ПОБРЗАЈ И ПОЧЕКАЈ!, Владимир Мартиновски

ВО ЗЕМЈАТА НА ВРТЕЛЕШКИТЕ

Во Земјата на вртелешките најмногу вртоглавици добиваш ако стоиш в место. Во Земјата на вртелешките името на љубената (иако не си му го кажал ни на најдобриот пријател) веќе го шепоти човекот што продава билети.
Во Земјата на вртелешките на истата вртелешка можат да летаат и пет генерации, оти вртелешките живеат многу подолго од луѓето.
Во Земјата на вртелешките сите ја бараат зимата кога е лето, а кога паѓа снег копнеат по морето.
Во Земјата на вртелешките најлесниот занает е да се свртиш кон некоја друга страна на светот и засекогаш да одлеташ.
Во Земјата на вртелешките најтешкиот занает е да љубиш: саканиот или саканата ти се измолкнува од видното поле како оброкот на астронаут во бестежинска состојба.
Во Земјата на вртелешките купувам уште еден билет за уште едно возење. Чекам ред со надеж дека не си ја напуштила Земјата на вртелешките.

 

ПОБРЗАЈ И ПОЧЕКАЈ!

Побрзај да стигнеш до паркот и таму почекај да расцутат дрвцата. Побрзај да влезеш во концертната сала и чекај диригентот да замавне со палката. Побрзај да се качиш на авионот и чекај пилотот да добие дозвола за полетување. Побрзај да го фатиш првиот автобус од аеродромот до градот и таму чекај го трамвајот што ќе те однесе до плоштадот. Побрзај да се качиш со тешките куфери и почекај да ти го побараат билетот. Побрзај да стигнеш навреме на плоштадот, застани до споменикот и почекај ме таму. Побрзај и почекај!
Веројатно малку ќе задоцнам.

 

ДОДЕКА СПИЕШ

Додека спиеш секогаш сум буден, како да живеам на другата хемисфера. Додека спиеш секогаш сум буден, иако прв ги затворам очите. Додека тонеш во сон, клепките секогаш самите се отвораат, небаре се разденува.
Додека спиеш редовно го подотворам покривот на четири води за да можеш да ги гледаш планетите и ѕвездите на сите четири страни на небото.
Свирам по една приспивна песна на сите инструменти од Филхармонијата кога твојот сон е немирен, а кога спиеш цврсто по ѕидовите ковам нови слики за да те изненадат кога ќе се разбудиш.
Додека спиеш, редовно чувам стража да не падне некоја комета од отворениот покрив.
(Додека спиеш внимавам на секој кучешки виеж.)
А кога се будиш, моите очи редовно самите се затвораат и тонам во неколкуминутен сон. Не дека сум уморен – сакам и ти малку да ме гледаш додека спијам.
Уште повеќе сакам кога ме будиш и ме викаш спанко.

Владимир Мартиновски

  

 

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија