POETRY SLAM MACEDONIA е неформална трупа слемерки и слемери кои активно ги промовираат слем-поезијата, слем-натпреварите и слем-активизмот во Македонија. Поетри-слем тимот на Македонија секоја година го соорганизираат традиционалниот Национален слем-натпревар во Прилеп. Поетри-слем тимот го сочинуваат: Елена Пренџова, Игор Трпчески, Перо Сарџоски и Цветанка Колева.
МОЈАТА РЕВОЛУЦИЈА
Мојата револуција беше
кога избегав од дома
за да се запишам во фискултурно
Мојата револуција беше
кога отидов да бидам аргат и берам цреши
на татковите ниви во Воденско
Мојата револуција беше
кога од фискултурно се запишав на драмски
Мојата револуција на драмски беше
кога му се спротивставив
на мојот професор и деканот
за претставата „Часови по лудило“
по Горан Стефаноски во режија на Зоја Бузалковска
Мојата револуција беше
кога прифатив да учествувам во проект
на „Скрб и утеха“ и покрај забраната од Милчин
па потоа Тие се испишманија и ме молеа
да не учествувам демек поради тоа што колегите
откажале, па се променил концептот…
Мојата револуција беше
кога го тужев театарот за непочитување на договорот
и необезбедување на услови
за реализација на гостување на аматерската група
„Солза и смеа“ од Битола за претставата
„Маме му ебам кој прв почна“ од Дејан Дуковски
во режија на Дејан Пројковски
Мојата револуција беше
кога одбивав главни улоги во театар
и покрај заканите дека ќе ме избркаат од работа
и кога се пријавив во војска само
за да не играм во претстава која ми ја наметнуваа
Мојата револуција беше
кога се спротивставив на вештачкото спојување
на Народниот театар „Војдан Чернодрински“
со Домот за култура „Марко Цепенков“,
која сѐ уште трае и ќе резултира
со негово одделување и враќање на независноста
и БРЕНДОТ на ТЕАТАРОТ
Мојата револуција беше
кога ги тужев одговорните уредници на
„Утрински весник“, „Македонија денес“, „Дневник“,
радио „Прилеп“ и „Народен глас“ за КЛЕВЕТА!
И ни еден од виновниците ниту еднаш
не присуствуваше на ниедно рочиште
без никакви последици во период од четири години
Мојата револуција беше
кога се разочарав во правосудниот систем
и сепак продолжив со борба
Мојата револуција беше
кога се исправив сам против делењето
на паркот кај саатот и градењето на фонтана
која и покрај мислењето
на мнозина што лично ги анкетирав
дека тоа е добро и ќе остани за градот…
Па еве, се гледа што остана
и покрај потрошените над милион евра по НЕА, СЕГА неа ЈА НЕМА!
Епа почитувани советници и градски татковци
ЈАС бев во право, а вие и монзинството НЕ!
А можеби сѐ уште седите во советничките столици
и носите погрешни одлуки
на штета на буџетот и граѓаните
Мојата револуција беше
кога се спротивставив на преместувањето
на мермерните скулптури
од оние кои ни говореа
дека се грижат за културното наследство
притоа непочитувајќи ги
ни авторите, ни делата, ни никого,
освен институциите и телата кои сами ги оформиле
Мојата револуција тогаш доби ИМЕ!
– Почитувај ја уметноста! –
И во тоа име и на тоа поле
се борев и се борам и ќе се борам додека постојам
Во тоа име отпечатив на три пати
по три илјади картички
Во тоа име и под тоа знаме марширавме
на 11. Октомври стотици истомисленици и поддржувачи на идејата…
Во тоа име организирав изложби
во театар, во „Цепенков“, во Крушево и Скопје
стигнав дури и до Берлин –
во Прима-центар во Берлин
и си реков: Ме разбра светот, УСПЕАВМЕ!
Го исчистивме Крали Марко од Боро Крстевски
со Емил Соле и го вративме во центарот на градот каде што припаѓаше
За жал успехот беше „само за кратко“ –
подолго стоеше постаментот за него пред Биџо
кој и онака беше ПРЕголем и доказ
за некомпетентноста на одговорните
Погледнете ги и денес на крајот на
т.н. „Цветната улица“ трите скулптури
на три чекори растојание, несоодветно поставени,
со корпи за одпадоци, со велоситеди
и со клупи оградени,
на едната не се знае каде ѝ е постаментот,
а во тревникот кај што треба да му е место
се постави вовче од трупец на тријани камења
со што го уништија и тревникот
кој пред неполн месец го засадија.
На сите ни е познато дека
Револуцијата ги јаде своите чеда
но дали некој гледа, дали разбира,
дали пишува и остава спомен за поменот
на културата во градот Прилеп на мермерот и скулптурата
Мојата револуција беше,
мојата револуција трае
мојата револуција знае
за жртвите кои треба да ги поднесам
без надеж дали ќе однесам ПОБЕДА или ПОРАЗ!
Мојата револуција МОРА да постои,
МОРА да достои,
МОРА да покаже разум и сила
да не тргнеме по патот
кој добра намера го поплочила.
Оти – ТОА Е ВЕЧНА БОРБА!
Оти БОРБАТА засекогаш ТРАЕ!
Оти по изгубените БИТКИ за НАРОДИТЕ се ЗНАЕ!
Оти кај и да е, нас ќе не снема, но историјата нема, да остане НЕМА!
Ќе кренеме високо глава, ќе викнеме,
на мајчин јазик, на цел ГЛАС!
Ќе се бориме до последен војник, до последен здив,
до крајот на светот, за СЛОБОДА и СПАС!
И кога нема да не биде, ни тебе, ни мене,
ни СИТЕ НАС!
МОЈАТА РЕВОЛУЦИЈА ќе блесне
и уште долг ќе го осветлува
УНИВЕРЗАЛНИОТ МРАК!!!
Игор Трпчески
ИГОР ТРПЧЕСКИ дипломирал на Факултет за драмски уметности – Скопје при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ – Скопје, а специјализирал режија на Националната академија за театарска и филмска уметност „Крсто Сарафов“ – Софија. Вработен е како актер во Народниот театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп од 1998 година. Работи како драмски, филмски и ТВ актер, а режирал многу детско-образовни претстави. Во 2011 година го организирал првиот Поетри-слем натпревар Македонија во Прилеп и оттогаш, традиционално се организира секоја година. Двапати беше претставник на Европското слем-првенство во Брисел во 2017 година и во Марибор во 2020 година.
Во неговата слем-биографија стои: Се викам Игор Трпче и сум од Прилеп. Не знам баш да играм, ама обожавам слем. Пијам пиво „Крале Марко“, работам в театар и лутам безгрижно по улиците и не се срамам, како што зборувам, тоа и правам.