ДА СЕ РАЗБЕРЕ ПРВО
Ноќе, кога навредата е потешка, а простувањето полесно,
зад нечистите стакла, патниците не ја гледаат природата
туку своите души. Што да ѝ се каже на душата своја
кога така блиску ќе се доближи до прозорецот,
како да се разбере нејзиниот молк, нејзината самотија,
кога има толку многу патници во овој воз, во овој кораб,
има ли земја надвор, има ли земја, треба да се разбере прво,
а дури потоа душите што играат со разлетаните гулаби.
ТИ СИ ТАА КОЈА НЕ Е, ЈАС СУМ ТОЈ КОЈ Е
— Бог до Света Катерина
според Тарковски
Кога го напуштив телото
Што видов?
Други тела.
Оние што ги напуштав ден по ден
се доближија како еден организам.
Тие што не се, ќе се одвојат од сите нешта.
Во празнина убавината тежи уште повеќе.
Секој облик
е посебен облак.
Кога Тој склучи виножито
Радост ги поплави нашите очи.
ПЕСНАТА НА МОРЕТО
на Глен Гулд
За да ја чуеш
песната на морето
најди го звукот
на реките понорници.
НА СЕСТРА МИ
Кога ќе пораснам сакам да бидам среќен.
— Џон Ленон
Никогаш не сум имала само мој кревет.
Затоа сум среќна.
Ако сонуваш нешто лошо фати ме за рака,
велиш полугласно. Мама ја гаси ламбата.
Зад клепките носиме ист свет.
Црвенкапа минува низ шумата.
Потоа никнуваат згради и нашиот сон
се разделува.
Низ две точки минува една права.
Меѓу нас заспиваат нашите љубовници.
Бесконечно многу прави минуваат низ една точка.
Креветите се шират.
Кога ќе пораснеме сакам да бидеме среќни.
Мама ни ги бакнува очите.
3
Над полицата со облека за спиење
баба ја реди облеката за умирање.
Чевлите мора да бидат нови.
Денес наполни седумдесет.
Облеката за во болница
бела и нова ноќница
ѝ ја подари на мајка ми. Таа мене
невестинскиот фустан.
Мора да биде облечен трипати.
ЛИСЈА И ДУШИ
Се држам за гранката
толку силно што мојот пад ги менува годишните времиња
толку слабо
што ветрот може да ме одвои.
НЕБИДНИНА
бездетно небо
јас сум
ти
птица
ДУШИТЕ НА ДРВЈАТА
според фон Трир
Сега е зима, татко,
и душите на дрвјата стрчат во голата шума.
Дури и кога паѓа снег
контурите на гранките ги восприемаме веднаш,
како црти на саканата личност.
Јас никогаш не засадив дрво, татко,
но оние што никнале сами,
ги полевав и се грижев за нив.
Во студените утра, нивните гранки
го врамуваат сводот
како храм.
Бог го подава прстот.
ТАТКОВИНА
Песната е татковина на поетот вели Селан.
Ја барам сега голата песна, бескрајната татковина,
откога тоа не си ти. Зглоб во кој не се вгнездило времето,
таква треба да биде мојата песна. Гледам надвор,
се вслушувам во сѐ и сѐ ми се измолкнува.
Не опстануваат најсилните, туку најприспособливите
и животот се склопува во крајбрежните песочни кули
што ги градиме, секој со своето семејство.
Бледо утро е.
При секој удар на брегот брановите се белеат
како бели крвни зрнца на морето.
Павлина Атанасова, песните се од нејзината прва збирка поезија „Големата прегратка“ во издание на ПНВ Публикации.
ПАВЛИНА АТАНАСОВА (Штип, 1993). Дипломирала на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ — Штип. Пишува поезија и кратки раскази. Нејзини песни и раскази се објавени и во неколку периодични списанија.Читала на повеќе поетски читања во земјава, а настапи и на 32-то издание на Поетска ноќ во Велестово. „Големата прегратка“ е нејзина прва стихозбирка.