустон. Во 2007 станува член на Комитетот за социјална мисла на Универзитетот во Чикаго каде предавал книжевност дел од годината се до 2013 година. Добитник на бројни книжевни награди; покрај другите, добитник на меѓународната книжевна награда „Нојштад“ во 2004 година, меѓународната поетска награда „Жонкунг“ (Пекинг, 2013), наградата „Принцес оф Астуриас“ за книжевност во 2017 година. Лирска библиографија: Известување (1972); Месарници (1975); Писмо. Ода на мноштвото (1982); Да се патува за Лавов (1985); Платно (1990); Огнена земја (1994); Копнеж (1999); Враќање (2003); Антени (2005); Невидлива рака (2009); Асиметрија (2014). Проза – Есеи: Не-претставениот свет (коавтор: Јулиан Корнхаузер) (1974); Втора издишка (1978); Солидарност и самотија (1986); Два града (1991); Во туѓата убавина (1998); Одбрана на занесот (2002); Поетот разговара со филозофот (2007); Благо претерување (2011); Поезија за почетници (2017). Во 2018 година Загајевски е добитник на реномираната награда „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата.

Текстот е достапен на македонски и англиски.

ЛАСТОВИЧКИТЕ НА АУШВИЦ
Во тишината на бараките,
во молчењето на јулската недела,
продорниот писок на ластовичката.
Зарем само толку остана
од човечкиот говор?
ЗА МОЈАТА МАЈКА
За мојата мајка не би умеел ништо да кажам –
како повторуваше, ќе жалиш некогаш,
кога веќе нема да ме има, и како не верував
ниту во „веќе“, ниту во „нема да има“,
како сакав да гледам кога читаше модерен роман,
ѕиркајќи веднаш во последните поглавја,
како во кујната, сметајќи дека за неа тоа не е
соодветното место, го вареше неделното кафе,
или, уште полошо, филети од бакалар,
како чека гостите да дојдат и гледа во огледало,
правејќи ја таа гримасата која успешно ја штитеше
да се погледне себеси вистински (што изгледа го
наследив од неа, како и неколку други слабости),
како потоа слободно расправа за работи,
кои не беа нејзино forte, и како јас несмасно
се препирав, како тогаш кога
таа се спореди со Бетовен, кој го губи слухот,
а јас реков, сурово, ама знаеш, тој
имал талент, и како сè ми прости
и како јас тоа го паметам, и како летав од Хјустон
на нејзиниот погреб и во авионот пуштија
комедија и како плачев од смеа
и од жал, и како ништо не умеев да кажам,
и сè уште не умеам.
Превод од полски на македонски јазик: Звонко Димоски

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија