ПОЧЕТОКОТ НА УЧИЛИШТНИОТ ТЕАТАР ЗА ДЕЦА ПРЕКУ ДРАМОЛЕТКИТЕ НА ЈОРДАН ХАЏИ КОНСТАНТИНОВ-ЏИНОТ, Елена Ѓорѓиовска

ПОЧЕТОКОТ НА УЧИЛИШТНИОТ ТЕАТАР ЗА ДЕЦА ПРЕКУ ДРАМОЛЕТКИТЕ НА ЈОРДАН ХАЏИ КОНСТАНТИНОВ-ЏИНОТ

Имињата на Војдан Чернодрински, Ристо Крле, Дејан Дуковски, Горан Стефановски, нѐ може, а да не нѐ асоцираат на театар, на театарска претстава или на театарска уметност воопшто. Веќе убаво го одиме почетокот на 21 век кој ни овозможи да имаме на дофат сѐ што ќе посакаме преку брзиот развој на технологијата. Во театарските претстави сме навикнале да уживаме, да ги посетуваме, да ги коментираме… Теататрската уметност е развиена уметност во нашите простори, веќе постои театар во секој град, постои и Театар за деца, Драмски театар, Театар комедија, Народен театар. Денес можеме слободно да избираме што сакаме да гледаме и каде сакаме да гледаме одредена претстава. Но, дали и колку од нас се запрашале кои биле зачетоците или почетоците на театарската уметност кај нас? Овој текст ќе се обиде да нѐ врати во 19 век, дури и малку порано со цел да дознаеме кои личности го посеале семето на драмската уметност кај нас, онаа за возрасни и онаа за деца, за која, сметам, многу малку имаме напишано.

За реализацијата на драмската уметност ни сведочат и амфитеатрите во Охрид (I век) и Стоби (III век). Потоа, како на прв драмски уметник или актер можеме да гледаме во народот или во т.н народна драма. Драмско остварување гледаме и во обредните игри (свадбените, зимските, пролетните обредни игри, русалиите…) Вакви обредни, народни поворки се организирале и околу нова година (за да го назначат кружниот циклус минување на времето, старата година умира за да се роди новата година). Зачетоците на драмската уметност за деца поврзана со народната драма и одредени народни обреди може да ја поврземе со т.н. коледарски поворки во кои, во најголем дел учествувале деца, пеејќи разни песни, дијалогизирајќи… Остаток и сведок за постоењето народни обредни поворки се и денешените карневали во Вевчани, Стурмица, Прилеп кои се организираат секоја година. На карневалите под маски учествуваат возрасни личности, но на Прилепскиот карневал се става акцент и на детските маскирани поворки, на детските маски, на нивна интерпретација на одредена танцова дијалогизација, која сведочи за постоењето на едно дамнешно драмско остварување преку т.н. народна драма или обредните поворки.

Но, целта на овој текст е да зборува за првите запишани, авторски драмски текстови кои се појавиле пред оние кои нам ни се добро познати, а тоа се оние на Војдан Чернодрински, чие најзначајно дело е Македонска крвава свадба, чија премиера се одржа во 1900 година во Софија, драмско дело кое во 1901 година го овозможи создавањето на професионалниот театар „Скрб и утеха“, а на македонска сцена е изведено во 1953 година, и тоа на сцената на МНТ, осум години по создавањето на овој татар. Познати ни се и битовите драми на Васил Иљоски (Ленче Кумановче, 1928 година), Ристо Крле (Парите се отепувачка, изведена 1938 година во Скопскиот театар), Антон Панов (Печалбари, 1936 година), во оваа група треба да го споменеме и Никола Киров-Мајски и неговата драма Илинден од 1923 година. Сите овие драми се изведувале во првата и втората половина на 19 век во Штипскиот, Прилепскиот и Скопскиот театар.

Секако, сметам дека пред имињата на нашите познати драмски писатели, особено на писателите на битови драми треба да се спомене и преродбеничката дејност на Џинот, кој е еден од првите кој прави чекор кон тогашното модерно драмско остварување. Остварување какво што сме немале дотогаш, а го добивме преку неговите запишани драмски текстови, т.н. драмолетки. Пишувани за потребите на неговата учителска дејност, пишувани за неговите ученици, а изведувани од самите ученици. Затоа една од светлините на 19 век е секако и ликот и делото на еден од најголемите просветители кај нас, а тоа е Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Неговата просветителска улога како учител, еден од најголемите методичари на наставата во 19 век, поет, уметник кој целиот свој живот го посветил на просветителската дејност и на учителствувањето. Во ова кратко писание ќе ставиме акцент на Џинот како зачетник на драмсакта уметност кај нас, но и на драмската уметност за деца и за т.н. Училиштен театар кој го развивал. Работата како учител и идејата за воведување народен јазик во училиштата го навела да направи реформи во образованието, па така самиот воведувал предмети кои сметал дека ќе им бидат од голема корист на неговите ученици од Велешкото, потоа Скопското училиште, а и во Прилепското училиште. Пишувањето на еден од првите македонски буквари „Таблица перваја“ по примерот на Доситеовата „Ижица“ кој се користел во 1845 година била вистинско освежување за напредок во образованието. Тој бил страсен учител со народни идеи, неговата цел била да ѝ служи на просветата и на науката. Но, она што нам нѐ интересира е воведувањето на еден за нас нов жанр во 19 век, жанр кој дотогаш не бил воведен кај нас, а тоа се драмолетките кои се едни од главните стожери за развојот на драмата, особено кога на дел од нив може да гледаме и како потенцијална литература за деца, а тоа значи како потенцијален театар за деца кај нас кој потекло води од 19 век. Драмолетките се првите запишани, авторски текстови според кои учениците на Џинот изведувале претстави. Според податоците на Харалампие Поленаковиќ, развојот на Училиштниот театар на Џинот и изведувањето претстави била во дворот на црквата „Св. Богородица“ каде што се наоѓало и Скопското училиште во кое тој работел. Според Поленаковиќ, претставите најчесто се изведувале во недела по богослужбите, кога имало најмногу луѓе и раздвиженост, биле бесплатни и можело да ги гледаат сите кои имале желба. Интересно е тоа што за изведба на претставите во Училиштниот театар учениците носеле и костими, се маскирале, а често користеле и музички инструменти (труби, тапани, лири). Драмолетките се налик на оние ѕвездички што се наоѓале на печатените изданија од печатницата на Теодосиј Синаидски во Солун. Тие се светлината на 19 век, затоа што во век кога особено е засилено влијанието на грчката, бугарската пропаганда, на Цариградската патријаршија, век кога се води клучната борба за воведување народен јазик во училиштата кои биле најчесто под закрила на црковното учение или грчката пропаганда, Џинот ги создава драмолетките кои подоцна ќе имаат големо значење во развивањето драмска уметност кај нас. Но, исто така според некои податоци и според сведочењето на еден од учениците на Џинот, Тодор Мартуклов, Џинот „имал обичај да импровизира симболичко-патриотски сцени, заедно со учениците во текот на наставата.“ Така, во училиштето „Прцорек“ во Велес со своите ученици ја извел претставата на драматизираната од него народна приказна „Мечката и селаните“. Според ова, драмските обиди на Џинот не се изведувале само во Скопје ами и во Велес, а според некои други информации и во Прилеп, кога Џинот учителствувал таму. (Поленаковиќ 2007: 115)

Во период кога македонскиот јазик сѐ уште не е нормиран, Џинот, обрасци за своето творење наоѓал во други литератури: во српската преку делото на Доситеј Обрадовиќ на кое најмногу се огледувал, античките трагедии на Софокле, Есхил и Еврипид, во драмите на Стерија-Поповиќ. Имено, Џинот е првиот што ја (превел) препеал „Антигона“ на Софокле на народен јазик. Во време кога просветителската дејност се потпира на црковните учења, на просветителската дејност на Кирил Пејчиновиќ и Јоаким Крчовски, Џинот прави чекор напред кон модерната просвета и тоа токму со овие драмолетки. Џинот бил заљубеник во театарската уметност и преку неговите драмолетки се обидел и успеал оваа љубов кон театарот да им ја приближи на своите ученици. Со ова приближување можеби не бил свесен дека бил првиот кој изведувајќи Училиштен театар ја дал основата и на театарот за деца и млади, основа за пишување драми за деца. Радува фактот што првите театарски актери на запишани драмолетки кај нас биле деца, биле учениците на Џинот. Фактот што драмолетките биле во најголема мера наменети за неговите ученици, што биле изведувани од неговите ученици ме насочи да размислувам дека токму во ова негово дејание се крие и основата и почетокот на Училиштниот театар за деца кој подоцна ќе се развие и во Театар за деца и млади. Во драмолетките особено доаѓа до израз прекумерната дикактика или онаа просветителска и рационалистичка порака. Во основата на дијалошките сценки со кои ги подучувал учениците преку нивниот просветителско-дидактички карактер е велешкиот говор со примеси и од српскиот, бугарскиот и многу црковнословенизми.

Треба да напоменеме дека драмолетките на Џинот од денешна гледна точка во себе имаат скромна уметничка вредност поради неоформената структура, мешањето на дидаскалиите со текстот, тавтолошки-хиперболизираната порака која е директко искажана, недоволниот број ликови кои дејствуваат, неформулирани драмски етапи… Џинот знаел да бележи дидаскалии, но често ги мешал со текстот, а просветителските идеи или пораката, најчесто е искажана преку дијалогот.

Но, она што е важно и зошто треба овие драмолетки да ги гледаме како нешто многу значајно за нас, е пред сѐ поради тоа што тие ја даваат основата на драмската уметност кај нас, со нив се направени и првите сценски изведби во дворот на црквата „Св. Богородица“, со што Џинот е првиот кој успеал да го изгради односот театар – публика. Драмолетките биле пишувани на народен говор и нивната цел била да подучуваат. Преку овие изведби на учениците се подучувал и народот, се просветувал, учел и се образовал, секако, во духот на 19 вековното живеење.

Џинот, како учител, како поет, како заљубеник во театарот и како вешт методичар го направил она што не секој можел да го направил во виорот на 19 век, ја дал основата за развој на театарската уметност кај нас, го поставил Училиштниот театар. Во 1903 ќе излезе и напишаната драма на Цепенков, „Црне војвода“, напишана според народната песна за Спиро Црне. Овој драмски обид, македонската литературна критика го нарекува „драматизација“ на народна песна. Потоа ќе се родат и битовите драми, па модерните драми, сите тие цврсто потпирајќи се на стожерот на единствениот – Јордан Хаџи Константинов-Џинот. Џинот напишал околу десетина драмолетки кои ги објавувал во „Цариградски весник“ во период од 1851 и 1854 година. Во овој весник објавувал и дел од неговите поетски творби, а редакцијата на „Цариградскиот весник“ увидела дека Џинот пишува на јазик кој е различен од бугарскиот и српскиот, со што уште во 19 век се утврдува посебноста на македонскиот јазик чиј претходник и основа, е секако народниот јазик на кој творел Џинот, но и останатите просветители и писатели во 19 век.

Дел од драмолетките на Џинот може да се најдат и во „Книга за Џинот“ од Гане Тодоровски во издание на Матица. Според Васил К’нчов драмолетките може да се поделат на такви коишто се пишувани за да се издигне патриотската свест кај народот, па дури и даваат една историска слика: „Минерва и девет музи и Остримеч разговарајат ради изгубена Болгарија“; „Србија шетаетсја в земељ своих“. Најголемиот дел од нив имаат дидактично-морализаторска тенденција: „Разговор или прави человек“, „Училиште и учение“ и „Басња“. Исто така, во „Училиште и учение“ и „Басња“ може да гледаме текстови кои може да се читаат како потенцијална литература за деца. Џинот на театарот гледал како на „нужна школа“, а неговото мото, ќе напише Калоѓера било „Со наука до просветување!“ Мото кое во себе треба да го носи секој методичар, учител, ученик, студент, човек воопшто.

Во продолженија е приложена последната зачувана драмолетка на Џинот, „Басња“ која од народен говор на којшто е напишана ја адаптирав на стандарден македонски јазик, со цел да биде полесно разбирлива за оние кои ќе ја исчитуваат и обработуваат или, можеби драматизираат. Според нејзиното име, преку басничен тон и алегориска слика на двајца денгупци, мрзливци и лажговци чии имиња носат полна семантика на некој што многу зборува, бробори (Брборко) и некој што за сѐ има потврден одговор – ДА (Дадалко) е доловено наравоучението во просветителско-рационалистички манир, со класицистички импулси дека не треба да се лаже. Иако станува збор за уметнички скромна драмолетка чии пропусти се лесно видливи затоа што дидаскалиите и дијалогизирањето се мешаат и прелеваат едно во друго како сончеви зраци во летен ден, сепак „Басња“ е круната (последнозачуваната драмолетка). Нејзиниот наслов ја антиципира и специфичната или баснична структура на дводелност. Во првиот дел е прикажано дијалогизирањето во кое се мешаат и дел од дидаскалиите, а во вториот дел е запишана поуката (моралот) која се извлекува од првиот дел. Оваа порака на крајот делува како да се осамостојува и како да го надминува првиот дел. Тоа е така затоа што е напишана во просветителски дух, а просветител како Џинот, инсистирал на пораката и изразување дидактичност на текстот. На својот грб „Басња“ ја носи пренагласената и директно искажаната дидактика, како што е и во поголемиот број драмолетки. Иако со скромна уметничка вредност, фактот што е напишана во време на 19 век кога грчката, српската, бугарската пропаганда и Цариградската патријаршија извршувале културно-уметнички и духовен терор врз населението кое со сите сили се борело за воведување народен јазик во училиштата, кога на светска и европска сцена културните влијанија, драмската и литературната уметност оди во нагорен правец, кај нас се раѓа Џинот кој со својот храбар чекор го носи населението и учениците напред во просвета, а нам ни остава запишани материјали и сведоштва за зародишот на драмската уметност кај нас, воедно и на Училиштниот театар кој работејќи во скромни услови (дворот на црквата „Св. Богородица“) може да го карактеризираме како еден од првите театри кај нас.
Басна
Кој без срам лаже
Бог ќе го накаже

Двајца деногупци и мрзливци, не сакале да работат, но ги броеле деновите кога ќе дојде празник; а и за делници госпотствувале, затоа што тогаш се труделе, а за празник се покајувале.
Кога забележале, дека и во празник гладуваат, си направиле договор меѓусебе на следниов начин:
Љубезен брате Брборко (така му било името на едниот)!
Тој: Слушам мили брате Дадалко (токму така му било името)! Слушам, треба да се јаде. Другиот: Треба да!
Брборко:
Ајде да лажеме за да се храниме.
Дадалко:
Како да лажеме?
Брборко:
Дојди по мене.
И така се приближиле до едно село.
Брате Дадалко! еве јас ќе влезам понапред во селото, и ќе им кажам на селаните, дека во градот има една кокошка, голема колку една камила. Тие може да не ми веруваат, но јас ќе им речам, ако не ми верувате мене, јас немам некаква потреба, па да ви се колнам, сакате верувајте ми, сакате не верувајте ми, ама може некој друг да помине, него прашајте го. А тебе, додека јас не сум го изрекол последниот збор, ќе те прашаат што има, што нема в град. Ти кажи: ништо нема, ништо не видов, ама видов едена белина, т.е. едно јајце колку тапан. Со ова сите селани ќе се уверат, и така ќе се гоштеваме во тоа село, и за пат ќе ни дадат по една погача. На овие двајца денгупци им поминала лагата во тоа село и додека да пристигнат во друго село, ги изеле погачите. Потоа почнале да кројат друга лага за друго село.

Брборко:
Брате Дадалко! Знаеш како ќе влеземе во другото село?
Дадалко:
Не знам сладок брате.

Брборко:
Јас ќе влезам во селото и ќе кажам како си одев по пат, а по патот одеа и околу три илјади камили, кои се разгневија, ги искинаа огламниците и одлетнаа во облаците. Селаните нема да ми поверуваат. Но, ти како после мене дојден, со едното рамо криви. А тие љубопитни ќе те прашаат. А ти кажи дека од небото врнеле, паѓале самари од камили, и кажи како еден самар ти го удри рамото, ти го скрши, со тоа ќе ги увериме и ќе ги наполниме торбите со леб.
На овој начин и во ова село се прехраниле.
Но, на третиот ден, не можеле да стигнат до третото село зашто навјасале облаци од југ, се спружиле, почнало да грми, да блескаат молњи, времето се стемнило и немало каде да преноќеваат. Случајно ќе најдат една напуштена воденица, но од црната темница не ќе можат да ја најдат вратата. Маката ќе ги натера низ оџакот да се протнат и така да влезат внатре.

Брборко:
Јас ќе влезам прв, па ако е во ред, ќе ти дадам знак за да влезеш по мене.
Спуштајќи се надолу, ги повредил колениците што му дошло да плаче и едвај успеал да му проговори на Дадалко и тоа со итрина:
Помал брате! Чекај малку.
Нашол една вила и ја испречил нагоре; па му говори:
Воденицата е полна плевна, убаво ќе се наспиеме, пушти се добор и слободно!
Го дочека на вилата и му ги извади двете очи.

Дадалко:
Зошто така брате? Зошто ми ги извади очите:

Брборко:
Извини брате, јас сакат без нозе да останам, а тебе здрав да те гледам, тоа е невозможно, заедно правевме сѐ, заедно и ќе страдаме. Не се жали ами ајде да им посакаме помин на телата.

Дадалко:
Ете, слеп останав, како ќе одам?

Брборко:
Не се плаши! Ете, ти си здрав и имаш силни плешки. Јас ќе те јавнам и ќе ти го кажувам патот та ете очи и нозе.
Со тој заклучок излегле од воденицата. Стигнале до една круша, преполна со ситни круши (горници).
Сакатиот му вика на слепиот:
Брате, качи се да истресеш круши за да јадеме, зато што, ете два дена гладуваме.

Слепиот се качи и почна да ја тресе крушата, туку од планината излезе една мршојадица мечка одејќи право под крушата. Сакатиот штом ја виде мечката, без да му каже на слепиот, влечејќи се полека, полека се сокри под едни капини. Мечката ги изеде крушите, а слепиот слушајќи ѝ го мласкањето, се налути, помисли дека е другар му, слезе и мечката си го префрли на грб, трчајќи право во капините го најде и сакатиот, и така бедно и несреќно тие двајца лажговци и деногупци ги простила мечката од сакатиот и слепиот им живот.

Ти сине наш! Чувај се од лагите, а најмногу од денгубието и мрзата, зашто тие ќе те научат да лажеш. Лагата е самиот ѓавол. Кој живее со лага тој накрај од Бога ќе прими конец нечесен и неподобен, не само од луѓето што е гнасна и нечесна лагата, но и од великите суштество.

За секого е срамно да лаже, а најмногу за нас Словените. Зашто словенската природа ни е скроена со правда, мажество, добро срце, вера, милост, кроткост, труд, грижливост, неуморност, постојанство…
Лагата прави секој да падне во бедна сиромаштија, бедна клевета, бедна кражба, бедно лажливо поведение, бедно богохулство, бедно грабање, бедно многујадење и пијанство, бедно бессрамие и блудност. Ништо не ти е полошо и поодвратно и посмртно од лагата.
Човекот-лажго го бесчести Бога, ги губи пријателите, браќата ги прави безвредни, а чедата безобразни.
Човекот лажго е груб разбојник и крадец. Фалбаџии и многузборлести и високоуми клеветници му се неговите браќа уште од дедо и прадедо и чукундедо.
Сладок боже, чувај нѐ нас и малите дечиња од сеопштата лага која започнала како колера да ги убива и младите и старите.

7 август 1854 Јордан Х. Константинов
чин- Трајков

Користена литература:
Калоѓера, Горан. 2014. Македонскиот 19 век. Скопје: Македоника.
Поленаковиќ, Харалампие. 2007. Во екот на народното будење, книга 4. Скопје: Култура.
Скрипта. 2019. Македонска драма – реализам и модернизам.
Тодоровски, Гане. 2004. Книга за Џинот. Скопје: Матица.

Елена Ѓорѓиовска, 2021

ЕЛЕНА ЃОРЃИОВСКА е родена на 25.6.1997 година во Прилеп. Дипломирала на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Двапати ја има добиено наградата „Блаже Конески“ за есеј, што ја доделува Филолошиот факултет при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Сака да чита, љуби поезија и ужива во патувања.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија