Награден автор (1-та награда) на „АНТЕВО СЛОВО“ 2020/ 2021- Сицилија, Италија
НЕКА БИДЕ ЗАПИШАНО
Чекорам по патот по кој одамна
не чекорел ни поп, ни оџа
– одам на гробиштата
во селото на дедо ми.
Не носам цвеќе и свеќи
– има закон со кој е забрането
да им се оддава почит на предците.
Носам само хартија и пенкало
за да ги препишам епитафите
вдлабени во надгробните плочи,
пред да бидат прогласени за ненапишани.
За напишаното да им го оставам
на моите неродени внуци
– да го знаат ако некогаш
таму, врз коските на прадедовците,
некој изгради нова престолнина,
за која ќе се вели дека е
постара од нашите презимиња.
Гледам како безброј авиони
прелетуваат над гробишта
обраснати во трње.
Одамна овде не прелетало јато птици.
Ниту гаврани, ниту ластовички
кои заминуваат кон југ.
Одам од една до друга
искршена камена плоча.
Ги нема имињата, ги нема епитафите…
Некој се обидел да ги избрише
имињата и родословите
на небезимените јунаци.
Останале неразбирливи вдлабнатини
– лузни врз камењата од кои
е изградена куќата во која
е вдомено нашето постоење.
Сепак, врз камените плочи
има нешто – останало
да биде неизбришливо.
Го препишувам.
На истиот лист хартија
ги запишувам и имињата и годините
кои веќе ги нема на плочите.
Ги знам од учебниците по историја
од кои никогаш не сме учеле.
Нека биде запишано…
Можеби ќе го прочитаат
моите неродени внуци,
пред да се качат во некој од авионите
кои прелетуваат над селото на дедо ми.
Гари, јуни 2018 година
ИВАН АНТОНОВСКИ (1990, Скопје) – поет, есеист, книжевен критичар, преведувач и публицист. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на неколку поетски книги, книжевни преводи, две книги со студии и есеи за книжевната теорија и македонската книжевна историја и др. Коприредувач е на антологијата на најмладата македонска поезија и проза „Ветерот носи убаво време“ (2012) и на антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“ (објавена во превод и препев на српски јазик, 2014). Бил колумнист, уредник и надворешен соработник на неколку македонски електронски и печатени медиуми. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“. Бил визитинг-предавач на неколку образовни институции Добитник е на неколку книжевни награди, како и на неколку општествени признанија. Член е на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) и на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија.