ПОЕЗИЈА ЗА ГЛАДНИТЕ, Ива Дамјановски

ПОЕЗИЈА ЗА ГЛАДНИТЕ

Нема поезија за гладните.
За гладните има само глад.
Нема дом за гладните,
нема ни град
ни пред, ни зад,
ни под, ни над гладта
нема ништо освен глад.

Нема поезија за поетите.
За поетите има само глад.
Нема дом за поетите,
нема ни град,
ни лет, ни пад,
ни рај, ни ад, гладта
не ветува ништо освен глад.

Поетот пишува само за гладниот,
а гладниот не знае да чита,
но и едниот
и другиот
ќе мора да пита, зашто
гладта не може да се продаде,
а зборот не може да се јаде.

Нема поезија за гладните.
За поетите нема глад.
Но, и едниот
и другиот
ќе умре млад.

И сите ќе останат неписмени.

 

НЕБЛАГОДАРНОСТ

И што да правам сега јас со овој пиштол?

Не би сакала да звучам неблагодарно,
но навистина повеќе би сакала
велосипед,
или прирачник за одгледување цвеќиња.
Еј, или куче!
Тоа би било прекрасно.
Можевте едноставно да ме изненадите со торта.
Ќе бев пресреќна.
Ама, ете,
не би знаела што да правам со овој пиштол,
кој толку љубезно и грижливо ми го туткате во рака.

Сепак, ви благодарам многу.

И не грижете се,
сигурно ќе ми се најде.

 

ЉУБОВНА ПЕСНА

Сите што ќе ја преживеат војната
се губитници.

Јас те измислив
и ти ми припаѓаш мене.
Единственото нешто
над кое сум Бог.
И иако си полн со олово
и компасот не работи
во твое присуство,
кожата ти е сѐ уште црвена
и рацете сѐ уште слободни
и под ордените на срамот
има срце.
Јас те измислив.
Ти си убиец.
Дете на големата идеја
и крајот на светот
живее во твоите зеници.

Мирот го освоиле само мртвите.
Сите што ќе ја преживеат војната
се губитници.

 

АБОРТУС

Ја ебевте Земјата
и таа повторно е бремена.
Честитки! – рекоа.
Ќе се роди уште една војна.
Сега ќе чекаме
да се породи
и ќе ја храниме
нејзината чудна
тркалезна глад
со месеци.

Породувањето ќе биде
болно и тешко
и ќе трае долго.
И кога ќе се роди тоа бебе
ќе вреска
и целото ќе биде крваво,
и како и другите деца пред него,
ќе го фрлите на улица
со искинати алишта,
да талка
и да пита
со валкан гнев
на рацете.

 

ПЕСНА ЗА МИРОТ НА БАРЕМ ТРИ ЈАЗИКА

Не ветувајте им армагедон.

Не подарувајте им пиштол,
не дозволувам да ги убедите
дека за нив нема да остане ништо,
не дозволувам внимателни атентатори
да раѓаат деца на стравот,
кои од правот
што го фрлате
додека бесрамно потфрлате,
не можат да видат иднина.
Како се осмелувате
да им ветувате небиднина?
Ќе ги бркам во ова поле ’рж
што гори
додека сѐ уште имам кожа,
додека можам
Детето во мене ќе се бори
за Детето во мене
што сѐ уште не постои.
Ќе им ветам дека и тие ќе имаат свет,
ќе се колнам дека од ова ѓубре ќе никне цвет,
ќе им ветам коали,
ќе им ветам дека не се безначајни и мали.
Ќе им ветам дека за нив не е предоцна,
дека оваа бесмисленост, сепак, е сизифова.
Ќе им ветам дека ќе имаат дом,
дека овде не се само на поминување,
дека ќе има фјодорово помилување.
Ќе им ги ветам сите стихови и веди,
ќе ги надвикам вашите лаги,
ќе ги убедам дека вреди
и дека, иако стар,

овој свет
е добар.

Им ветувам мир.

 

СЕПТЕМВРИ

Беше тоа убав ден,
дента кога се удавив.
Беше сончев август
и се раѓаа многу новороденчиња.

Се раѓаа со рацете високо подадени
кон болничките тавани,
исплашено врескајќи:
Доаѓаме во мир!
– како предупредување.

Тоа беше убав ден,
дента кога се удавив.
Беше сончев август
и беше многу топло.

Никогаш не можев да поднесам жештина.

Влегов во водата,
а ги заборавив камењата
што ми ги ставаа во џебовите
за да не одлетам.

Велат дека некои камења
ставаат поети во џебовите
кога сакаат да се удават.

 

НЕПОДНОСЛИВО ЛЕСНО

Кога камењата се доволно мали
сакаат да бидат заедно.
Ги губат своите вистински имиња
и стануваат
песок.

Потоа од нив можеш да направиш
ѕидови,
кули
или што и да посакаш.
Стануваат оксиморон –
меки камења.

И можеш лесно да ископаш голема дупка

помеѓу нив.

 

ДВОУМЕЊЕ

Сите сонца
се црвени и тркалезни
пред да изгреат.
Како и сите глави
на сите чкорчиња
пред да ги запалам.

Затоа понекогаш сум збунета,
дали ја палам зората
или само цигарата.

Ива Дамјановски

    

ИВА ДАМЈАНОВСКИ е родена 1996 год. во Скопје. Дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на „Libera Università di Bolzano“ на катедрата за Музикологија, како и на катедрата за Музичка Интерпретација и Композиција на Факултетот за Музичка Уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија