POETRY SLAM MACEDONIA е неформална трупа слемерки и слемери кои активно ги промовираат слем-поезијата, слем-натпреварите и слем-активизмот во Македонија. Поетри-слем тимот на Македонија секоја година го соорганизираат традиционалниот Национален слем-натпревар во Прилеп. Поетри-слем тимот го сочинуваат: Елена Пренџова, Игор Трпчески, Перо Сарџоски и Цветанка Колева.
ОДНАПРЕД ПРЕДВИДЕНО
Дури беше ,,Биди ми визија, цел,
биди ми податок, постапка, метод, резултат…“
ми стана утро и пладне ручек и ужина.
Одењето дома ми стана
низ сите временски околности
објективен индикатор на успешност
со воочени извори и начини на потврдување,
покрај сите препоставки и ризици
низ предвидените резултати
од погореспоменатите активности
во една логичка рамка
во сегашно време, сега,
на проект во траење од шест месеци.
Дали сте забележале, многу работи траат
по шест месеци на почеток.
На приемер: Шест месеци фрламе ѓубре,
па шест месеци собираме.
Шест месеци баласираме на една страна,
па на друга страна.
Од процентот на успешност на резултатите
и сите средства кои се употребиле,
најчесто од „уста на уста“
повеќе од веројатно е активноста да се повтори.
А, ако не,
замислете, замислете вистина
вие не должите ништо повеќе
никому за тоа што сте или не сте успеале.
Што е подобро: „Да се повтори
или да не должите повеќе?
– Сериозно се прашувам.
А пак е сведено од „уста на уста“.
Штета што е невозможно за шест месеци
калемот да роди плод. Ама кој да ти брои,
кој да ти чека.
Природата ја брзаме.
таа не ни дозволува,
нам не ни е погодено…
се мушкаме, сушкаме ко во небрано
се давиме полека во нејното недавање,
научен, не, за одговор не важи
градите ни се полнат со вода,
ни се полнат со нение
како камење труполиме
на дното од почетоците
кои нема да се случат, оти
го обравме бостанот!
Цветанка Колева
ЦВЕТАНКА КОЛЕВА дипломирала на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на Катедрата за македонски јазик и работела четири години како професорка по македонски јазик на странци волонтери во невладина организација. Веќе дваесет години се занимава со пчеларство, особено со органско пчеларeње и органско земјоделско производство. Објавила две збирки поезија „Ладно кафе“ (2012 – како една од четирите поетеси во едицијата „Русалки“ на издавачката куќа ИЛИ-ИЛИ од Скопје) и „Ти, моја, безмилосна една!“ (2020).
Во нејзината слем-најава стои: Од Прилеп, мажена во Кавадарци. Со 2 сина. Го сака слемот и е во отворена врска со него.