АФРИКАНСКA
Ми требаш како бел господар меѓу црните луѓе
да те обожувам како Бог
како екватор што ме дели на половина
фатаморгана и дехидратација
секоја година нова алка на вратот
секој месец ритуален транс
секој ден смртта чука на вратата
секоја ноќ стомакот се слепува за грбот
секој час сонувам леб
секоја минута планирано ме истребуваат
и секоја секунда се раѓам умножена
ми требаш како номад во мојата пустина
испосник во песокта
најди ги оазите
и таму трајно насели се
како грешник
АМЕРИКАНСКА
Од беспилотно летало
да ти фрлам бомби врз срцето
потем да дојдам
во набљудувачка мисија
пулсот да ти го опипам
гласовите на бунтовниците
во твоите планови да ги замолкнам
нафтата од вените да ти ја исцицам
воено жариште во душата да ти направам
и пак како миротворец да ме посакаш
животот да ти го упропастувам
ти за мене сонот да го чуваш
ветена земја за тебе сум
ти требам
ЈАПОНСКА
Ми требаш
како сатори
ненадејна светлина во темнината
како сепуку
стопување на утробата со вселената
ми требаш
како сонце
прва да те видам
кога другите спијат
како змеј од црвеното кимоно што излегува
зрно ориз во гладна година
зен во лудилото
и во вековите на бестрастие
како земјотрес
ми требаш
РИМСКA
Многу конечна крв
во темелите
на претпоставената бесконечност
од камен
сите рибници
се полни со вино
сите јадења на големите гозби
се отровни
светот е гладијаторска арена
штом се родиш
те фрлаат меѓу ѕверови
ама копнежот полуд е
од сите римски цареви
и сите патишта
водат
до тебе
ОХРИДСКA
Во сите цркви ќе се помолам
на Бога
да ми го покаже патот кон тебе
како војник Самуилов
слепа
ќе го изодам
душава неисцрпен рудник на сребро е
да го сториш филигран
ми требаш
МАКЕДОНСКA
Ми требаш
како сончеви денови
што ги дегустираш во чаша вино
Охрид 365те цркви
како рис на Галичица
змија на Голем Град
да ме разединиш со допир
и да ме обединиш со бакнеж
како петвековно ропство
ми требаш
Славица Гаџова Свидерска
Избор песни од Политики на љубовта (2015)