ШЕКСПИР НА ПОГРЕБОТ НА МАРЛОУ, Елена Пренџова

POETRY SLAM MACEDONIA е неформална трупа слемерки и слемери кои активно ги промовираат слем-поезијата, слем-натпреварите и слем-активизмот во Македонија. Поетри-слем тимот на Македонија секоја година го соорганизираат традиционалниот Национален слем-натпревар во Прилеп. Поетри-слем тимот го сочинуваат: Елена Пренџова, Игор Трпчески, Перо Сарџоски и Цветанка Колева.

 

ШЕКСПИР НА ПОГРЕБОТ НА МАРЛОУ

(Кристофер Марлоу се смета за поет-ривал на Шекспир и за негов најголем конкурент-драматург; Шекспир е познат и по навредите и пцовките во своите драми)

скинав
скинав сè
скинав сè што напишав
проклетнику
беднику
кучкино копиле
недоносен фетусу
неуспешно абортиран без’рбетнику
срам за мајка
со татко незнаен

скинав
скинав сè
скинав сè што напишав
почнав да се сомневам во своите стихови
ме натера да се сомневам во своите стихови
низ пукнатините на моите стихови
се слушаат твоите зборови, одеци и крикови
ме фрустрираш по уметнички
веќе не си ми ни конкуренција
не си ми ти повеќе ривал поет
не си ми ти повеќе ривал
не си ти поет
бог си меѓу поетите
проклетнику
беднику
испедеризиран хипстеру
фејкеру со мрсули нашминкан
мирисаш на гомна
на гомна мирисаш
оти газот не можеш да си го избришеш
оти не знаеш газот кај ти е
да ти го забришам јас со мојава поезија сакаш?!
можеби така ќе добие на цена
можеби потоа и ќе нè постават на сцена
од финтиве и обидиве за хумор ќе направат трагедија

а бе

скинав
скинав сè
скинав сè што напишав
кога видов како ме цитираш
како ме крадеш
како стиховите ми ги силуваш
исто како мене да ме убиваш
проклетнику
беднику
партиски сончогледу
збунет еклектичару
програмеру сведен на електричар
ми ја сјеба професијата
од уметноста направи Холивуд
од Холивуд направи Боливуд
од талентот – рутина
од поезијата – тишина
сведе уметност на бизнис
алчност, име ти е поет
тој поет
тој ривал поет
тој fucking so called self-proclaimed поет
што создава поезија од крадени стихови
па ја продава како ултра модерен оригинал
по цена на антиквитет-раритет
колку добар менаџер си
проклетнику
беднику
актеризиран флегматику
нефункционален љубовнику
посакувана досадо
упорен откажувачу

скинав
скинав сè
скинав сè што напишав
да не те убиеја во биртијата
I would have shaken the speare
јас ќе ти ја скинев главата
ќе ти ги скршев нозете
ќе ти ја одерев кожата
ќе ти ги исечев рацете за да не пишуваш
ќе ти ги залепев усните за да не рецитираш
така немаше да крадеш туѓи стихови
и да ги потпишуваш со свое име
сам на себе славен безименику!

Елена Пренџова

           ЕЛЕНА ПРЕНЏОВА е поетеса, слемерка и препејувачка од Скопје. Таа е магистерка по Филолошки науки и дипломирана професорка по Англиски јазик и книжевност. Менторира работилници за слем-поезија и креативно пишување. Авторка е на десетина поетски книги. Пренџова е националната претставничка на Европското слем-првенство од 2016 година. Организира и соорганизира слем-настани и слем-натпревари во Македонија и Србија од 2013 година, вклучително и националниот слем-натпревар. Во 2015 година ѝ беше доделена едномесечна писателска резиденција во Албанија, стипендирана од „Поетека Албанија“, Министерството за култура во Албанија и Традуки мрежата, а во 2019 година беше стипендистка на програмата за перформативни уметсности i-Portunus и „Креативна Европа“ остварувајќи резиденцијален престој во Естонија и Словенија каде менторираше слем-работилници и настапуваше на слем-настани. Во 2020 година беше членка на жирито на Европскиот слем-шампионат.

Во нејзината слем-најава стои: Ака Брит Лилит. Слемерка. Феминистка. Скопјанка која ретко се дружи со скопјан(к)и. Не сака да ја прашуваат каде оди и не одговара на прашањето „Зошто не ми кажуваш каде одиш?“

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија