КРАЛСТВО НА ДОЛГИОТ ПАТ
Ја познаваше ти. Таа беше молчлива, голташе планини
со погледот. Како езерски лилјани кога во мрак те допираат,
во капии се претвoраат до стравовите, таа така те трогна.
Како точка, еден изговорен збор, ти припаѓа тебе.
Знаењето е бескорисно, насоката безлична. Патеката, векот
го одредуваат обликот. Возраста на земјата е мала. Таа рече,
пребројувањето започнува со првото пеење на една желка.
Движењето му го должи своето име на патот. Уште пред Бога
некој рез ги објавува раѓањата, така ти научи.
Ја држиш главата под вода. Во твоето лице
ја чита една риба прекршената светлина и отпливува.
Во рибата е една соба која никогаш не ја напушташ. Врата
кон кралството што се отвора како лисја на пролетта.
Ладно е. Таа ти ја обиколува главата како трабант.
Се враќа кружејќи на почетокот, во грмушка,
до градбата создадена од поздрави. Додека не тргне.
Да талка низ долината, да го прелета воздухот,
по мирисот потоа на грбот на птиците, кој
толку те занесува. Таа се сели со затворени гради, отворенa
уста бара гранки за гнездо. Бидејќи лета,
тешка е. Тој чуден момент кога ќе се разбудиш
во сонот како линија и сонот ти се покорува,
еден натпис се вклопува во сликата на нејзината дланка,
се исцрпува од прашањето – каде беше ти на сопственото раѓање?
Јевгениј Брејгер
Превод од германски: Верица Тричковиќ
ЈЕВГЕНИЈ БРЕЈГЕР (Yevgeniy Breyger), роден е 1989. во Харкoв (Украина), живее во Франкфурт на Мајна. Поетски збирки: flüchtige monde (2016), gestohlene luft (2020). Jа издаде антологијата Ansicht der leuchtenden Wurzeln von unten (2017). Добитник е на наградата Leonce-und-Lena-Preis 2019.