ВЕТИ ДЕКА ЌЕ БИДЕШ ВЕЧНА, Десанка Максимовиќ, Србија

ВЕТИ ДЕКА ЌЕ БИДЕШ ВЕЧНА

Вети еднаш во детството
дека ќе бидеш вечна,
дека ќе те најдеме по секое наше враќање,
како сенка под куќната стреа,
како куќен праг.

Не се случи ниту една наша пловидба,
а ти да не ја минеш како рибарските жени,
гледајќи кон отвореното море;
не се случи ни бура, ни бродолом,
а по нив,
покрај небото да не го здогледаме и твоето лице.

Каде и да се разбудевме,
беше во прозорецот – ти и сонцето;
секогаш ни беше на дофат на рацете
– како вода,
секогаш како воздух
присутна и неопходна.

Ни вети дека ќе бидеш вечна,
како сѐ на светот што нѐ дочекува
и останува по нас.
И кога умираше
ни се чинеше дека се чувствуваш виновна
затоа што нѐ напушташ.

Десанка Максимовиќ
Препев од српски на македонски јазик: Иван Антоновски

Десанка Максимовиќ (српски: Десанка Максимовић; 16 мај 1898, Рабровица, Ваљево, Кралство Србија – 11 февруари 1993, Белград, СР Југославија) – српска поетеса, професор по книжевност и член на Српската академија на науките и уметностите. Во 1988 година го има добиено Златниот венец на Струшките вечери на поезијата.

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија