БЕЗ СТРУЈА, Владимир Мартиновски

БЕЗ СТРУЈА

1.

Заглавен во лифт
бришам смс-пораки
Мислам на тебе

2.

Мобилниот рикна
кога ти го кажував
баш најважното

3.

Снема струја: за
миг се сетивме дека
постојат ѕвезди

4.

Батеријата
на компјутерот цркна
Конечно сами

 

ПРЕОБРАЗБИ

Кога те нема се претворам за час во сончоглед без сонце,
во книга без букви, во дом без врати, во дожд без капки,
во контрабас без жици, во тротинет без предно колце,
во часовник без стрелки, во стих без антички стапки,

во чоколадо без какао, во главен град без булевар,
во жирафа без врат, во оркестар без диригент,
во кондор без перја, во улица без тротоар,
во скулптура без глава и без постамент.

Кога те нема станувам орев без јатка,
пчела без ронка мед или себичен
скакулец без виолина в рака.

А кога сум со тебе сум обичен
човек кој знае да крие вешто
дека порано бил сè и сешто.

 

ПИСМО ДО МОИТЕ
БАБИ И ДЕДОВЦИ

Кога ги гледам нештата што ни останаа зад вас:
куќите, книгите, гоблените, џемперите и ордените,
сфаќам дека сепак сте ми оставиле уште нешто далеку
подрагоцено – што во себе ко азно го носам – спомените.

 

НОЌНА СТРАЖА

Што ако никогаш не сум држел пушка
в рака: вечерва решив да стражарам!

Што дека се плашам кога нешто шушка,
со стравот веќе нема да се пазарам.

Иако клепките ми се ко од олово тешки,
решив цврсто: ноќва нема да задремам!

Иако ми се папсани сите мускули и клетки,
сега морам стоички став да заземам.

Што ако еднаш и Гилгамеш го совладал –
ќе продолжам да се борам со сонот!

Што ако досега би го спружил и слонот –
ќе продолжам да бдеам, да му пркосам

на заморот, сè дури не се разбудиш
и на моите милувања не им возвратиш.

 

РЕКВИЗИТИ

(Монолог на актер)

Утрово сите предмети ми личат на реквизити
за некои претстави што допрва ќе се случат
косилката, пилата, распрскувачот против паразити,
тивките апарати што чекаат некој да ги вклучи.

Гледајќи ја секирата потпрена на старата круша
сфаќам дека стеблото некој силно ќе го чукне
гласот на стариот режисер како да го слушам:
до крајот на претставата пиштолот мора да пукне!

Но денес за првпат се осмелувам да одбијам ролја
ми здодеа да им слугувам на старите прелести
за првпат се чини почнувам дури и да се молам
некој друг актер да ги земе в раце острите предмети.

Ја напуштам претставата, не сакам ни да слушам
како некој душмански струга по старата круша.

 

МАРАТОНСКА ПЕСНА

1.

Ги претрчавме сите ледини.
И ливадите со лаванда и лалиња,

но и минските полиња. Попат некои
налетаа на мина. И летаа до ѕвездите.

А други пак направија букети
цвеќе за своите сакани.

Ги претрчавме и сите градови.
И бескрајните славни булевари

и мемливите ќор-сокаци.
Некои ги метеа сокаците со денови.

А други правеа паузи во рестораните
од хотелите со илјада и една ѕвезда.

3.

Ги претрчавме и сите планини
сосе сртовите и терените за скијање.

Некои до полноќ туркаа карпи
на нагорнина а други дури и ноќе

скијаа слалом меѓу недоистурканите
камчиња и вештачкиот снег.

4.

Ги претрчавме и парковите: и оние
со дрвореди и оние со скршени клупи.

Некои се распослаа на својот раскошен
појадок во трева. А други сè уште се

прашуваат како не можат да најдат дури
ни скршена клупа. Па затоа сè уште трчаат.

Владимир Мартиновски

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија