ТАА
Додека во името на сите нас
храбро јуришаат против светот
со остро перо, кист, или идеја,
ги кршат бариерите со својот моќен глас,
и ги освојуваат облакодерите-џинови
низ Њујорк и Токио,
а таму, на врвот на светот,
ветровите победнички им ги вејат здолништата
над снажните бедра,
другите
тивко ги бијат своите тешки битки
во студените брачни постели,
меѓу нишките на погонските разбои,
под темното крило на детските болници,
во празните паричници,
секој ден одново составувајќи го
своето скршено достоинство.
Ветерниците на кои јуришаат
Имаат здив на запршки и пот.
Меѓу садовите и пцостите
мислата како моќна река струи
се прелева низ прозорското окно,
и како подземна вода,
тивко јуриша против светот.
ПЕСНА ЗА ЕДНА ГОСПОЃА
Се препознав во очите
на госпоѓата спроти мене.
Заробена во споменот
како древен дух во ламба,
таа сонува мозаици од нејзиното минато.
Нејзината убавина, нејзината важност
се ронат во ситни зборови,
во глаголи во минато време.
Оставена како тегла со зимница
во влажниот подрум
за злодоба кое нема да дојде,
таа теглата ја обојува со надеж
и ја остава да изгние во темницата.
Oчите на госпоѓата спроти мене
се огледалото во кое се скршив.
ПОПЛАДНЕ
Додека гледам ритчиња
од садови и истуткани алишта
како лесно се брануваат
под мојот летаргичен поглед,
мојата свест се лизга над нив
како пустинска змија врз песочна дина
и плови занесена кон сончевината.
СЕЕДНО Е
Одеднаш, се стана сеедно.
сите кадрици во светот,
контурите на ридовите,
спиралата на полжавот,
пенливите грпки на потоците,
особено браздите во мојот мозок
се исправија во здодевна линија.
заиграниот поглед
кој како домашната мачка
палаво скокаше од
предмет не предмет
почна понизно да ползи по ќилимот
како искаран пес.
и јас, од жабја перспектива
се гледам сбе си во хоризонтала.
Дебела линија исцртана
на домашниот кауч,
со виснати раце и нозе
како свенати краци.
Еве ги
раските пита, ситната роса зејтин
од вчерашната риба
аха, и чепкалката за заби
која мистериозно ми ја снема од раката
и денес, како и утре,
како и којзнае колку утра,
удобно ќе си полежат
Во своите лежишта на подот.
РУЧЕК
Готвиме.
А потоа нашите раце
забрзано ја редат масата.
Ти чаршафот, јас чиниите.
Ти приборот за јадење, јас чашите.
Седнуваме,
ти на чело,
јас отспротива,
и почнуваме.
Не јадеме исто.
Ист пијалок не пее во нашите чаши.
Не е дури ни истата маса.
Ти на чело
го замислуваш мојот лик отспротива,
и обратно.
Од колку ли вакви ручеци
нѝ се состои животот,
ти на едниот,
јас на другиот крај на светот?
Меѓу нас бескрајно долга софра
со туѓинци ,
кои се гостат со нашите трошки.
СТОЈАМ И ГЛЕДАМ
Денес ми умре радоста.
Како риба
го преврте својот бел нежен стомак
и се ниша на површината
од морето.
Солениот ветер ја носи
солената тага
што како скрама се зафаќа
на површината.
А јаc, немоќна
да дејствувам против вселената
гледам и стојам
и стојам и гледам…
И не чувствувам ништо.
ДЕНОТ
Тој ден
се збогував со светот
што го љубев.
Го гледав сама од брегот
како тоне ко огромен ранет брод
среде океанот,
стопен со бакарното зајдисонце.
Всушност,
тој само потонал од другата страна
на хоризонтот,
пловејќи бодро по својата
траекторија,
кон својот судбински поход,
без да предупреди
без дури и да мавне,
оставајќи ги зад себе
нерешителните.
Марина Икономова Шокева
МАРИНА ИКОНОМОВА ШОКЕВА до сега објавила две збирки поезија: „Слики од бунарот“ и „Директни обраќања“. Застапена е во алманаси, збирки и списанија за литература, уметност и култура во Македонија, Србија и Црна Гора. Објавувала и во електронксите списанија: Dunjaluchar (Бих), Chovjek- chasopis( Хрватска) и RegionElle (БиХ) и Вавилонска библиотека во Црна Гора. Објавена е на англиски јазик на фестивалот Ledburry poetry festival. Добитник е на наградата за поезија Антево слово во 2019 година и на Quando e la vita ad invitare со втора награда во странската конкуренција на online натпреварувањето во Италија.