СВЕТСКАТА БОЛКА, Ивана Јовановска

СВЕТСКАТА БОЛКА

Седиме на столбови со безбожна осаменост.
Гледаме како лажни кризи и ветувања
на пустините им го земаат мирот пред да си одат.

Далеку од нашите видици
лежат три четвртини од новиот миг.
Нема да ги доживееме поради светската болка.

 

НЕИМЕНУВАНА

Носиме четири торби со тага.
Со тешки стомаци, по пуст пат бавно газиме.
Ѕвездите над нас ни се публика
што стиска палци за да не се расплачеме.

 

ПОТРАГА

Те пребарав низ сите градини,
низ сите ходници, соби и шпајзови.
Се протнав во сите тунели
што ме носеа до нашиот свет.

Ги истражив дупките на ѕидовите,
Фрлајќи сто погледи
кон темните и мирни гнезда на бетонските мисли.

Си реков:
Тешко е човек да те пронајде,
но барем двајцата успешно губиме
во оваа игра на потрага
со еден недостиг по другиот.

 

НА РАКАВОТ ОД ГРАДОТ

Погледни во себе.
Празнините во телото те чекаат да се вратиш.
Бурите стивнуваат за да се помириш.
Пролетните цветови се отвораат за да се разбудиш.
Уличните липи расцветуваат за да се ослободиш.
Новите дождовни капки во симфонија чекаат да се измориш.

Погледни во себе.
Болките во телото сонуваат дека ќе се родиш
како првиот слободен човек на градот.
Како првиот кој ги освестува своите простори.

Ивана Јовановска

Ивана Јовановска (1998) е студентка на катедрата за Општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески” – Скопје. Учествувала на повеќе поетски читања како ,,Астални проекции”, поетските читања во СЦ Дуња, фестивалот ,,Прво па женско 6”. Нејзини песни се објавени во списанието за литература и уметност ,,Современост”, феминистичкиот портал ,,Медуза”, студентскиот портал ,,In Medias Res”, веб сајтот за книжевност и култура ,,окно”. Нејзините интереси се насочени кон ангажираната уметност и општество, а освен со пишување поезија аматерски се занимава и со фотографија.

Цртеж: Владимир Лукаш

Проектот „Шири поезија, не страв“ е финансиран од Министерството за култура                     на Северна Македонија