СТАКЛО, Виолета Танчева-Златева

Награденa авторка (2-та награда)  на „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/ 2021- Сицилија, Италија

СТАКЛО

Кога напукна дотраеното стакло на старата рерна
престанавме дома да си правиме леб
со убаво запечена корка што крцка под забите.
Кај да е ќе се срони, ќе се распадне
а ние со денови се тешиме дека може да се поправи
со ново да се замени.
И конечно решаваме, се откинуваме од обврските
и одиме на крајот од населбата.
Во затантаното уличе одвај го наоѓаме
стариот мајстор и почнуваме да му ја кажуваме маката…
Нѐ слуша зачудено.
Му чури цигарата залепена во десниот агол
на долната усна додека нѐ гледа
со насолзените очи под матната светлина на крушката.
Боже, деца – ни вели со глас што сака
да нѐ прегрне – та не знаете ли,
многу одамна нема делови за тие стари шпорети!
Засрамено се погледнуваме и излегуваме во мракот.

Светот ни крцка под нозете
Напукнува како дотраеното стакло на нашата рерна.
Секој миг чекаме да ни се срони
да се распадне
А нема делови за да се поправи.

Виолета Танчева-Златева

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија