ШТО ПРЕТСТАВУВА ПОИМОТ ПОЕЗИЈА?
За мене поезијата е музичко зборување.
ШТО ТЕ ФАСЦИНИРА ПРИ ЧИТАЊЕТО НА ПОЕЗИЈА?
Поезијата во принцип ме воодушевува кога може да ја каже вистината во рима или да му даде ритам на нечиј тек на свест. Многу го почитувам тоа и ми е интересно кај песната што секогаш беспоштедно бара од оној кој ја пишува да биде искрен, во спротивно добивате лоши стихови за казна.
КОИ МОМЕНТИ ЈА ОБЕЛЕЖААТ ТВОЈАТА ПОЕЗИЈА И КОГА?
Кога бев мала ме касна пчела. Многу ме погоди тоа што ми кажаа дека пчелите умираат откако ќе го изгубат трнот и многу ми беше жал за пчелата што ме касна. Долго време ме мачеше помислата на ова и напишав песна како извинување. Кога ќе подразмислам и другите моменти понатаму биле речиси секогаш поврзани со некаква лутина, најчесто кон самата себе, а истовремено и обид за некаков подарок.
КАКОВ Е ИДЕНТИТЕТОТ НА ПОЕТОТ ВО ДЕНЕШНО ВРЕМЕ?
Искрено, не знам. А, мислам дека ни поетот не знае, барањето на себеси е често главниот мотив за пишување поезија, затоа мислам дека ова е одлично. Му го препуштам одговорот на ова прашање на поетот од утрешното време.
ДАЛИ ИМА ПОДЕЛЕНОСТ МЕЃУ ПОЕТОТ И ПЕСНАТА ШТО ЈА СОЗДАВА ПРИ ЧИНОТ НА КРЕАЦИЈА?
Чинот на креација е самиот по себе чин на некаква делба. Само видете ги клетките. Песната се раѓа и потоа почнува со сопствениот живот. Претпоставувам дека секој чин на креација е ист во својата суштина, нешто се раѓа, како последица на поривот за создавање и уште од самиот почеток тоа е двојно, и мое, но и свое, стихот е и на поетот, но и на самиот себе си. Затоа ниедна песна не е доволна, за да го запознаете целосно поетот како личност за тоа ќе мора директно да го запознаете човекот. Песната е само дел од него што сретнал дел од читателот и тие пак раѓаат нешто ново. Всушност, се работи за љубов.
Ива Дамјановски