ОСТРОВ, Ива Дамјановски

Награденa авторка (3-та награда)  на „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/ 2021- Сицилија, Италија

ОСТРОВ

Научи ме како моите удари да не болат,
да се спојувам со небото кога е темница,
да стигнам на крајот од моето кратко виножито,
каде што се бакнувате ти и светлината
и создавате боја.
Не сакам да се борам,
сакам да се растворам.
Исчезни ме во ерозија,
земи ме со плима.
Научи ме да пливам
иако сум камен,
докажи ми дека светот не е рамен.
Научи ме како сите клетки на мојата кожа
да чувствуваат истовремено
и секој пат кога некој ќе ме допре
да создавам кругови.
Научи ме на метаморфоза,
ослободи ме од мојот кристален кафез.
Олесни ме,
скроти ја мојата гравитација,
како што ти знаеш
да се спојуваш со дождот кога паѓа,
научи ме да раѓам.

Велат дека еволуцијата не одвела на копно.
Јас отсекогаш сум се чувствувала повеќе како револуционер.
Ти ги познаваш сите кругови.
Води ме
онаму од каде сум дојдена.
Сакам да знам како да создавам живот на други планети.

Ива Дамјановски

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија