ОБДУКЦИЈА НА ИДЕНТИТЕТОТ, Мане Манушев

ОБДУКЦИЈА НА ИДЕНТИТЕТОТ

(… обдукцискиот тим констатираше смрт кај пациентот. Според извештајот направен на 06.03.2020 пациентот ги загубил виталните фунции на самогласките по следниот редослед: А, Е, И, О, У.)

А,
што направивме сите ние?
Стоевме како карпи зад тастатурата,
пишувавме што не боли,
а никогаш вистински не изговоривме,

се колневме удирајќи по копчињата
затоа што знаевме дека
ако ја прекршиме заклетвата никогаш нема да ни се врати казната,

свесно знаевме дека таквата тишина е немир за земјата
затоа што од таа земја врескаат коските на нашите прадедовци,
а нашите деца си играат над неа
без да знаат
зошто толку ги боли кога во трк ќе се струполат на неа.

А ние,
уште молчиме и ги лажеме дека ќе им помине таа болка.

За тие еден ден
благо да удираат по тастатурата и да пишуваат заклетви
лажејќи ги нивните деца дека болката ќе им помине,

додека ние
врескаме од секој корен во земјата.

 

(… според извештајот од вештачењето на самогласката Е причината за смрт останува неутврдена …)

ВИСТИНА Е,

дека поројниот дожд од
безгрижното детство
во кој
како неартикулирани удари по олуците
одекнуваа гласовите на
нашите родители,

никогаш не запре.

Се уште ехото од гласниот шепот
како капки од прокиснат кров
го слушаме како ни вели:
… се ќе биде во ред, ќе биде во ред.

 

ПЕСНА

… Џејмс 86г. – причина за смрт, срцев удар – позитивен,
Франческа 66г. – причина за смрт, мозочен удар – позитивна,
Амар 52г. – причина за смрт, прострелна рана во главата – позитивен,
Семиха (5) и Азра(3) – причина за смрт, залутана граната – позитивни …

Можеби живееме во најлошата ноќна мора
на нашите предци,

охрабрени од нашата сенка,
која ја запознаваме додека

месечината љубопитно ни се мушка
низ прозорското стакло во осамените заклучени домови,

сеуште се
нарекуваме слободни.

 

МОЛК

Дење и ноќе
додека спиев
сонував на илјадници непознати јазици.

Не можев да си ги разберам соновите.

Молчев.

Молчам и сега
кога сите ја кажуваат нивната реалност,

Молчам ( )
затоа што таа реалност е мојот единствен кошмар
кој не можам да го разберам.

 

ИМА МНОГУ НЕКАЖАНИ ЗБОРОВИ

Има многу некажани зборови.
Зборови во ќошињата од ѕидовите.
Има зборови загубени во блендата на мојот фотоапарат.
Таму,
таму има многу повеќе,
има … не само некажани зборови
таму има и изгубени животи (точка)
Изгубени животи
каде аглите од пајажините можат да им бидат сврзници,
а пајаците нивно граматичко мастило
со кое
пак се одново може да биде напишано.

Непишани правила на стаклениот
прозорец искован од четири фрази,
(неделен потсетник)
(јас никогаш не престанувам да патувам),
(везден),

( ),

од тој прозорец љубоморно го гледам секој ден
брановитото море како изгужвана кошула на која
рибарските бродчиња и останале како рашиени копчиња,
а облакот од север како пегла која го изгубила
последниот здив над неа.

Никогаш не ти кажав дека
ќе се сретнеме на клупата на автобуската станица
како стари стихотворби и тишината помеѓу нив,
јас како легнат куфер кој никогаш нема да престане да патува
а ти како последен повик пред тргнување,
како мирисот при собир на стари поети од поетски фестивал
во мала просторија каде поезијата стои како празна чаша на маса,
како шверцување пред смртта или како секојдневно разминување со животот.

 

ТЕМНА СОБА

ул. 11 Октомври бр.15 влез 1/13

Преку стаклото од прозорците
ќе го наследиме целото минато
со спомени исполегнати
како разголени туристи на нудистичка плажа.

Сите измешани фотографии од албумите
расфрлани како детски играчки по подот.

Ќе ги пронајдеме и прочитаме
писмата кои некој сеуште
им ги пишува и испраќа
на одамна мртвите
како залутани стари сметки со
долгови за неплатена радио-дифузна такса.

Нивните гласови ќе ги слушнеме
кога се сретнуваат на балконските жици
како топол ветер и спружени алишта.

Ќе го наследиме целото минато
кое умира со нас од милост,

како пеперутка во детски раце.

Мане Манушев

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија